Регион

Поранешeн командант на полициските сили на РС бара отштета од БиХ

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Горан Сариќ во судница | Фото: Суд на БиХ

Горан Сариќ, поранешен командант на специјална полициска бригада на силите на босанските Срби, кој беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства во Сараево и за учество во геноцидот во Сребреница, побара од Босна и Херцеговина да му исплати отштета во износ од 22.000 евра.

Адвокатката на Сариќ, изјави дека нејзиниот клиент ја тужи БиХ, од која бара, како отштета, за мерките забрана кои му беа наложени за време на судењето и за психичката болка што ја преживеал, да му бидат исплатени 43.000 конвертибилни марки (22.000 евра).

Имено, додека му се судеше пред Судот на БиХ, во два одвоени случаи, на Горан Сариќ, кој и во двата случаи беше ослободен, не му беше дозволено да излегува надвор од државата и да комуницира со сведоците.

Адвокатката на Сариќ, Озренка Јакшиќ, предложи вештачење од страна на експерт, психијатар.

„Неопходно е експерт да изрши вештачење, за да се утврди влијанието на претрпената ментална болка, страв, негативен контекст во јавноста поради судската постапка, како и на пречките поврзани со одржувањето на вообичаените семејни и други врски, и должината и интензитетот на другите индивидуални пречки, поради изречените мерки на забрана”, рече Јакшиќ.

Од државното правобранителство нагласија дека барањето треба да биде одбиено, особено во однос на мерките за забрана, кои, според правобранителството, биле оправдани.

Во ноември минатата година, Сариќ беше ослободен од обвиненијата за учество во геноцидот извршен во јули 1995 година над Бошњаците во Сребреница.

Тој беше ослободен и од обвиненијата дека дал инструкции и вршел контрола врз заменикот, Љубомир Боровчанин, кој во Хашкиот трибунал беше осуден на 17 години затвор за злосторства во Сребреница, и дека им помагал на членови на здружениот злосторнички потфат, да извршат геноцид.

Во ноември 2014 година, Сариќ беше ослободен од обвиненијата дека, како началник на станицата за јавна безбедност Центар, ги надгледувал мажите кои биле затворени во психијатриската болница Јагомир во Сараево во 1992 година, од кои дел подоцна биле убиени.