Регион

Хрватските бранители бараат оставка од државниот обвинител

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Седиштето на ХВИДР во Загреб. Фото: Н1.

Откако беа отфрлени кривичните пријави поднесени од бранителите против Милорад Пуповац, претседателот на Здружението на хрватски воени инвалиди од Татковинската војна – ХВИДР, најави дека тие ќе се обидат да го присилат главниот обвинител да се повлече.

„Затоа, ќе инсистираме годишните извештаи на Државното обвинителство за 2017 и 2018 година да бидат отфрлени, по што Дражен Јелениќ ќе мора да се повлече“, рече Јосип Периша, претседател на Главниот одбор на ХВИДР, за хрватскиот весник, „Нови Лист“.

„ДОРХ (Државното обвинителство) не направи ништо за да ги гони српските воени злосторници и ние конечно треба да го распуштиме ова југословенско, болшевичко легло“, додаде тој.

Канцеларијата на Државното обвинителство во Загреб, во понеделникот соопшти дека ги отфрлило кривичните пријави против Пуповац, поднесени поради неговите изјави во кои тој предупредува на пораст на национализмот во Хрватска.

Бранителите сметаат дека неговите изјави се штетни за угледот на Хрватска и оти поттикнуваат омраза и насилство. Државниот обвинител донесе одлука дека не се работи за кривично дело.

Изјавите Пуповац ги даде по два одвоени напади врз хрватски Срби, кои беа нападнати во кафулиња во селата Уздоље и Ѓеверске, додека на телевизија гледаа фудбалски натпревар на Црвена звезда. При тоа, пет лица беа лесно повредени, меѓу кои и еден малолетник.

Пуповац подоцна изјави дека нетолеранцијата и насилството врз малцинските национални групи се поврзани со обидите за рехабилитација на фашистичкиот усташки режим од Втората светска војна, кој вршеше прогон на Србите, Евреите и Ромите.