Оној што не ја разбира сенката, подобро нека не сади дрво.
Знам дека се сетив на оваа мудрост уште во времето кога сега толку актуелните јапонски цреши се садеа во центарот на градот, на потегот што ние своевремено го нарекувавме „Грација“. Ми текнуваат и сега, по ископачувањето на црешите и садењето нови садници.
Лесно е човек да биде паметен отпосле и да каже: „Знаев дека дрвјата ќе се исушат“. (Иако, ако сакаме да бидеме искрени, никогаш, ниту однапред ниту отпосле, не е лесно да се биде паметен). Не се сеќавам дали во тоа време, кога се садеа јапонските цреши, напишав некој збор против овој потег, ама знам дека со сомничавост гледав на засадувањето на црешите.
Ако не излегов во јавност со некој текст во оваа смисла, тогаш за тоа постојат две причини: или имало теми што ги „поклопиле“ црешите или, пак, сум немал доволно храброст или сум имал премногу опортунитет за да се појавам во јавниот дискурс со противење на садење дрвја.
Се разбира, така јавно искажаното мислење носеше тогаш, а носи и сега соодветни последици во јавната проценка. Но, ете, затоа сега ќе се обидам да објаснам зошто мислам дека е грешка на истиот потег повторно да се садат јапонски цреши.
Прво, и тогаш и сега, целата работа со јапонските цреши ми изгледа како евтин популизам (овојпат евтин во секоја смисла). Исто како што беше популизам, додуша многу поскап, и онаа подеднакво неуспешна акција, наречена „Засади ја својата иднина“ или така некако.
Останува дилемата дали садењето дрвја е исклучиво политичка или, ајде да ја крстиме, политичко-инвестициска одлука, како што се тоа, барем според сегашната пракса, „садењата“ споменици, барокни згради и разни бетони секаде каде што има слободно место
Во периодот кога Скопје, особено неговото централно подрачје, доживуваше вистински „дрвоцид“, засадувањето на десетина јапонски цреши и не беше некоја приказна што може да ја надомести штетата направена по булеварите, малите паркови, па и главниот плоштад.
Тоа, се разбира, важи и денес, кога Водно останува девастирано, „најзелената“ скопска општина, Аеродром, забрзано го губи своето зеленило, главниот плоштад упорно се раскопува, а Расадник веќе се проектира како „град во град“. Навистина е тешко да се замисли дека десетина практично украсни дрвца ќе можат да значат нешто повеќе од некакви орнаменти расфрлани низ улицата.
Второ, да се разбереме, и тогаш кога се садеа јапонските цреши, а богами и сега постојат ДУП-ови и ГУП-ови. И тогаш тој потег кај улицата Максим Горки беше градилиште. А богами тоа е и сега. Уште има таму, а и во непосредната близина, сериозни недовршени градби, некои тек почнати, а некои без идеја кога, како и дали ќе се завршат. И тогаш, како и сега, се знаеше дека тоа не е благопријатна средина за осетливи дрвја.
Отприлика излезе дека дрвјата се садат за да имаме што да сечеме по некоја година. Едноставно, не беше и не е хумано, барем не сѐ уште да се садат дрвја каде што не им е местото, а истовремено упорно да се сечат таму каде што природно припаѓаат.
На крајот, останува дилемата дали садењето дрвја е исклучиво политичка или, ајде да ја крстиме, политичко-инвестициска одлука, како што се тоа, барем според сегашната пракса, „садењата“ споменици, барокни згради и разни бетони секаде каде што има слободно место.
Секогаш сум се прашувал како изгледа тоа? Ќе му текне на некој градоначалник: „Ајде тука да засадиме грмушки, а онде да ги исечеме дрвјата“! Или, баш онака: „Еј, Миле, поминував по онаа улица и тоа е баш убаво место за јапонски цреши“. И, утре, кога дрвјата ќе се исушат и разболат, јасно дека ќе немаме поим од што се разболеле. Се разболеле од нас, ама тоа е тешко да се признае.
И, утре, кога дрвјата ќе се исушат и разболат, јасно дека ќе немаме поим од што се разболеле. Се разболеле од нас, ама тоа е тешко да се признае
Неодамна на социјалните мрежи се појави некаков предизвик меѓу јавните функционери, своите дневници од некое патување или барем дел од дневниците да ги вложат во три садници што ќе ги засадат некаде низ Скопје. Акцијата, како и сите акции, кога станува збор за овој тип додворување на јавноста, бргу замре и тоа не беше тешко да се претпостави. Едноставно, оние малкуте што учествуваа во овој предизвик, ги садеа дрвцата таму каде што ќе им текне. Без план, без договор, без испитување на земјата, без знаење за дрвото…
На крајот на краиштата, дури и да беше искрена акцијата, во Скопје повеќе не постои толку простор за садење дрвја колку што постојат јавни функционери со дневници. Затоа поефикасно ќе беше оние не мали дневници, особено на пратениците, да беа донирани на некои стручни институции, кои навистина ќе направеа стратегија каде и кои дрвја ќе се засадат.
Вака, со овие јапонски цреши или без нив, Скопје и натаму ќе биде најзагадениот град во светот и со најмалку зеленило по глава на човек. Тоа едноставно е така: кој не ја разбира сенката, подобро нека не сади дрво.