Сафари на луѓе

Точно три децении по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор (21 ноември 1995), односно од завршувањето на војната во Босна и Херцеговина, тогашните воени случувања во оваа земја повторно се тема број еден во светските медиуми.

Повод е обелоденетата истрага на обвинителството на Милано (Италија) за таканареченото „Сараевско сафари“, кога викенд-снајперистите, докони белосветски богаташи со извитоперен ум, за одредена сума пари, од чиста забава, во време на опсадата на Сараево, доаѓаат во околните брда и со однапред обезбедени снајперски пушки, од околните брда пукаат во цивилите во градот.

Премолчено злосторство

Германскиот „Тагесшпигел“ пишува дека на овие „ловци“, на кои повеќе не им било доволно да пукаат само во животни, плаќале и до сто илјади евра да пукаат во граѓаните на Сараево. Но, италијанскиот новинар Ецио Гаваѕени, кој по сопствената истрага и го покренува случајот пред италијанските судски власти, тврди дека во денешна противвредност, сумата што била плаќана изнесувала и до 300 илјади евра. Тој вели дека кај овие луѓе не постојат никакви морални ограничувања. Метите биле по случаен избор. Без оглед дали се работи за мажи, жени или повозрасни лица. Гаваѕени, ова го нарекува „состојба на апсолутно зло.“

Слични наводи објавува и „Њујорк пост“, со акцент на убиените деца. Францускиот „Франс 24“ емитува специјална репортажа за важноста на процесуирањето на овие случаи. Израелскиот „Ерусалим пост“ оди чекор натаму, тврдејќи дека најскапа мета биле децата, додека убивањето на старците не се наплаќало. Шпанскиот „Ел Паис“ наведува дека италијанските државјани, за време на војната, поминувале и повеќе недели во Сараево, практикувајќи ја оваа активност.

Ецио Гаваѕони, за сараевската телевизија „Фејс“, вели дека, со мали прекини, оваа активност се реализирила секој викенд во текот на 1992 и 1993 година. Тој вели дека треба да се има предвид дека биле организирани меѓу 150 и 200 вакви „аранжмани.“

Граѓаните на Сараево, сведоци на тоа време, велат дека знаеле за оваа приказна, ама дека ним им било сеедно дали ќе бидат убиени од Италијанец, Американец, Русин или од Србин

Американската републиканска конгресменка Ана Паулина Луна иницираше наводите од миланското обвинителство да се истражат и во САД. Таа вели дека е во контакт со босанскиот конзулат во САД, како и со италијанската амбасада, со цел да го истражи американското учество во овој монструозен лов на луѓе.

Но, она што за мене е подеднакво шокантно е дека за оваа појава се знаело и се знае многу пред миланското обвинителство да ја покрене истрагата. И се пишувало за тоа. Уште за време на босанската војна, поточно на 1 април 1995 година, сараевско „Ослобоѓење“, на насловната страница објавува текст со наслов „Снајперски сафари во Сараево“.

Граѓаните на Сараево, сведоци на тоа време, велат дека знаеле за оваа приказна, ама дека ним им било сеедно дали ќе бидат убиени од Италијанец, Американец, Русин или од Србин. Во 2007 година, американскиот пожарникар Џон Џордан, кој за време на босанската војна се пријавува како доброволец во Сараево, каде што е и ранет, сведочи пред Хашкиот трибунал, тврдејќи дека за време на неговиот престој во Сараево забележал ликови, кои според облеката, начинот на движењето и оружјето што го носеле, не му изгледале како локални жители. Тој видел како нив ги водат и ги разместуваат околу познатите снајперски положби. Слични ситуации забележал и во околината на Мостар.

Гаваѕени вели дека и италијанската воена тајна служба знаела за „сараевското сафари“ и има сознанија за групите викенд-снајперисти што заминувале во Сараево.

Пред три години, во 2022 година, тогашната сараевска градоначалничка Бенјамина Кариќ поднесува во сараевското обвинителство кривична пријава против непознати лица за учество во „сараевскиот сафари.“ Во Обвинителството велат дека е оформен предмет и дека се работи на него, но дека уште не е донесена одлука за поведување истражни дејствија.

Во таа 2022 година, на Сараевскиот филмски фестивал, премиерно е прикажан долгометражниот документарен филм „Сараево сафари“ на словенечкиот режисер и сценарист Миран Зупанич, кој во 75 минути ја разработува токму оваа тема. Филмот е прикажан и на сега веќе згаснатата телевизија „Ал Џазира балканс“, а во април годинава е поставен и на платформата Јутјуб, така што е достапен за слободно, односно бесплатно гледање.

Филмот е базиран на сведоштвата на еден американски разузнавач, инаку словенечки државјанин, кој во тие години дури 35 пати престојувал во Сараево и на Пале и директно сведочел на примената на „сараевското сафари“ во пракса. Филмот е илустриран со снимки од Сараево од тоа време, како и со сведочења на најблиските на жртвите од снајперските истрели и навистина предизвикува мачнина во стомакот.

Медицинско сафари

Целата оваа приказна е приказна за комплетното срозување на човечкиот морален и етички систем. И би рекле дека Македонија нема некоја особена врска со белосветските монструозни умови и уште помонструозни случувања. Таа не ги почувствува грозотиите на југословенските војни на својата територија, а богами, верувам, дека немаме ни толку извитоперени богаташи што ќе си дозволат своите пари да ги потрошат на вакви бизарни злосторства наместо на некакви ресорти, џипови, јахти, станбени згради и слични будалштини.

Но, ајде да бидеме реални. Која е разликата меѓу „сараевското сафари“ и изведувањето беспотребни операции на срце? Ќе ви кажам: разликата е во тоа што во Сараево некакви богаташи плаќаат за да ги задоволат своите садистички потреби, а тука некои, претпоставувам доминантно приватни болници, преку своите кардиохирурзи, ги задоволуваат своите садистички потреби за да добијат пари. Во Сараево плаќаш некому за да му го загрозиш животот на некој здрав човек, а тука некој здрав човек плаќа за да му го загрозат живот. Моралното срозување и бездушноста се, според мене, подеднакви и во двата случаи.

Аферата во македонското здравство ми се чини уште помонструозна од сараевскиот „снајперски туризам.“ Ова е како жртвите во Сараево да плаќале дебели пари за да бидат убиени

Ќе кажете дека споредбата е натегната и дека ништо не може да се спореди со она што се случувало во Сараево, во почетокот на 90-тите години на минатиот век. Ниту по обемот на жртвите, ниту по начинот на нивното елиминирање. Можеби. Не знам.

Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции при Министерството за здравство разгледувала 19 случаи. Од нив, во десет случаи е утврдено дека се извршени непотребни кардиохируршки операции, а дополнителни шест случаи се проследени до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, затоа што Комисијата била ненадлежна за нив.

За жал, освен оваа поразителна статистика, од Комисијата не добивме некои важни информации. На пример, во кој период се извршувани операциите, врз која возрасна структура на пациентите се правени, во кои болници се правени, во каква состојба се сега пациентите, кој ги одобрил операциите и, на крајот на краиштата, што ќе се преземе за да се спречи ова намерно животно загрозувачко изживување за профит врз здравјето на луѓето? Ќе се затворат ли болниците што применуваат ваква практика? Ќе бидат ли принудени да исплатат сериозна парична отштета на жртвите? Ќе ги изгубат ли инволвираните лекари лиценците за работа?

Од Комисијата велат дека ќе работат на случаи по пријава, а во некоја втора фаза ќе влегуваат во институции по случаен избор. Што значи тоа? Дека првин треба некој непотребно да ми го оперира срцето, па потоа јас, ако случајно останам жив, да го пријавам докторот. Па, јас да знам дека нема потреба од операција, нема ни да дозволам да ми се прави операција. Или да се молам на некој здравствен бог, Комисијата да влезе во некоја болница тамам пред јас да се оперирам.

Да се разбереме, станува збор за нешто повеќе од половина од разгледаните случаи, плус оние шест што се предадени на Државниот инспекторат. Кој процент е тоа? Од кога се применува принципот „профит врз здрави луѓе“? Каква врска има тоа со медицинската и воопшто со хуманата етика?

Уште кога пред некој месец, доктор Сашко Кедев драматично предупреди на оваа појава, беше јасно дека не станува збор за инцидент, туку за редовна практика. За нешто што, како и во случајот на Сараево, се знае со години, а не се презема ништо. За жал, кај нас нема да се појави никаков италијански новинар, па да го разбуди светот за овдешните мирнодопски злосторства. Ќе го премолчиме ли и ние ова злосторство? Ќе чекаме ли три децении да ги отвориме очите?

Извинете, ама мене оваа афера во македонското здравство ми се чини уште помонструозна од сараевскиот „снајперски туризам.“ Ова е како жртвите во Сараево да плаќале дебели пари за да бидат убиени.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија