Систем на себичност

Пред околу десет дена, некаде на половината од мојот задоцнет годишен одмор, при еден незгоден пад, мојата сопруга се здоби со скршеница на ногата. По укажаната прва помош и ортопедскиот преглед во ургентното одделение на болницата во Саранда (Албанија), ни беше препорачано пациентката веднаш да се јави на ортопед штом дојдеме во Скопје.

Се разбира дека така и направивме и се разбира дека тука нема да зборувам за сите недостатоци на овдешниот здравствен систем, за чудната „папирологија“, за безредието во чекалниците, за непоимливо грубиот однос на лекарскиот и другиот медицински персонал… нема да зборувам затоа што знам дека безброј пати е укажувано на овие слабости, а секако и знам дека секој што кога било имал контакт со овдешниот здравствен систем, и самиот е сведок на она што таму се случува.

Меѓутоа, она што ме натера на размислување од ова мое повеќедневно амбулантско искуство, всушност, е една многу поширока и социолошки недоволно разработена тема, произлезена од однесувањето не на медицинскиот персонал, туку на пациентите, односно луѓето од чекалницата пред ортопедската ординација.

Каде исчезнаа емпатијата, солидарноста, хуманоста, милоста и сите оние особини што човекот го прават човек? Како успеавме во себе да ја задржиме само и единствено себичноста?

Имено, пациентите добиваа на хартија некакви бројчиња, често и двојни, а во ординацијата, во која пациентите не беа прозивани ниту по име, ниту по број, се влегуваше по принципот: кој прв стаса или кој е „посилен“, барем во некаква смисла на премногу гласно изразеното негодување. Во таква ситуација, воопшто немаше да биде изненадувачки да дојде и до физички пресметки меѓу пациентите, што, мора да признаете, изгледа прилично гротескно, затоа што најголемиот број од нив беа со гипс или со тазе скршеници.

Во таква, за нас општо позната ситуација, „најдебелиот“ крај го извлекуваат најнемоќните. Во чекалницата, имено, имаше возрасни луѓе, по слободна процена влезени во деветтата деценија на својот живот, чие движење навистина беше мошне отежното, а по ликот им се гледаше дека едвај го издржуваат мачното чекање во редот. А, имаше, се разбира, и трипати помлади и релативно мобилни пациенти (со скршеници на рацете).

Меѓутоа, никој, ама токму никој не покажа слух за маката на другиот. Кај ниту еден од „мачениците“ во ортопедската ординација не се појави ни трошка емпатија за тој што страда повеќе од нив. Никој не сакаше да пропушти некои старини преку ред (како божем да постоеше некаков ред), туку ги оставија трпеливо да седат и чекаат, со надеж дека нервозниот доктор можеби ќе ги прими до крајот на работниот ден.

Значи, она што мене ме вознемири е токму прашањето: каде исчезнаа емпатијата, солидарноста, хуманоста, милоста и сите оние особини што човекот го прават човек? Како успеавме во себе да ја задржиме само и единствено себичноста?

Дали пациентите во чекалницата беа нелуѓе? Не, се разбира. Беа сосема нормални, просечни луѓе, токму како авторот на овие редови, кои, како и сите други, само сакаа да ја завршат својата работа.

Во таа смисла, сосема е погрешно да се каже дека овдешните луѓе не се хумани или не се емпатични. Илјадници пати сме ја докажувале и ќе ја докажуваме својата хуманост или својата солидарност. Сме ја покажувале преку оние телефонски повици за собирање пари за лекување, преку давање помош за настрадани подрачја од големи природни катастрофи, па дури и кон вдомување и грижење за бездомните животни.

Ако размислите малку подобро, хуманоста најчесто ја искажуваме како своевиден супститут, замена за оние обврски од кои, од некои причини, државата се откажала. Всушност, ја покажуваме тогаш кога нечија единечна или колективна несреќа ќе биде медиумски покриена, кога, да не кажам, од тоа ќе биде направен медиумски спектакл.

Зошто државата не може да биде солидарна? Зар не треба да биде солидарна? На овие прашања ќе добиете илјадници одговори, кои главно се сведуваат на флоскули од типот „не е предвидено во буџетот“ или со оправдувања со некакви бирократски комисии, кои не се состанале, каде што нема кворум итн.

Системот ја форсира себичноста како пожелна особина. Само така можете да си ги остварите правата. Ако треба и преку физичка сила. И затоа ќе бидеме манипулирани од истиот тој систем

Веќе ми се крева коса на главата кога ќе го слушнам изразот: „институциите да си ја вршат својата работа“ или „имајте доверба во институциите“, како божем тие да се некакви астрални битија; некакви божествени, деперсонализирани, креации, кои самите од себе ги решаваат проблемите, затоа што е тоа така запишано во некое свето писмо, наречено закон или Устав.

Со други зборови, прашањето на сите прашања е зошто тогаш државата со нејзините институции се однесува кон граѓаните така како што се однесува, поточно зошто не си ја врши својата работа? Затоа што политичарите, оние што го креираат системот, живеат во некој свој паралелен свет, водат некакви високи политики, се расправаат со политичките опоненти, размислуваат за тендери и тендерски постапки, за сопствените кариери по завршувањето на политичкиот ангажман итн. Во тој контекст, проблемите на секојдневниот живот им се далечни колку што е далечна посетата на првиот Македонец на галаксијата Алфа Кентаури.

Вака кажано, работите изгледаат прилично просто. Но, сепак, станува збор за суштински системски проблеми. Една од идеите на неолибералниот систем, оној што главно го спроведуваме ние и англо-саксонскиот свет, само без толкав степен корупција како кај нас, е токму парцијализацијата на интересите и форсирање на единката или групата до степен на себичност.

Старите Римјани многу помудро и многу поелоквентно оваа политика би ја нарекле: „Раздели, па владеј“. Парцијализацијата на интересите доведува и до парцијални барања за сопствените права. Тоа отприлика вака изгледа: луѓето што протестираат за неисплатените субвенции за тутунот не протестираат за правата на ЛГБТ заедницата. Тие што протестираат за правата на ЛГБТ заедницата, не протестираат против отворање рудници што ја загрозуваат природната средина. Тие што протестираат против отворање рудници, не протестираат за правата на стечајните работници… И така во недоглед. Никако да разбереме дека сите сме подеднакво загрозени. Дека сечиј општествен проблем е и мој, а и ваш проблем. Или, да не ја употребам веќе изјаловената флоскула: „ситнење на отпорот“.

Во тој контекст, поединецот буквално е немоќен да стаса до своите права, затоа што едноставно никого не го интересира тоа. Затоа и системот ја форсира себичноста како пожелна особина. Само така можете да си ги остварите правата. Ако треба и преку физичка сила. И затоа ќе бидеме манипулирани од истиот тој систем.

И затоа не сме дури ни изненадени кога малолетници ќе се избодат со ножеви за едно слободно место во автобус на ЈСП. Таков е пожелниот модел на однесување. Таков е системот. Таква е државата. Неодговорна и себична.

Затоа ни пациентите од оној микрокосмос во онаа ортопедска клиника не се виновни за своето однесување. Па, ни медицинскиот персонал за неорганизираноста. Таков е, бре, системот!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија