Преговорите кои енергијата не ја димензионираат според длабочината на проблемот туку според динамиката за добивање брз, а со тоа недвосмислено и површен ефект, претставуваат чин кој претендира да ги санира само видливите пукнатини во системот, но не и да култивира политика во која таквите пукнатини ќе бидат недозволиви.
али мислите дека Пол Кругман случајно го акцентираше односот на ЕУ по прашањето на легитимитетот, во контекст на референдумот што го распиша Ципрас? „Ако Ципрас победи на референдумот, Грчката влада ќе го зајакне својот демократски легитимитет, кој е уште важен во Европа. Ако повеќе не е, нека нѐ информираат за тоа“, напиша Кругман во колумната во Њујорк тајмс (27.06).
Со овој саркастичен тон, Нобеловецот успеа само во една реченица да ѝ укаже на ЕУ како завршува секоја политика која некритички замижува пред нечиј легитимет, дозволувајќи со тоа да ѝ се накотат разни „легитимни автократи“ или политички шалабајзери кои потоа ја орбанизираат, ја грекзитираат или ја дебриселизираат нејзината основна конструкција.
Секако, ова се однесува и на други слични „легитимитети“, кои во меѓувреме станаа тотален контрпункт на сѐ за што Европа се залага. Замижувањето на ЕУ пред неевропските политики на легитимно избрани власти, кои под параванот на националните интереси стануваат промотори на националистички атавизми, законски покриени криминали, духовни девастации и хроничен недостиг на критичка авторефлексија, денеска ја парализира Унијата во обидите ефикасно да се спротивстави на тоа што се вовлекло во нејзинот атар под етикетата „легитимитет“.
Жртва на таквиот однос се и преговорите во Македонија кои се одвиваат под европско медијаторство. Легитимитетот на Владата на Груевски стана линија на разграничување во преговорите и главен лимитирачки фактор за основната цел – земјата да излезе од политичката криза.
Потребите на Македонија и методологијата на европските медијатори денес се разминуваат на точката што ја разграничува идејата за власт која не се занимава со прашањето на сопствената политичка канонизација и сѐ што е спротивно од тоа.
Со други зборови, во преговорите не се бетонира ставот за потребата власта да влезе во простор на реален политички ризик и да произведе резултати кои излегуваат од рамките на нормиран политички учинок туку низ преговарачки пукнатини се дозволува протнување на целосно спротивна идеја, која се темели исклучиво врз редефинирање на долго формираните клиентелитички апетити со навики за такви очекувања.
Поради ваквите дефекти во фундаментот на преговорите, почнува непристојна двојна игра. Заложбите за ресетирање на институциите, поради основано сомнение во постоењето волја за такво нешто, се пред директна опасност за ново ресетирање, но на власта во нив. Продолжувањето на преговарачкиот аранжмен, кој не овозможуваа операционализација на критичките ставови, кој не ги покажува постојните општествени антагонизми, ниту упатува на активности кои би требало да бидат социјална и демократска екстензија на едно консеквентно јавно мислење, е мисија однапред осудена на неуспех.
Во такви „про форма“ преговори, сите разлики и дебати се пригушени во име на брз успех, кој, за жал, ниту ќе има реален фундамент, ниту енергија за некаков подоцнежен, еволутивен успех.
Со преговорите, колку и да се претставуваат како балансирани, неутрални, колку и да инсистираат на приматот на државните, а не на партиските интереси, не може да се перпетуира сегашното статус кво, бидејќи не навестуваат екстракција на гнилото ткиво, туку директна надградба врз дијагностицираниот гнилеж. Тој зафат може да биде исклучително опасен, бидејќи нема да ја реши туку ќе ја продлабочи кризата.
Затоа, најдобро е, не СДСМ да се откаже од преговорите, туку, пред сѐ, ЕУ да го стори тоа во делот на своето медијаторство. Да ги утврди евидентните пропусти, да ги редефинира позициите врз кои ги започна преговорите и да ги стави во контекст на решавање не само на акутните туку, пред сѐ, на хроничните проблеми.
Со преговорите за суштинските проблеми мора да се развијат стратегии кои ќе овозможат дејството од затворениот преговарачки круг и „де факто“ да се пресели и да се операционализира во сите сфери и да комуницира со еден аудиториум многу поширок од онаа „четворка плус два“ или „плус три“.
Ресетирањето на преговорите, не значи дека се намалува значењето на процесот туку дека се зголемуваат ефектите што треба да се произведат, дека се избегува комодификацијата на манирите на централизираните политики, на формалните промоции на акциски планови, на иновирани реформи на хартија и на создавањето привид на дијалог, а во кој и натаму комуницираат две поларизирани структури со политика на „лајк и дислајк“.
Ако не се направи прекин на оваа неквалитетна преговарачка претстава, пазарна и политичка вредност ќе добијат сите антиподи на европските вредности, по што ќе биде навистина сизифовска работа земјата да се врати на некоја почетна нулта точка.
Притоа, културата на заборав не смее да биде посилна од културата на критичко сеќавање. Претпоставувам дека би било непристојно ЕУ да бара да заборавиме како завршија препораките постигнати со европски фасилитирани преговори по „црниот понеделник“ и да укажеме дека е на повидок докапитализирање на неучинокот за нив.
Од тоа „статус кво“ не смее да профитираат оние кои својот политички капитал го стекнаа токму со таложење и нерешавање на проблемите кои сега се во фокусот на преговорите, бидејќи тоа би било иронично ехо на нивниот политички минат труд.
Се надевам дека тоа не е целта на ЕУ, и покрај тоа што во нејзиното медијаторство има евидентен замор, одредена доза на рутинираност и безидејност. Она што Брисел не смее да го дозволи е во преговорите да се инвестира исклучитено висока цена, а на крајот да не се произведе ништо општествено релевантно.
Во спротивно, преговорите ќе бидат самоосудени да завршат како лоша театарска претстава, трага за напорот во некое персонално си-ви, но не и доказ за успех во една заедница или земја. Во ситуација кога има висок степен на преговарачки вештини, а има кусок модалитети за решавање на вистинските проблеми, преговорите стануваат баласт.
Притоа, не го исклучувам начинот на кој е условен, конфронтиран и програмиран збирот на различните перцепции за проблемите. Но, тоа не значи дека треба да се задоволиме со непроблематичната репрезентација на општеството во кое живееме, небаре конфликот се случува во фиктивна ситуација, меѓу фиктивни ликови, кои никогаш не произвеле ама баш никакво дејство кое би завршило со негативна конотација во извештајот, на Прибе, на пример.
Па дали се нашите ликови навистина толку фиктивни и толку „не се од овде“, за да можат да бидат елиминатори на проблемите што во најголема мера самите ги создале?
Затоа, ваквиот тип преговори, кои енергијата не ја димензионираат според длабочината на проблемот туку според динамиката за добивање брз, а со тоа недвосмислено и површен ефект, претставуваат чин кој во старт претендира да ги санира само видливите пукнатини во системот, но не и да култивира политика во која таквите пукнатини ќе бидат недозволени.
На Македонија не ѝ се потребни такви „про форма“ преговори. Ако ЕУ смета дека „тоа е вистинското“ и ако на тој начин ги профилира идните партнери во Унијата, тогаш, како што би рекол Кругман, добро е да нѐ информира. За да не градиме илузии.