Вести

Кој е новиот претседател на Врховниот суд

Јово Вангеловски

Јово Вангеловски е новиот претседател на Врховен суд, одлучи денеска Судскиот совет на седница која што беше најавена само 15 минути пред одржувањето, па многумина новинари беа оневозможени да ја проследат.

Инаку, во трката за Врховен беа и Снежана Бајлозова, Лидија Неделкова и Беса Адеми.  

Ова е втор мандат на Вангеловски како претседател на Врховниот суд. Првпат беше избран во 2008 година, само неколку месеци откако дојде на функцијата врховен судија. Претходно работеше како како адвокат, без ниту еден ден судски стаж.

При изборот за претседател на Врховниот суд тогаш, во контекст на неговото понатамошно одлучување, акцент беше ставен врз неговите кумски врски со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

„Ако боде очи кумството, јас ќе ја исправам таа слика“, рече тој.

Вангеловски во 2015 година беше споменуван и во бомбите на кои можеше да се слушне негов разговор од 2011 година со министерот за транспорт Миле Јанакиески, за случајот „Глобал“.

 

Вангеловски важи за еден од судиите со најголем имот. Денеска беше оневозможена проверката на анкетните листови за имотната состојба на функционерите на страницата на Антикорупциската комисија, но според имотниот лист од 2014 година, Вангеловски со сопругата поседувал 4 станови, 4 возила, деловен простор и градежно земјиште, дивиденда и хартии од вредност.

На денешната седница Судскиот совет избра в.д. претседател на Кривичниот суд, Стојанче Рибарев, неодамнешен претседател нa Апелацискиот суд во Штип, а од октомври 2016 година судија во Врховниот суд. Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџоски изјавил дека Рибарев бил најискусен и затоа е поставен да го води проблематичниот Кривичен додека не се избере претседател.

Овој избор доаѓа откако досегашната в.д. претседателка на Кривичниот суд Татјана Михајлова поднесе оставка од функцијата без да ги наведе причините. Таа ја извршуваше функцијата в.д. претседател само 3 месеци, од декември минатата година, откако на поранешниот претседател Владимир Панчевски му истече мандатот, но повторно се кандидираше за истата позиција.