Репортажи

Спејс Тетово: Промовиравме инклузивност, тоа е неприфатливо за овој град

БИРН во посета на затвореното културно катче во Тетово

„Што барате тука? Кои сте вие? Зошто фотографирате?“. Тројца цивили ни го попречија патот и непријателски нè испрашуваа, кога минатата недела отидовме пред зградата на Социјалниот културен простор во Тетово, познат како Спејс Тетова (Social Cultural Space Tetova).

Таа е зградата од која Општината и градоначалникот Биљал Касами, пред десетина дена ги избркаа младите тетовци, кои четири години таму организираа културни настани, како што се концерти, изложби, проекции на филмови и разни работилници.

Новинари сме, им се претставивме и драстично го сменија пристапот. Ни рекоа дека се „вработени во Општината“, но со ништо не го документираа тоа и почнаа да се жалат:

„Добро, а знаете ли до кога ќе бидеме овде? Имате ли информации? Уморни сме, по цели денови го чуваме објектот.“

Општината и градоначалникот Биљал Касами, пред десетина дена ги избркаа младите тетовци, кои четири години таму организираа културни настани

Волонтерите од културниот центар сметаат дека овие луѓе се поврзани со партијата Движење БЕСА, која ја предводи градоначалникот Касами. Истите структури, велат тие, при крајот на минатиот месец ја смениле бравата од влезната врата на центарот и оттогаш ревносно ја чуваат зградата од сите.

„Сега наместо Движење БЕСА, тие се Движење Брава“, цинично вели еден од повозрасните волонтери, кој токму поради овие луѓе се плаши да зборува јавно за проблемот.

На влезната врата од зградата сега е потпрен натпис „Општина Тетово“, веројатно за да нема некаква дилема чиј е просторот и кој управува со него.

За Општината овој случај е завршен. Оттаму нè уверуваа дека го ослободиле просторот за да го користат сите невладини, а не само оваа организација.

„За користење на овој простор, здруженијата мора да поднесат барање до Општината, во кое ќе ја опишат активноста, точното време и датум, бидејќи на овој начин ќе им дадеме можност на сите организации да го користат овој простор. Право на користење секако ќе имаат оние здруженија што први ќе поднесат барања“, се вели во огласот објавен деновиве на сајтот на Општината.

Од руина до културен центар

Зградата каде беше културниот центар | Фото: БИРН/Г.Т.

„Ние бевме домаќини на објектот, а не газди. Барем десетина други организации го користеле центарот, и Албанци и Македонци“, објаснува волонтерот со кој разговаравме.

Пред четири години, група млади, претежно студенти, се сетиле да го преуредат просторот каде што до 1990-тите функционирало Радио Тетово.

Во 2018 година тоа била двокатница што се распаѓа.

Неделно организирале по четири или пет настани, а во рамките на центарот имало и таканаречен coworking space што младите можеле да го користат како канцеларија

Луѓето од Social Cultural Space Tetova се поврзале со европска фондација, која помага иницијативи културно да заживеат напуштени простори. Ја лоцирале зградата и тогашната администрација на Општината, предводена од поранешната градоначалничка Теута Арифи, им дозволила да го користат.

Склучиле меморандум за соработка – организацијата се обврзала да инвестира во објектот, а за возврат бесплатно да го користи и Општината да ја плаќа струјата. Сè друго било направено од парите што младите ги добиле преку европските грантови.

„Неколку камиони шут исфрливме при реновирањето“, раскажува волонтерот.

Тој тврди дека вложиле 40.000 евра во објектот. Наместиле нов под, ги замениле прозорците и со свои пари наместиле нова кујна, додека Општината им помогнала само околу реновирањето на кровот.

Еден од настаните одржани во културниот центар | Фото: Facebook

Во моментов, вели тој, заробена им е опрема вредна 25.000 евра во зградата. Тоа се компјутери, проектори, миксета, канцелариски мебел и опрема, музички инструменти и сеф, во кој солидарно собирале пари за активности.

Неделно организирале по четири или пет настани, а во рамките на центарот имало и таканаречен coworking space што младите можеле да го користат како канцеларија доколку немале каде да работат на своите проекти.

Аргументот на локалната самоуправа е дека организацијата нема договор за закуп на просторот и од правен аспект

Од таму зрачела и радиоемисија на која се пуштала музика и се воделе разговори за проблемите на младите во Тетово, а во тоа студио има и инструменти што младите музичари од овој град можеле бесплатно да ги користат.

Аргументот на локалната самоуправа е дека организацијата нема договор за закуп на просторот и од правен аспект, меморандумот е само искажување добра намера што нѐ обврзува.

Од друга страна, пак, здружението ангажирало адвокат, прво да им ја врати опремата, а потоа и да докаже пред судот дека меморандумот им овозможува автономно да го користат просторот до 2024 година.

Модернизмот во судир со традиционалното

Излог од соседството | Фото: БИРН/В.А.

Низ јавната полемика во Тетово за културниот центар, на површина излегува една поинаква димензија, која би можела да стои зад затворањето на културниот простор. Се чини дека активностите на младите тетовци, финансирани од европски донатори, не соодветствуваат со светогледот со оние што сега ја раководат Општината.

Градоначалникот Касами, на прес-конференција рече дека во центарот се „пуштала порнографија“.

Волонтерите претпоставуваат дека за Касами порнографија претставувал медитативниот концерт на една млада уметница што се одржал под „задушени“ светла, а публиката лежела на под. Тие претпоставуваат дека за властите во Тетово, проблематичен бил и настан на кој се раскажувале таканаречени „женски приказни“.

„Тоа нема врска со порнографија. Тоа се луди обвинувања. Проблемот е што промовиравме инклузивност, нешто што е ново и несфатливо за менталитет во овој град.“

Општината вели дека реагирале и луѓето што живеат околу културниот центар, се жалеле дека младите им вревеле и им пречеле на соседите.

Зградата е сместена во маало, во стариот дел на Тетово, опкружено од збиени фамилијарни куќи и многу локали каде што се продаваат исклучиво традиционални албански носии и хиџаби.

Денес само налепница на прозорецот и натпис на влезната врата сведочат дека тука некогаш имало културен центар за млади и уметници.