Сите наши планови, од А до Ш

Колумна на Сашо Кокаланов

Демократските сили во Македонија не треба да стравуваат доколку претседателот на државата Ѓорѓе Иванов не го даде мандатот за формирање нова реформска и проевропска влада (план А), затоа што парламентарното мнозинство има и план Б. Засега тој е тајна, но ние како демократски сили во општеството не смееме да зависиме од плановите на партиите и мора да имаме наши граѓански планови како да се дојде до долгопосакуваните промени во земјава.

За таа цел разработивме не еден, не два туку 31 план, од А до Ш, со цел мандатот да биде даден, криминалците да одговараат, парите и демократијата да бидат вратени, а Македонија да тргне напред.

Основен белег на сите овие планови е мудрост. Но, да не должиме, еве ги најтранспарентно сите наши планови, од А до Ш:

 

План А

Азербејџан да биде најпријателски замолен да го задржи Хорхе за себе. Може и сосе мандатот. На тој начин ќе бидат отстранети многу пречки во развојот на земјата.

 

План Б

Бидејќи Азербејџанците не се будали да го задржат (веќе си го имаат Илхам Алиев), ќе мора да имаме и план Б. Веднаш по неговото враќање, целата демократска јавност да пристапи кон молење на претседателот да го даде мандатот за да се формира нова влада. Но, тоа да се прави нежно и одмерено, за да не го налутиме и да направи некоја поголема глупост.

 

План В

Временски немаме рок до кога ќе го молиме, затоа барем до почетокот на април, молбите да го даде мандатот треба благо да се засилат. Но, мудро и внимателно.

 

План Г

Го ставаме Хорхе пред свршен чин – или дај го мандатот или не давај го. Најверојатно нема да го даде, ама вреди да се проба и овој план.

 

План Д

Длабока и детална анализа зошто плановите А, Б, В и Г не ги дадоа очекуваните резултати и одмерено започнување на подготовките за план Ѓ.

 

План Ѓ

Ѓоа влегуваме во Собрание, а всушност не влегуваме туку само онака, колку да видиме како би реагирал режимот доколку парламентот проработи. Ако тоа ги прави многу лути и нервозни, ќе знаеме ич да не ризикуваме со такви избрзани потези.

 

План Е

Евентуално може да почне да се размислува за набавка на табли јајца, во случај да се јави потреба од фрлање кон канцеларијата на Хорхе кај Рекорд. Сепак, кон овој план сигурно нема да посегнеме пред Велигден, за да не бидеме обвинети дека директно сме го опструирале големиот македонски, а воедно и христијански празник, и дека сме предизвикале недостиг на јајца за фарбање. И Хорхе е човек и нему му е Велигден.

 

План Ж

#Ж е одамна готов, веќе сме длабоко во април, но навистина нема потреба дополнително да ја вжештуваме ситуацијата со уривање и на Емил Димитриев. Се ближи 1 Мај, можеби Иванов ќе нѐ израдува со мандатот на празникот на трудот. Овој план подразбра веќе ич да не му го бараме мандатот, чисто да видиме дали ќе му текне самиот да го даде.

 

План З

Зоран Заев излегува со нова владина програма, некаде на почетокот на јуни, и тоа уште поуставна од претходната. Чиста како солза. Воедно се испорачуваат први поконкретни закани дека ако и ова не го вразуми Иванов и тој остане на своите пречки, можно е да се активира План Ѕ.

 

План Ѕ

Ѕвони последниот школски час, дајте да не ги притискаме и заради еден мандат да им го расипеме летниот распуст на децата. Зарем сме толкави нелуѓе да им ја одземеме власта пред децата, кога се на распуст и би требало да уживаат со своите родители.

 

План И

Иванов, негде кон крајот на јули, се очекува да соопшти дека најверојатно никогаш нема да го даде мандатот, што нас, демократските сили, ќе нѐ принуди на радикализација и активирање на планов И, односно упатување на решителен апел до Иванов да се премисли.

 

План Ј

Јули е, мандат не се дава на 50 степени, така што време е за планот Ј, кој подразбира масовен јуриш кон плажите.

 

План К

Коваме нов, најрешителен план досега, за примена веќе од септември, кој вклучува повеќе научно-образовни активности со цел предочување на противуставноста на постапките на Хорхе на пошироката стручна јавност.

 

План Л

Левица бара мандатот да биде дониран на бездомник.

 

План Љ

Љубов и разбирање. Тоа е единствениот пат. Само така можеме да ги омекнеме тврдокорните да не ни ја окупираат земјата и да не нѐ втурнат во граѓанска војна. Овој план не дава брзи резултати, но ние и Османлиите ги фативме на кондиција, не па овие башибозуци.

 

План М

Македонија мора да добие влада до крајот на септември! Мандатот мора да биде доделен! Планот М подразбира и масовно пишување духовити статуси на Фејсбук и твитови, а сѐ со цел Хорхе и неговите поддржувачи да се засрамат и да им падне незгодно што не го даваат мандатот.

 

План Н

Новинарите продолжуваат да јадат ќотек и во текот на пролетта, летото и есента. Тврдокорните ги имаат претепано веќе сите новинарски екипи чиј микрофон го нема држено Бетмен. Затоа Планот Н е да се побара од ЗНМ уште еднаш најостро да ги осуди нападите врз новинарите, ама ептен остро, да читаш и да плачеш од болка.

 

План Њ

Њујоршкиот суд уште од мај ќе ја има донесено пресудата за случајот „Телеком“, готови се, сега само чекаме таа да стане правосилна и да истечат роковите за жалби. Ова ќе бара голема трпеливост, затоа овој план Њ е многу мирољубив и гандиевски и се базира на претпоставката дека ако не паднале уште дома, ќе паднат надвор. А кога ќе паднат, и Хорхе ќе нема каде – мора да го даде мандатот.

 

План О

Оставка на Хорхе без даден мандат не прифаќаме! Да не го ситниме отпорот. Нема оправдување за оставка. Затоа овој план предвидува да се одвраќа Хорхе и од најмала помисла на оставка. Подобро само без мандат, отколку да останеме и без мандат и без Хорхе.

 

План П

Преуранети и избрзани чекори не ни се потребни. Овој план е познат и под името „Тивка вода, брег рони“. Мудро и достоинствено си го чекаме мандатот и во октомври. Лисјата паѓаат, зошто не би паднале и овие?

 

План Р

Радио Слободна Македонија ја најавува можноста Хорхе да отпатува во нова повеќемесечна посета на Австралија, со што автоматски паѓа во вода и планот С.

 

План С

Собранието да проработи и да се избере спикер.

 

План Т

Овој план е даден на разработка во СЈО, како најнадлежно за буквата „т“.

 

План Ќ

Ќе биде, ќе го даде мандатот, ако не порано, тогаш за годишнината од изборите на 11 декември секако, зашто и Хорхе е човек од крв и месо, ќе му биде незгодно што една година по изборите сѐ уште нема нова влада и ќе го даде.

 

План У

Уште го нема дадено, уставните експерти се веќе едногласни дека Уставот е прегазен, така што се оди кон планот У – умилкувањата не дадоа резултат, следуваат укори.

 

План Ф

Фејсбук и Твитер заедницата ги засилува духовитите коментари на сметка на фикусот, што, според овој план, може да доведе до благо омекнување на тврдата позиција дека мандатот не само што нема да го даде, туку го скинал и го изел за да не падне во рацете на непријателот.

 

План Х

Хорхе е на службен пат и е на добар пат да ја издржи 2017 со недаден мандат, но почнуваме со план Х – хејтање на Хорхе како таков, не само за мандатот туку и за сите зла што ѝ ги донесе на Македонија.

 

План Ц

Центар пушта во промет уште една Боемска улица, за да има доволно кафеани за да се слави, ако случајно го даде мандатот. Ова е исто така форма на притисок, затоа што со недавањето на мандатот, шефот на државата директно го спречува славењето на народот, а македонскиот народ сака да слави и тоа Хорхе многу добро го знае.

 

План Ч

„Че си лежите!“ Со овој план, графити со ваква содржина се испишани речиси во сите населени места на земјава. Од Чучер Сандево преку Чашка и Чешиново, па сѐ до Чебрен и Галиште.

 

План Џ

Џабе е сѐ, не го дава. Планот Џ вклучува и џиткање на клетви кон претседателот и медитација секој во себе со мантрата од шаманот и памарот на револуцијата Фрчко: „Џорџе, Џорџе“. За да фати мантрата, многу е битна интонацијата на клучниот збор – Џорџе. Изговорот мора да е исклучиво џорчепетровски.

 

План Ш

„Шутка не ти бега Никола“ се пее масовно во сите паркови каде што постои и најмала шанса да се појави Никола Груевски со децата. Владее убедување дека ако уште неколку пати ја чуе песнава пред децата, поранешниот премиер толку ќе се усрами што самиот ќе го земе мандатот од Иванов и ќе го оденесе на Бихаќка, ќе извади од банка пет милијарди долари и ќе ги врати во буџетот, по што доброволно ќе замине на отслужување на заслужената затворска казна. А да, кога сме кај „ш“ – овој план предвидува фирерот да си удри самиот неколку „шамари“, ама јаки.

 

Ова се сите наши планови, во духот на меѓусебното почитување, толеранцијата, гандизмот, Уставот, Охридскиот договор и каноните на МПЦ. Да се надеваме, сепак, дека парламентарното мнозинство има навистина план Б, малку посериозен од овие нашиве.