Регион

Вуковар: Граѓаните уморни од воениот туризам

Во пресрет на годишнината од падот на Вуковар, воениот туризам цвета, но жителите велат дека градот има да понуди многу повеќе

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во пресрет на годишнината од падот на Вуковар, воениот туризам цвета, но жителите велат дека градот, освен сеќавањата на неговото трауматско минато, има да понуди многу повеќе.

Вуковар сè уште бил во урнатини, кога Анамарија Сивриќ почнала да работи како туристички водич.

„Вуковар беше Хирошима“, се сеќава Сивриќ.

Првите групи туристи, кои доаѓале од различни делови на Хрватска, и кои во почетокот ги придружувала полиција, биле шокирани, па дури и исплашени.

Вуковар, со текот на годините, е обновен, но туристите сепак сакаат да ги видат меморијалните гробишта и водената кула, која стана симбол на разорната опсада на градот.

Посетителите можат да ја видат и болницата од која луѓето, кога градот паднал во рацете на Југословенската народна армија (ЈНА) и на српските паравоени сили, биле земени и убиени на фармата Овчара.

„Тоа е воен туризам“, вели Сивриќ. „Нема логика да се дојде во Вуковар, а да не се посети вуковарската болница, Овчара, меморијалните гробишта“.

Но, Сивриќ, како и многу други граѓани, вели дека градот има да понуди многу повеќе, од сеќавањата на војната.

Новинарите и функционерите доаѓаат во ноември

 

Вуковар, за време на тримесечната опсада, во која загинаа над 3.000 војници и цивили, меѓу кои и 86 деца, стана симбол на хрватското страдање.

Бранителите на Вуковар се предадоа на 18 ноември, по што беа протерани илјадници лица од несрпска националност, илјадници беа префрлени во логорите во Србија, а стотици погубени на фармата Овчара и на други места. Денот на сеќавањето на жртвата на Вуковар неодамна беше прогласен за државен празник.

Денот на сеќавање на Вуковар, стана државен празник

Во четвртокот, хрватскиот парламент донесе закон со кој го прогласи Денот на сеќавањето на жртвата на Вуковар, 18-ти ноември, за државен празник, посветен на „сите жртви на Татковинската војна“.

Исто така, во празничниот календар е додаден и 15 јануари – Денот на мирната реинтеграција на хрватскиот подунавски регион, кој нема да биде неработен ден, туку ќе биде одбележан како ден на сеќавањето..

Во јануари 1998 година, дојде до реинтеграција на Вуковар, кој се наоѓа во источна Славонија, регион кој во војната бил под контрола на побунетите Срби, а по војната под контрола на Обединетите нации.

Секој ноември е значаен за Вуковар. Сивриќ, која има свој регистар, вели дека најголем број посетители имало во периодот 2001-2007 и дека есента, особено ноември, секогаш била период во кој се зголемува бројот на посети.

„Интересно е што сите сакаат да дојдат (околу 18 ноември) кога е комеморацијата (за убиените жртви) на Овчара. Тогаш ни недостигаат водичи“, потенцира Сивриќ и додава дека во овие денови, таа води најмалку две групи туристи на ден.

Според податоците на БИРН од туристичката заедница на Вуковар, преземени од страницата eVisitor, 5.820 туристи го посетиле Вуковар во ноември 2018 година. Истата година во септември, имало 5.517 туристи, а 5.795 во октомври. Најмал број посетители – 861, е забележан во јули.

На годишнината од падот на Вуковар, на 18 ноември, градот го посетуваат десетици илјади граѓани од цела Хрватска. Тие учествуваат во „колоната на сеќавањето“, што поминува низ градот. Тие, генерално, официјално не се регистрираат како туристи.

Од 2016 година, за учениците од основните училишта, задолжителни се дводневни посети на Вуковар. Така, околу 42.000 ученици ќе го посетат градот оваа школска година, а, исто така, повеќе од 200 крузери доаѓаат во пристаништето на брегот на реката Дунав, секоја година.

Иако мештаните се обидуваат да нагласат дека ситуацијата од војната е променета и дека градот оди напред, новинарите секоја година доаѓаат во Вуковар, за да известуваат за комеморацијата, што се одржува со поддршка на државата.

Многу локални жители се незадоволни што државните функционери и медиумите, на нив се сеќаваат само во ноември, но и затоа што градот се гледа само низ призмата на војната и на повоените настани.

Ранка Којчиновиќ, наставничка по хрватски јазик, која пораснала во Вуковар, а денес работи во Осиек, вели дека на жртвите треба да им се укажува почит, но дека луѓето треба „да го гледаат Вуковар во различни контексти“.

„Мислам дека е многу тажно кога луѓето го споменуваат Вуковар само во овој (воен) контекст и го посетуваат само еднаш годишно“, вели Којчиновиќ за БИРН.

„Во ноември е (скоро) зима, студено е и депресивно. Покрај тоа, овој (комеморативен) настан, кој треба да биде нешто достоинствено и мирно, често завршува со политички судири“, додава таа.

Неа особено ја вознемирува фактот што трагедијата во Вуковар се користи во политички цели и што станала форум за конфликти меѓу спротивставените политички сили.

„Вреди да се видат и другите страни“

Барокниот дворец Елтц во Вуковар. Фото: БИРН

Којчиновиќ посочува дека се обидува на своите гости да им ја покаже и поубавата страна на градот и да им докаже дека Вуковар има да понуди повеќе, од своето воено минато.

„Овие споменици се таму за да не потсетат дека тоа не смее да се повтори и дека треба да се запомни“, нагласува таа.

„Мислам дека треба да постои, но, исто така, мислам дека не е најдобриот извор на приходи, но излегува дека е направен воен туризам (од трагедијата на Вуковар) и тоа звучи малку контрадикторно“, додава Којчиновиќ, објаснувајќи дека туризмот се смета за нешто што треба да го покаже градот „во најдобро светло“.

„Постојат и други работи на кои треба да се восхитувате, да ги гледате и да ги доживеете. Рестораните долж реката Дунав; (традиционалната) рибина чорба, варена риба; Ада, песочниот остров во Дунав; паркот во центарот на градот и прекрасните барокни згради“, објаснува таа.

Сепак, според податоците на хрватската туристичка заедница, меморијалните гробишта на жртвите од Татковинската војна, е местото што минатата година го посетиле 154.050 лица. Спомен-центарот на Татковинската војна во Вуковар, го посетиле 55.978 лица, болницата Вуковар 98.198, додека Меморијалниот центар Овчара, околу 70.000 посетители.

Од друга страна, местата кои не се поврзани со војната, привлекуваат помалку туристи – во 2018 година Градскиот музеј го посетиле 27.320 гости, а Музејот на вучедолската култура, 42.268 посетители.

Сивриќ посочува дека Вуковар може да понуди повеќе од воениот туризам: „Потребно е многу инвестиции во Вуковар за да се добие нешто надвор од воениот туризам, но потребни се многу волја и пари“, вели таа.

Којчиновиќ смета дека локалното население мора да стори сé за да го смени погледот на овој град.

„Би сакал луѓето од Вуковар да зборуваат за нешто друго освен за војната. Барем можеме да почнеме да го правиме тоа “, заклучува таа.