Дојдовме до критичната точка на нашето внатрешно ферментирање по прашањето на името. А тоа е да нѐ боли уво за придавката што ќе биде вметната како средно уво за долгорочна стабилност на „старата мома“ Македонија.
Не толку одамна, за „северна“, „горна“, „долна“, „влажна“ или „подмочана“ луѓето беа подготвени да се гаѓаат со тезги на пазар со закрвавени очи од гнев, бранејќи ја својата омилена придавка, а сега ти му велиш дека ќе бидеме „горна“, а него го заболе „долниот“ и продолжува да се ценка за марулата. Што е одлична основа за конечно решавање на долгогодишниот спор, апсурден, но не поапсурден од останатите апсурди на секојдневниот надоаѓачки живот на нашата сакана татковина Апсурдистан.
За мене се прифатливи сите имиња што нема да одат на референдум. Тоа значи дека од властодршците што ги плаќам со мојот данок очекувам да си ги соблечат опинците и да си го изодат патот по врелиот жар без непотребно со спреј да го загрозуваат мојот десен палец и без нови патни трошоци за новата ДИК.
Или поинаку кажано, некои одговори не заслужуваат прашање.
Затоа, без еуфемизми и сексизми, господине Коѕијас. Госпоѓава ниту ќе ја мажиме, ниту ќе ја крстиме, ниту ја токмиме за бадниковата поворка на господин господин Петре Шилегов. Единствено што можеме да направиме е да ѝ обезбедиме долговечна старост и членство во пензионерските домови НАТО и ЕУ, каде што може да се надева на топол дом и редовен оброк.
За мене се прифатливи сите имиња што нема да одат на референдум. Тоа значи дека од властодршците што ги плаќам со мојот данок очекувам да си ги соблечат опинците и да си го изодат патот по врелиот жар без непотребно со спреј да го загрозуваат мојот десен палец и без нови патни трошоци за новата ДИК
Да, во Македонија не изумреа целосно веганите-патриоти подготвени да јадат корења за потребите на борбата за името, но нивната сила драстично е опадната со тоа што некои од нив се префрлија од корења на специјалитети од мензата на притворот во Шутка, други се прилагодија на промената на власта, па сега гледаат да каснат и нешто од новиот живот, трети се скрија во подрум и чекаат да дојде новата ера за да излезат, четврти се зафатени со пребројување на парите што ги лапнаа по разни основи, сите до една патриотски. Како и да е, падот на тиражите на делата на Ниче Македон е исто така добра прилика за решавање на спорот.
Исто така, не треба да се потцени и запрашувањето со алуминиум. Не е исклучено за потребите на решавање на спорот да се засили и запрашувањето со нови дози, дури и да се активира „Алуминка“, што може да значи и директна економска придобивка од преговорите. Во прилог на ваквото сценарио оди и маглата врз целата територија на Апсурдистан, така што канадерите со резервоари полни алуминиум за гаснење на сите изблици на патриотизам можат да хараат по македонското небо незабележани од никого. Не можат да ги фатат ни радарите на антенската кула на АЕК на Водно, зашто остана неизградена поради неочекуваниот пад на фамилијата на Никола Груевски од власт.
Новово име е како инјекција против болки. Колку побрзо ни го стават, толку побрзо ќе престане да нѐ боли. Стравот од инјекции полека попушта пред долгогодишното страдање од хронични болки.
Заев е храбар човек. А храбрите луѓе не си ја проверуваат својата храброст на референдум. Затоа, храбро кон конечно решение за да не мора и следната нова година да ја чека во Солун, наместо како сиот нормален свет – во кругот на семејството, дома, со сарма, руска салата и новогодишната програма на речиси реформираната МРТВ.
Не е исклучено за потребите на решавање на спорот да се засили и запрашувањето со нови дози, дури и да се активира „Алуминка“, што може да значи и директна економска придобивка од преговорите
Така е, Македонија е беззаба старица, но тоа не значи дека е безопасна за околината. И за себе. Најдобар доказ е веста што ни дојде од Швајцарија, каде што властите уапсиле 80-годишен маж поради сомнение дека ограбил банка во близина на кантонот Луцерн. Осомничениот признал дека во декември минатата година извршил грабеж во банка. Македонија, претставена преку државата што го носи нејзиното име, со години нѐ ограбува за потребите на тесен круг олигарси и нивните потесни семејства, така што не е исклучено тоа да продолжи да го прави до нејзината 80-годишна возраст, па и потоа, ако не биде згрижена во соодветна установа. Чудно како општата слабост и лошата здравствена состојба не влијаат на нејзиниот капацитет да нѐ краде, дури би можело да се каже дека клептоманијата на дисфункционалниот државен апарат расте со годините.
Да заклучам, решението на спорот за името нема магично да ги реши сите останати проблеми во државава, но ќе овозможи Македонија да се социјализира и да се дружи со друштво соодветно на нејзините потреби, наместо да скапува сама во својот апартман со име на луксузен хотел, а услови на хостел во близина на напуштена железничка станица.
Не знам дали ова ќе биде златна година како што вели вицепремиерот Бујар Османи (за ДУИ секоја година е златна последниве 15 години ако се суди според тендерите), но кога е спорот за името во прашање немам дилеми – сега му е мајката.