Не сум роден скопјанец, што многу овдешни „староседелци“ го перцепираат како некој вид телесен недостаток, кој и физички ми оневозможува да се „вклопам“ во градот. И тука некаде ја гледаат причината за мојата критичност кон изборот на Скопје за престолнина на културата за 2028 година.
Но, сепак, Скопје е мојот град. Тука се доселив во 1965 година, на мои едвај полни четири години. Буквално растев со него. Си играв во заостанатите урнатини од земјотресот и таму пронаоѓав „закопани блага“.
Гледав како се отвораат градилишта и „растат“ некои згради „позајмени“ од иднината. Тука го стекнав своето образование на сите нивоа; и академското, и уличното, и кафеанското и секое друго. Тука го поминав целиот работен век и, како што сега стојат работите, тука ќе го завршам својот живот и тука ќе бидам закопан.
Што е тоа што натера, некои, бриселски апаратчици да го прогласат токму Скопје за престолнина на културата во 2028 година? Пет и пол книжарници во градот? Една и пол киносала?
Тука првпат се бакнав. Тука ја изгубив својата невиност. Речиси сите мои некогашни и сегашни љубови се од Скопје. Тука создадов семејство.
Бев најјак кога Скопје беше најсилно. Почнав да ја губам силата, кога Скопје почна да венее.
Да, Скопје ми ги оформи сите мои знаења, афинитети, вкусови… ме создаде. Растев со Домот на младите „25 Мај“ (денешниот МКЦ), растев со Младиот отворен театар, со Скопскиот џез-фестивал, кој ми овозможи да правам интервјуа со моите „богови“, луѓето на кои им се восхитував како дете.
Уште претходно родителите ме водеа на Деновите на солидарноста, каде што ја гледав Милва, на пример. Или на „Милде сорте“ фестивалот (денес би се рекло „Мајлд сорт“, ама…), каде што ги гледав „Трогс“, тогашна светска атракција, а мене и денес еден од омилените бендови. Го скратив годишниот одмор во Сребрено крај Дубровник за да се вратам на време да присуствувам на свадбата на нашата Јасмин Шабан и Боби Фарел од „Бони М“.
Да, низ Скопје шетаа разни важни ликови на светската култура. Од Ребека Вест, преку Жан Пол Сартр, па сѐ до Ален Гинзберг и многу други. Во Скопје живееја и твореа речиси сите најважни личности на македонската повоена културна сцена. А и денес тоа се случува. Имав и имам среќа да се дружам со повозрасни, со врсници, со помлади и многу млади луѓе, кои и денес се важни за она што се нарекува културен живот, а убеден сум дека со времето ќе стануваат уште поважни.
Додуша, израснат сум и оформен во Циган маало, презрено скопско маало, маало кое не се споменува во легендите и раскажувањата на „старите“ скопјани и маало чие име е изгубено во усните и апокрифните преданија во скопските „бадникарски“ ноќи. Секако, маалото го доби името по една мала, ама агилна ромска енклава што во тоа време (а колку што знам и многу порано) живееше во моето соседство.
На мои очи гледав како моите тогашни другарчиња се иселуваат во некоја пустелија со чудно име – Шуто Оризари. Дури подоцна сфатив дека идејата била дека „градот убав што пак ќе никне“ не смеат да го „валкаат“ Ромите, луѓето на кои културата им е „питачењето и крадењето“.
И така Скопје ја создаде „најголемата ромска општина“ во Европа, што подоцна ја „продаваше“ како најголемо „демократско“ достигнување. А, во суштина, направивме најголемо гето по етничка основа во Европа по Втората светска војна и едно од најголемите во светот, заедно со оние произлезени од апартхејдот во Јужноафриканската Република.
За тие што не знаат, а верувам дека најголемиот дел од читателите не знаат, Циган маало е денешниот строг центар на градот, се простира од некогашната раскрсница на некогашната улица Маршал Тито со Луј Пастер (мислам дека уште така се вика), сѐ до гимназијата „Јосип Броз Тито“. Или, поконкретно, во ова маало влегуваат Домот на АРМ, некогашните кина „Вардар“, „Бамби“ и „Култура“, оној бикот што е ставен како статуа, „Белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ, зградата на „Технометал“ итн.
Но, сето ова влегува во графата „спомени“, а сеќавањето, како што знаеме е лажлива категорија. Затоа и се прашувам: што е она што денес Скопје го квалификува за европска престолнина на културата? Или, попрецизно, што е тоа што натера, некои, за мене непознати, бриселски апаратчици да го прогласат токму Скопје за престолнина на културата во 2028 година?
Немањето вистинска концертна хала? Универзална сала, оставена самата да се урне од забот на времето? Саемот на книги што се одржува во спортска сала? Пет и пол книжарници во градот? Една и пол киносала?
Дали е тоа сообраќајната култура? Градската хигиена? Бројните паркови? Урбанистичката среденост? Функционалниот градски превоз? Спомениците од „Скопје 2014“? Барокните фасади? Или е тоа градската власт, која е евидентно антиевропски расположена?
Или ништо од ова не се гледа од пристојната бриселска оддалеченост? Или се гледа „низ прсти“?
Никој нормален нема ништо против неколку стотини милиони евра од европските фондови. Освен ако не завршат по чудни и нејасни тендери и не се префрлат во приватни џебови
Добро, олеснителна околност што главен конкурент на Скопје беше Будва, која, и покрај фамозниот „Град театар“, реално е престолнина на турбокултурата во Црна Гора, што значи дека не е баш некаква конкуренција. Натаму, Скопје навистина (сѐ уште) има жива културна сцена, која, сепак, се потпира на некои поединечни и групни напори, а не на некаква стратегија на македонскиот главен град во спроведувањето осмислени културни политики.
И на крајот, Скопје е мултикултурен и мултилингвален град, нешто што совршено му одговара на „фотороботот“ на европската престолнина на култура.
Но, од друга страна, Скопје неретко знаел да биде тесноград град. Знаеле скопјани да го каменуваат излогот на семкарницата „Зуко“ во центарот на градот. И тоа само затоа што така се вика. Знаела скопската младина да протестира против воведување катедра за албански јазик на Педагошкиот факултет.
Во Скопје, на почетокот на корона-кризата, се претепани оние несреќни Корејци, за кои скопјани мислеа дека се Кинези што дошле тука само да ја шират страшната болештина.
Се разбира дека треба да им се честита на луѓето што на мускули или без нив ја истераа целата оваа работа. На крајот на краиштата, никој нормален нема ништо против неколку стотини милиони евра од европските фондови. Освен
ако не завршат по чудни и нејасни тендери и не се префрлат во приватни џебови.
Но, реално, во Скопје повеќе и нема што многу да се упропасти, па белки може само да се оди на подобро. Додуша, на веста за прогласување на Скопје за европска престолнина на културата, прочитав еден коментар во еден белградски медиум, кој отприлика вели: „Еве му шанса на Скопје да ги изгради пирамидите од Гиза. Уште само тоа му недостасува“.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија