„Е, баш ви фала“ (E, baš vam hvala, 2017) е наслов на еден научно-фантастичен роман-утопија на српскиот автор Марко Видојковиќ. Во паралелниот универзум на овој роман, Југославија никогаш не се распаднала. Сите сме богати, здрави и среќни самоуправувачи. Во одреден момент, по пат на некаква космичка грешка, во таа Југославија се појавуваат усташи, четници, ситни бандити, воени профитери и неспособни политичари (всушност, сегашната стварност).И, како што тоа се случува во фантастиката, доброто на крајот победува. И сите продолжуваме да живееме среќно и весело до крајот на нашите богати животи.
Иако некогашната заедничка држава (просторот на она што денес го нарекуваме „регион“) главно може да биде предмет на уметнички фантазии и интервенции, сепак, еве, и три децении од нејзиното упокојување, интересот за овој, од денешна перспектива, утопистички државен проект не стивнува.
За многумина, Југославија е симбол на тиранија и диктатура, на полициска држава и политичко самоволие, а за другата половина симбол на „поубавото минато“, доказ дека некогаш можело да се живее и добро, еклатантен пример на социјалната правда итн.
Она што е сигурно е дека ако си замислиме утопијата на Видојковиќ е реалност, а не фантазија, денес ќе го славевме 78-от роденден на државата што не ја дочека ни својата 48. годишнина. Тоа, во секој случај, е добар повод да размислиме што е тоа што благопочившите Југославија и југословенството уште ги држи во фокусот барем на еден дел од јавноста.
Едноставно речено, нашите народи и народности, со посредство на социјалистичка Југославија, зачекорија во модерноста. Во онаа мера во која сме и денес модерни – значи, писмени, образовани, здрави, осигурени, урбани, просветени и поп-културни…
Авторот на овие редови ја имаше таа среќа или несреќа (зависи од кој агол се гледа), точно половина од неговиот досегашен живот да го помине во тој комунизам и во таа држава, а втората половина во оваа транзиција и оваа држава, па тоа ни дава за право да направиме некои споредби, секако фундирани врз некои достапни, а, сепак, недоволно афирмирани податоци.
Она што може да се заклучи од статистичките податоци, а што често, намерно или случајно, се заборава е дека СФР Југославија изведе една реална, неповратна и длабока преобразба во општествените односи, која не заобиколи ниту една област на човечкиот живот – општествената и стопанската структура, географијата, инфраструктурата, облиците на семејството, начините на домување, писменоста, образованието, здравјето, потрошувачката, културата…
Забораваме дека дури во СФРЈ се истребени тифусот, маларијата, туберкулозата, дифтеријата, дизентеријата… Дека е сузбиена големата смртност на децата. И тоа благодарение на вакцините, современата медицина, достапноста на јавниот здравствен систем и просветувањето на нејзините жители.
До СФР Југославија, од заразни болести умираа илјадници луѓе, првенствено поради лошата медицинска заштита, недостигот од лекари, лошите животни услови, немањето хигиенски навики и традиционалните верувања и селските обичаи. Во здравствените домови изградени во СФР Југославија се лекуваме и денес. А, врз основа на Законот за социјално осигурување од 1946 година, Јужните Словени за првпат добиваат платено боледување, платено трудничко отсуство и право на пензија.
Веќе во 1947 година доаѓа до големи државни инвестиции во електрификацијата, металургијата, рударството и сообраќајот, а нешто подоцна и во лесната индустрија, станбената изградба и услужниот сектор. Во периодот од 1953 до 1960 година, индустрискиот раст изнесува 13,83 насто годишно, што е апсолутен светски рекорд, пред тогаш растечката Јапонија.
Во 1960-тите, селата масовно добиваат струја и електрични уреди. Конечно, и струјата што денес ја користиме, главно е производ на хидро и термоцентралите, изградени во тој период. Зачекорување во модерноста може да се види и од податокот дека во 1981 година, значи нецели три децении по завршувањето на Втората светска војна, уделот на вработените во земјоделскиот сектор бил 29 проценти, во индустријата 35, а во услужните дејности 36 проценти.
Држава е тоа што храбро и интензивно се урбанизира и индустријализира (само во периодот од 1945 до 1953 година, милион и пол луѓе го напуштаат селото и се селат во градот). Држава е тоа на голема просторна и општествена подвижност (во 1981 година, 41 процент од населението не живее во своите родни места).
Во Југославија се снимаа врвни филмови, се создаваше квалитетна џез-музика и одличен рокенрол. Таа музика и денес се слуша по овдешните радиостаници
Во 1921 година, во Кралството СХС, 51,5 отсто од населението се неписмени. Во 1981, во СФРЈ 9,5 проценти. Во Југославија, веднаш по војната, во 1945 година има три универзитети и две високи школи. Три децении подоцна се 158. Во 1980 година, во Југославија студираат половина милион студенти, односно на 50 жители доаѓа по еден студент. Во Кралството Југославија, односот е еден на илјада жители. Според бројот на студентите, Југославија во тој период е четврта во Европа, веднаш зад Шведска, Холандија и СССР.
Во Југославија е воведено задолжително основно образование. Воведен е системот на училишни екскурзии. Во Југославија се изградени најголемиот број училишни згради што главно се користат и денес.
Во 1946 година се воведува платен годишен одмор во траење од 14 до 30 дена. Со воведувањето на таканаречениот додаток К-15 се демократизира одењето на годишни одмори и се појавува феноменот на масовниот туризам. Во 1965 година, работната недела се крати на 42 часа, што на голема врата го воведува феноменот на викендот. Освен одењето на излети во природа, тогаш почнува и масовна изградба на куќи за одмор, односно викендички.
Во 1956 година е отворена првата самопослуга во Југославија (во Македонија во 1958 година). Тогаш се појавува експлозија на купување миксери, експрес-лонци, синтетичка облека (најлон чорапи и шушкавци), машини за перење, телевизори, автомобили, сокови во прашок, супи во кесичка…
Во Југославија се снимаа врвни филмови, се создаваше квалитетна џез-музика и одличен рокенрол. Таа музика и денес се слуша по овдешните радиостаници.
Покрај сево ова, Македонија во времето на СФРЈ ги стекна сите национални и државни прерогативи. Создаде свои универзитети, своја литература, сопствена црква, универзитети… Уметноста и културата доживуваат процут. Некогаш неписменото население, за кратко време можеше да се пофали со завидна издавачка продукција, со оригинални музички дела, со модерен пристап во ликовната уметност…
Затоа и ќе се сложиме со социолог Алексеј Кишјухас, кој на едно место ќе констатира дека „беа тоа простор и време на најголемиот напредок и еманципација што ги помнат јужнословенските народи. Едноставно речено, нашите народи и народности, со посредство на социјалистичка Југославија, зачекорија во модерноста. Во онаа мера во која сме и денес модерни – значи, писмени, образовани, здрави, осигурени, урбани, просветени и поп-културни…“
А што се однесува до утопијата на Марко Видојковиќ, можеби не е на одмет да се каже дека и самиот тој е, барем делумно, продукт на југословенскиот државен експеримент. Имено, половина е Србин, а половина Македонец. Но, тоа денес не е ни важно.