Десетина дена бев оддалечена од домашниве настани, и гледам дека ништо не се сменило. И натаму трае лицитацијата на тема „метла“ – овој треба да замине, оној треба да замине, што само укажува на каков тривијален начин сме многу далеку од целта. Не поради фактот дека кадровските промени сѐ уште не се реализирани, туку затоа што сите чекаат операцијата да ја спроведе премиерот во консултација со коалициските партнери. Патем, она што најмногу пречи во оваа епизода, е ненаситната жед за сеир и кадровска „крв“.
Притоа се забораваат неколку клучни работи. Во држава што чека почеток на преговори со ЕУ и која промовира свест за потребите од длабоко реформирање на општеството, соопштувањето на билансот за (не)сработеното досега, воопшто не мора ексклузивно да дојде од премиерот. Лицата што ја добиле довербата да бидат на различни позиции и нивоа на власта, ако имаат вистинско чувство за реалноста и нивните резултати или модел од однесување наспроти очекувањата на граѓаните, не треба да чекаат премиерот да „отсвири“ крај.
Најголема демократска придобивка за едно општество е ако се увериме дека имаме функционери што знаат сами да се повлечат
Промените, пред сѐ, бараат самосвест за потребата од нив – самоодговорност. Најголема демократска придобивка за едно општество е ако се увериме дека имаме функционери што знаат сами да се повлечат.
Затоа, не е чудно да има и замор, и погрешен кадровски избор, и не секаде добри резултати.
Токму поради фокусот на „Преспа“, грешка е што одредени кадровски промени не се случуваа тековно. Многу полесно е да се реагира на акутен проблем и да се спречи тој да добие карактеристики на хроничен, наместо да се чека промените да добијат кампањски призвук на генерална „чистка“ или „метла“, прилично пежоративни изрази кога станува збор за луѓе.
Токму поради тоа, а во име на устоличувањето на чувството за лична одговорност,
многу подобро е тие што не успеале најдобро да го управуваат кокпитот на позициите, кои не оствариле доволно резултати, кои се чувствуваат изморени или сакаат да дадат шанса на друга генерација – сами да се повлечат од позициите. Тоа ќе биде одличен пример за сите идни функционери и влади, практика што ќе заживее и кај нас, без да мора да се повикуваме на примери во старите демократии.
Така се прави суштинска разлика.
Груевски, на пример, ја заврши неговата владејачка деценија со дел министри и раководни лица, кои беа во неговите влади уште од 2006 година. Нему веројатно му користеше тој фиксен кадровски бедем, но ако се прашуваа граѓаните (за жал, не се прашуваа), ќе беше јасно дека голем дел од нив си здосадија и себеси, и на граѓаните, и на Бога, а за некои од нивните резултати денес најмногу се расправа во судски процеси.
Но, дури и некој да е најуспешен министер, десет години на иста функција не е здрава позиција. Тоа не е добра порака од власт што се залага за „преродба“, за „промени“ или „напред“, ако спротивно на тоа целата филозофија на кадровскиот избор ја сведува на непроменлива екипа и кога со неа можеби не губи, но и не добива.
И ова не мора да важи само за извршната власт, каде што од осамостојувањето до денес не сме виделе повеќе од две-три оставки на лична иницијатива, што е веројатно најскромниот биланс во земја на европското тло. Тоа мора да важи и за законодавната, и за локалната и за судско-обвинителската власт.
Не сме виделе ни да се повлече судија или обвинител, иако имало многу причини. Не сме виделе ни градоначалник да даде оставка. Добил функција и ќе спие четири години. Ако не им текнува дека треба да си одат, ризикуваат јавно да бидат прозвани. Како што беа.
Секој работел колку што можел и знаел, но има и луѓе кои можат и подобро и повеќе. Ќе дојде период во кој „некои нови клинци“ ќе можат уште подобро и повеќе од претходните
Или сѐ уште не разбрале дека најголемата придобивка од претседателските избори не е само тоа што избравме претседател, туку што граѓаните испратија јасни пораки. Тие што ќе ја научат оваа лекција, ќе бидат сигурни победници на следните парламентарни избори. А тие што ќе се однесуваат како во вицот за мала криза, сигурно ќе бидат опозиција.
Просто како грав.
И не знам зошто е толку тешко да се разбере дека од промените добиваат сите. Тие што достоинствено ќе се повлечат, го ставаат темелот на идната, посилна доверба кај граѓаните. Никој не мора да чека да се реализира некаков ветинг или да биде предмет на сеирџиства за опсегот на метлата со спуштањето на нивото на јавна дебата за овие важни процеси.
Секој работел колку што можел и знаел, но има и луѓе кои можат и подобро и повеќе. Ќе дојде период во кој „некои нови клинци“ ќе можат уште подобро и повеќе од претходните. Тоа е природен процес на зреење и внатрешна конкуренција, нова енергија и мотивација, кои се основен предуслов за подобри резултати. Притоа, изборот на тие кадри ни случајно не смее да биде лимитиран со оправдувањето „овој не е наш“ партиски член.
Мора да се изберат најдобрите, најкомпетентни кадри во државата, а не најдобрите кадри во партиите. Тоа треба да биде новата додадена вредност на промените – промена на матрицата на размислување и однесување, а не простата замена на партиски Петко со партиски Станко. Во спротивно, зошто ни се промени, ако во крајниот ефект сѐ останува исто, освен имињата на новите носители на функциите.
Сѐ е минливо и менливо, но она што треба да биде константа и „свето тројство“ за тие што ќе дојдат на испразнетите позиции се чесност, професионалност и скромност. Нема ќар од „професионалец“, ако ги има другите фалинки, бидејќи, колку ќе донесе, уште повеќе ќе однесе.
И тоа сме ги виделе. Граѓаните бараат комплетен квалитативен „пакет“.