Се тресе гората…

По обичај, кога нема искрена подготвеност да се расчистува со корупцијата и криминалот, сега и веднаш, експресно се најавуваат големи проекти за утре-задутре. Најновата играчка ќе биде – закон за ветинг.

Вистината е дека и без ветинг ги имаме сите законски можности и антикорупциски механизми и алатки за сузбивање на тој проблем. Кој е подготвен, тоа може веднаш да го докаже: Hic Rhodus, hic salta! На граѓаните им е смачено да слушаат тридецениски прикаски за големи борби, во кои постојано се тресе гората и секогаш се раѓа – глушец.

Од сликата за ваква практика може да се изземе Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) бидејќи таа покажа како треба, дури и со недоволни кадровско-технички ресурси, вклучително и неповрзаноста со бази на податоци во други институции.

Практично „пеш“ трагаат по податоци, кои би требало да ги добиваат со еден клик. Не знам дали оваа неможност е случајна или намерна пречка за нејзината работа, ама имајќи ја предвид летаргијата што како магла е спуштена во институциите, би рекла дека сепак е од „немукает“, но добредојдена за ловците во матно.

И покрај многуте ограничувачки околности, и покрај критиките што честопати без основа ѝ се упатуваат, ДКСК е ретка, светла точка во актуелното сивило. Не треба да се заборави дека имаше состави на Комисијата, кои и не ја разбраа нивната улога во тоа тело или ја разбираа обратно. Нема нешто што не сме виделе.

На граѓаните им е смачено да слушаат тридецениски прикаски за големи борби, во кои постојано се тресе гората и секогаш се раѓа – глушец

Имавме „антикорупционери“ што не сакаа да ги направат достапни нивните анкетни листови за имотната состојба. Имавме и еден поранешен претседател на ДКСК, кој наместо да повика – да ја искорениме корупцијата за век и веков, тој побара од новинарите „никогаш повеќе“ да не го прашуваат за имотниот лист на Никола Груевски.

„Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме, за век и векови, амин“, порача тој во април 2016 година, за нешто што требаше да биде јавно објавено на сајтот на ДКСК и никој да не мора да прашува или да моли за податок. Така беше пред шест години. Ама луѓето забораваат.

Денешнава ДКСК не може да биде одговорна ако нејзини пријави не се процесираат, ако се игнорираат или стојат во нечија фиока. Кога нејзината обврска е завршена, вината треба да се бара таму каде што има застој во синџирот на постапување.

За илустрација – да не беа напорите на ДКСК да прибере информации по анонимна пријава за предвремено полагање правосуден испит, не ќе знаевме дека 449 студенти со завршени правни студии во траење од шест семестри (180 ЕКТС кредити), кои се еквивалентни на VI степен образование, добиле уверенија со несоодветна квалификација – за VII/1 степен. А тоа го дознаваме, бидејќи ДКСК барала Државниот просветен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во конкретниот Универзитет, не еднаш, туку двапати.

А, што ако ДКСК не работела на таков предмет? И што ако не инсистирала на контрола? Зар инспекцискиот надзор не треба да биде основна, редовна и континуирана работа на еден Државен просветен инспекторат? Да, ама очигледно не бил, со оглед дека утврдените податоци за уверенијата се однесуваат за периодот 2008-2012 година, а ние дознавме за нив во 2022 година! Тоа е само еден пример.

Генерално, годините поминати во мижење, непостапување и неказнивост ги направија корупцијата и криминалот општоприфатена навика, дневна рутина, нешто како „добро утро“ и „добар ден“, како единствената опиплива содржина, чиј бројчаник неуморно врти, за разлика од оној закачен и закочен на Триумфалната порта. Парите полесно добиваат крила да „одлетаат“ во приватни џебови, отколку да се вратат во буџетот. 

На корупцијата не ѝ требаат ни двојазични декларации, налепници и сертификати. Нејзината „стока“ не е во јавен излог, не се рекламира, ама непречено тече во, институционално нерасветлен мрак, каде што се разменуваат услуги, противуслуги, трговија со влијание, провизии…

Генерално, годините поминати во мижење, непостапување и неказнивост ги направија корупцијата и криминалот општоприфатена навика, дневна рутина, нешто како „добро утро“ и „добар ден“

И сега „мечката“ заигра пред вратата: тим за санкции од Вашингтон ќе чепка во купот што ни е натрупан под тепихот. Има таму од сѐ по нешто: од трансмандатни ујдурми, предмети во фиоки, интересни спогодби, офшор-приказни, градежни марифети, трговци поединци со влијание, до мижење пред фалсификувани дипломи, рекетари, дилери, лихвари… Накусо – голема несанкционирана армија, која удобно е инсталирана во сите пори на општеството.

Не сум оптимист дека целиот тој талог ќе биде расчистен. Можеби ќе биде раздрман и ќе се растресе посилно правот од досегашното непостапување на институциите или од нивно соучесништво во прикривање корупција и криминал. Но, не исклучувам и дека може да „преживеат“ нечии криминали, ако се оцени дека одредени протагонисти се „корисни“ за некои идни политички процеси.

И тоа не мора ништо да значи. Сепак, постапките се водат во наши институции, кои, ако ја сфаќаат пораката од ваквата „посета“, еднаш можат и самите да се охрабрат, да покажат дека постапуваат без политички директиви, опортунизам и калкулации. Тоа би бил единствениот достоен одговор за почеток во расчистувањето со срамот. Ако го нема – ќе биде само чекор кон крајот, на држава разјадена однатре.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија