Во пресрет на Бадник, во ситните саати додека студениот северен ветер ги распламтувал последните искри од коледарските огнови, додека низ етерот сѐ уште се мантрале пораки за љубов, духовност, разбирање и топол збор, Живко Митревски со група насилници спровел акција за враќање во свое владение на неговото царство – претседателската функција и зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Охрабрен и носен на крилјата на решението што тазе му го издаде Министерството за труд и социјална политика, свиткано во ролна налик на печен колбас фламбиран во домашна ж’та, како што прилега на паганското чествување на празникот, Митревски стигнал да воведе ред во синдикалната зграда во 4 и 30 наутро. За добар синдикалец како Митревски, „работното време“ е метафизичка категорија – не постои ни почеток ни крај.
И не било доволно што со истото решение на МТСП бил поништен изборот на новиот претседател на ССМ, Дарко Димовски, туку морало со него и физички да се пресметаат. Билансот од пресметката го знаат лекарите на трауматологија во градската болница. Срамно и тажно.
За добар синдикалец како Митревски, „работното време“ е метафизичка категорија – не постои ни почеток ни крај
Колку за потсетување, ресорот труд сега го води кадар на ДУИ, партијата што наводно извлече „многу голема поука“ од осумгодишното коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, а под чија контрола е „синдикалната работа“ на Митревски.
Пинг-понг партијата со двете различни решенија на Министерството за труд, едно во мандатот на министерката Фросина Ременски, другото во мандатот на Ибрахим Ибрахими, доволно зборува за различните аршини во толкувањето на легитимитетот на изборот што го направил Советот на ССМ.
Нема да коментирам кој во таа епиозда е во право, а кој не, одговорот го знаат синдикалците. Но, не можеме да мижиме пред фактот дека слободата на синдикалното организирање во Македонија и натаму е целосно лимитирана од политичките центри на моќ. Методите со години се исти.
Таму каде што работите ќе излезат од контрола на власта, експресно се произведуваат подобни контрасиндикати, по урнекот на контрапротести, контрамитизни и сѐ што може да биде контра против обидите за автентично синдикално дејствување.
Македонската синдикална сцена е полна со расходувани синдикални лидери кои мандатите ги поминале во тотален лер, затскриени зад бројни привилегии заради подготвеноста – не да водат социјален дијалог, туку да одработуваат за власта, а на штета на членството. Многумина заминале од функции без да заштитат ниту едно работно место или работничко право! Функционирале како каста што продава синдикална магла.
Така добиваме маргинализирани синдикати кои во дијалог со власта најчесто се во инфериорна позиција, три чекори назад од веќе смислените законски решенија со кои божем добиваат повеќе права, но во практика резултатот е ист, а некогаш и полош. Оние кои не се задоволуваат да бидат прелажани низ разни законски форми и процедури стануваат неподобни и непријатели на државата, а со тоа и недостојни за социјален дијалог кога се во прашање колективни договори, промена на работното законодавство и други „дребулии“ кои ги тангираат правата и стандардот на работниците. Просто и посно како бадникарски грав.
Тоа е судбината и на овие четири синдикати, на кои Митревски им подготвува „сиктер – процедура“, со намера нивните места да ги пополни со подобните СОНК и КСС. Накратко кажано, и Митревски си има план за „десоросоизација“ во синдикалниот сојуз.
Неговата синдикална етика е табу за власта, сѐ додека тој на подвижната трака непослушните вешто ги заменува со послушни, сѐ додека потпишува предизборни меморандуми за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и ред други активности кои говорат за неговата „неутрална позиција“. И сѐ додека има заштита од власта, не го интересира дали и со кои постапки ги крши конвенциите на Меѓународната организација на трудот. Достигнувањето на тоа цивилизациско ниво од синдикален аспект, не е во етичкиот опис и попис на неговите квазисиндикални приоритети.
Синдикалните организации се преполни со членови кои не паметат кога последен пат зеле плата, кои по судски пат ги бараат своите права и отпремнини, и на кои трпезата секој ден им е попосна од вечерашната
И ако се остават настрана сите непрележани детски и политички болести на синдикалното дејствување и неговите лидери, на бришан простор останува еден факт. Живко Митревски може да има пусулче дека е „легитимен претседател на ССМ“. Но, неговата постапка го делегитимира како човек. Колку некој треба да биде стрвен за функција, колку треба да биде морално дезориентиран, колку да нема ништо човечно во себе, ако во ситни саати на таков начин со помош на „физикалци“ решил да ја брани сопствената „чест“. Ниеден зрел и нормален човек не би избрал таков начин.
Синдикалните организации се преполни со членови кои не паметат кога последен пат зеле плата, кои по судски пат ги бараат своите права и отпремнини, и на кои трпезата секој ден им е попосна од вечерашната. Митревски наместо фокусот да го насочи кон оние на коишто им должат, тој го задолжи синдикатот да се срами од денот кога лик како него влегол во синдикалната историја на современа Македонија.
Тој останува маска потребна како доказ за некаква легитимност, иако е јасно дека кај него не постои свест што точно значи тоа, ниту капацитет за праведен, искрен и чесен социјален дијалог. Тој наспроти себе нема партнер или страна, бидејќи со неговата функција е прелеан во атарот на власта, создавајќи мимикрија, фарса и банализација на синдикалното дејствување.
На крајот една божикна поука за сите, а посебно за „работниците“ во 4 и 30 наутро: Љубовта е споделување, молитвата е споделување, животот е споделување, а споделува и дава оној што е слободен. Митревски не е слободен. Тој е заробен, како што е заробена државата, како што е заробен и ССМ.
А кога некој „соработува“ со колегите преку физичка сила, ниту има што да си даде себеси, а уште помалку на другите. За Сојузот најмалку.