Само мртвите риби го следат текот на реката

Колумна на Ирена Цветковиќ

Кога светот е маѓепсан од авторитарни идеи, поставен како ентузијастичка публика, која навива за некакви божем нови, речиси лудачко-секташки политички коалиции на олигарси и политички шоу персони, тогаш демократијата и идејата за еднаквост се во животна опасност.

Ако се прашувате како стигнавме до ова, доволно е да погледнеме барем една деценија наназад и да разбереме дека она што некогаш беше „политички простор“, денес недвосмислено е претворен во „вонредна состојба“, состојба на постојана криза и итност.

Сетете се, на пример, на вестите во 20 век, на вечерните изданија на телевизиските дневници, кои ги гледавме заедно со своите родители и споредете ги со медиумскиот пејзаж денес. Медиумите некогаш селектираа вести од културата, социјалните прашања, глобалните прашања и војни, но и од развојот на мирот, спецификите на различни заедници, технолошкиот напредок и човечките теми и проблеми. Дури и во време на глобални кризи имаше простор за наративи на отпорност, трансформација и надеж.

Медиумите некогаш селектираа вести од културата, социјалните прашања, глобалните прашања и војни, но и од развојот на мирот, спецификите на различни заедници, технолошкиот напредок… Дури и во време на глобални кризи имаше простор за наративи на отпорност, трансформација и надеж

Денес, вестите веќе се врамени жанровски во еден континуиран хорор. Наместо рамнотежа (која е нужна за јавното ментално здравје), ние сме присилно ставени на еден специфичен „режим на исхрана“, кој се заснова единствено на идејата за катастрофа вградена во постојаното известување исклучиво за војни или закани од војни, корупција, економски колапс, климатски кризи и сето тоа зачинето со морална паника.

Јас не тврдам дека ова се неважни теми за медиумите и јавноста. Напротив, тврдам дека се исклучително важни и вредни за јавниот интерес. Сепак, она што го тврдам е дека изборот на креирање ваков тип на јавен политички дискурс е намерен и опасен. Особено опасен за обичниот човек, а исклучително поволен за политичките и за бизнис-елитите.

Екстремната десница, медиумите и неолибералните институции придонесоа до тоа да го изедначиме нашето политичко искуство со искуство на еден константен паничен напад, кој никогаш не завршува. Во оваа бескрајна криза, ние сме фрлени во замката, која од нас бара постојана реакција, не нудејќи ниту простор, ниту време за размислување, рефлексија и структурни промени.

Сепак, сè уште не е време за капитулација.

Го разбирам сентиментот на разочарување и очај пред овој налет на фашистички политички чекори во светот. Разочарувањето е моќна политичка емоција, таа истовремено сигнализира и инвестиција во подобар свет и признание дека овој свет не успеал да го материјализира тоа. Со други зборови, мора да одолееме на ризикот, разочарувањето да нè одведе до повлекување и цинизам, и да се втурнеме во канализирање на овој страв, очај и лутина во продуктивна политичка енергија. Само мртвите риби го следат текот на реката, а ние сме, фала Богу, уште живи.

Сведочиме на еден спектакл на сеопшто уништување, кое создава паника и исцрпеност… Не смееме да заборавиме дека најотпорните движења функционираат во бранови, односно ја препознаваат потребата од одмор, рефлексија и од одржливо дејствување

Оттука, преплавувањето на јавната зона со катастрофи, хиперпродукцијата на „вести“ и „квази-политички настани“ и забревтаното креирање морална параноја и паника има за цел да нè збуни, уплаши и да нè парализира додека глобалната елита или ја нормализира идејата за екстремна десница или ја одржува на апарати за дишење мртвата неолиберална, вљубена во капитализмот- левица. Па, што да се прави во таква ситуација?

Потребно е да го разбереме разочарувањето, и во тој процес да исцртаме нов политички хоризонт. Наместо да паднеме во очај, можеме да почнеме да поставуваме прашања и да бараме одговори што ќе нè доведат до лоцирање на корените на проблемот и до замислување на нужните иницијативи за нивно искоренување.

Разочарувањето треба да го претвориме во алатка за организирање. Ако разочарувањето сигнализира неуспех, тоа, исто така, појаснува што треба да се изгради.

Потребен е итен премин од реакционерство во долгорочно политичко стратегизирање. Наместо да бидеме вовлечени во секоја, однадвор креирана провокација, мора да се фокусираме на реални иницијативи, кои ги зајакнуваат и ги оживуваат нашите движења или групи.

Потребни ни се нови колективни простори за политичка имагинација и акција. Изолацијата го поттикнува очајот, но заедништвото споделено во простор и во време, посветени на анализирање на сегашноста и солидарност со мнозинството, кое е непривилегирано и ранливо, е предуслов за отвореност и надеж.

Треба да се спротивставиме на итноста што ја диктира кризата и да се спремаме, не за трка, туку за маратон, кој бара работа во бранови наместо спринт. Сведочиме на еден спектакл на сеопшто уништување, кое создава паника и исцрпеност. Сепак, итноста не треба да биде алиби за хаос. Не смееме да заборавиме дека најотпорните движења функционираат во бранови, односно ја препознаваат потребата од одмор, рефлексија и од одржливо дејствување.

Ние мора да почнеме да го обликуваме разговорот наместо да одговараме на лажни обвинувачки прашања…мора да најдеме начин да се мобилизираме врз основа на споделена визија и надеж наместо врз страв

Потребно е да преземеме контрола врз наративите, да креираме наративи наместо постојано да одговараме на постоечките. Исцрпеноста што ја споделуваме, меѓу другото, е и резултат на постојаното безуспешно спротивставување на милитантни и манипулативни наративи, кои луѓето истовремено ги хранат со омраза додека ги лишуваат од моќ и ресурси.

Ние мора да почнеме да го обликуваме разговорот наместо да одговараме на лажни обвинувачки прашања.
Конечно, мора да најдеме начин да се мобилизираме врз основа на споделена визија и надеж наместо врз страв.

Стравот може да мобилизира, тоа го гледаме во растот на поддржувачите на екстремно десничарските идеологии, но не заборавајте дека мобилизациите врз основа на страв не успеваат да дотраат долго. Стравот ги прегорува движењата. Она што ги одржува во живот, тоа е споделената желба, имагинација и радост.

Оттука, најрадикалното нешто што денес можеме да го направиме е недвосмислено и посветено да се спротивставиме на обидот да ни ја украдат енергијата и надежта. Ако дозволиме да ни го украдат и тоа, тогаш време е да се препуштиме на текот на реката.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија