Регион

БиХ: Поранешен полицаец осуден за мачење на српски затвореници

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Емина Диздаревиќ, Сараево

Кахро Вејзовиќ (лево) со својот адвокат | Фото: БИРН

Поранешниот полицаец, Кахро Вејзовиќ, е осуден на шест години затвор, за мачење на цивилни затвореници од српска националност, во селото Ступари, Босна и Херцеговина, во 1992 година.

Апелациското одделение на Судот на БиХ, го осуди Кахро Вејзовиќ, кој за време на војната бил полицаец во полициската станица Ступари кај Кладањ, на шест години затвор, за злосторства извршени врз цивили од српска националност.

Вејзовиќ беше прогласен за виновен дека во периодот од јуни до септември 1992 година, измачувал заробени српски цивили во Ступари, удирајќи ги по целото тело.

Во текот на постапката беше речено дека Вејзовиќ, ги удирал затворениците по главата и во гениталиите со тупаници, чизми, палки и со кундак од пушка, дека им ставал пиштол и нож под грло, дека им се заканувал и ги принудувал да јадат хартија.

Претседателот на судскиот совет, Милош Бабиќ, изјави дека сведоците коректно сведочеле за сѐ што им се случувало, за она што го слушнале или го виделе.

„Советот имаше предвид дека постојат разлики во сведоштвата, но овие разлики не го доведуваат во прашање кредибилитетот на фактите“, рече Бабиќ.

Во август минатата година, Вејзовиќ беше ослободен по 14 точки од обвинението.

До обновување на судењето дојде по делумно прифаќање на жалбата на обвинителството, по што беше наложено судење по седум точки, додека по другите седум, што го товареа за мачење на мажи од српска националност во Ступари, Вејзовиќ беше ослободен.

На Вејзовиќ првично му се судеше заедно со Сафет Мујчиновиќ, Селман Буснов, Нусрет Мухиќ, Зијад Хамзиќ, Рамиз Халиловиќ, Неџад Хоџиќ и Осман Гогиќ, кои со првостепената пресуда, беа ослободени од обвиненијата за воени злосторства извршени во Кладањ, во периодот од мај 1992 до јули 1993 година.

По две години, неговиот предмет беше одвоен од другите, поради неговата болест.

Против оваа пресуда може да се вложи жалба.