Слобода по говорот

Слободата на говорот во Македонија никогаш не била доведувана во прашање. Секогаш во прашање била слободата по говорот. На оваа стара вистина ме потсети неодамнешниот напад на телевизиската екипа на Ал Џазира при извршувањето на нивните професионални задачи. Секако и еден коментар искажан по овој повод во еден полуслужбен разговор: „Голема работа. Ѝ го турнале микрофонот“!

Со други зборови, наспроти поголемата гласност што проблемот со притисоците врз новинарите очигледно ја добива и наспроти нешто поефикасното реагирање на надлежните органи, новинарите и новинарските екипи сѐ уште се препознаваат како патки за слободен отстрел, легитимни мети за секакви изживувања од секого.

Секаде во светот, напад врз медиумска екипа е скандал од првостепено значење, вест што долго ќе опстојува во ударните термини и на насловните страници, дури и можна причина за протести, парламентарни расправи, телевизиски емисии, јавни дебати… Освен кај нас

Ѝ го турнале микрофонот, бре! Се прашувам (само реторички) што ќе се случеше ако некој, на пример, му го турнеше пендрекот на некој полицаец? Или му го фрлеше стетоскопот на некој лекар? Дали тогаш ќе се слушнеа вакви коментари?

Секаде во светот, напад врз медиумска екипа е скандал од првостепено значење, вест што долго ќе опстојува во ударните термини и на насловните страници, дури и можна причина за протести, парламентарни расправи, телевизиски емисии, јавни дебати… Причината е едноставна: напад врз новинар е напад на слободата на изразување, темелна вредност од која ниту една правна држава не отстапува. Тоа е фундаментот на граѓанското општество.

Низ оваа визура, нападот врз колешката Милка Смилевска и нејзината екипа можеби најкарактеристично ја прикажува еутаназираната свест на овдешната јавност, па и на актуелниот новинарски момент. Ако барем со минимална сериозност се „изгуглаат“ текстовите и објавените содржини за овој настан, лесно ќе се види дека поголема гласност добија осудите на нападот од страна на политичките партии, отколку самиот настан.

Да, и новинарските здруженија и организации излегоа со соопштенија со осуда на нападот и со поддршка за колешката, кои беа регуларно пренесувани и – толку! Ретко кој медиум се зафати малку посериозно да навлезе во општествената патологија, која ги овозможува овие инциденти, притисоци, говори на омраза, па и физички напади врз една толку битна општествена дејност.

Медиумската флегматичност покажува неколку битни работи за актуелниот македонски момент. Прво, станува збор за речиси целосно отсуство на медиумска солидарност (тука е неопходно да се направи дистинкција од новинарската солидарност). Интересно е, на пример, како медиумите знаат да се солидаризираат кога станува збор за заштита на нивните профити и интереси, за барања државни субвенции и финансиска помош или за ослободување од одредени давачки, а се сосема индиферентни кога станува збор за овој тип напади.

Мрзеливоста или незаинтересираноста за подлабоко анализирање на генезата на нападите врз новинарите, наспроти сериозната заинтересираност за формалните партиски осуди на истите напади, суштински го детерминира местото на медиумите во македонското општество – тие не ѝ служат на јавноста, туку на политичките центри на моќ!

Во таа смисла и државата како организиран систем се однесува така како што се однесува. Топката се префрла од полицијата до обвинителството и обратно, сѐ додека случајот не се заборави. А по правило, во ваква медиумска атмосфера, овие случаи паѓаат во заборав по половина ден, односно откога политичките партии ќе го изгубат интересот за нив (а редовно и бргу го губат).

Новинарските здруженија одамна бараат измени на законската регулатива, при што нападот врз новинар ќе се третира како напад врз службено лице. И секогаш наидуваат на фрази испразнети од своето значење, колнења во демократијата и слободата на говорот, наводни разбирања за проблемите. И никогаш ништо не се менува.

Мрзеливоста или незаинтересираноста за подлабоко анализирање на генезата на нападите врз новинарите, наспроти сериозната заинтересираност за формалните партиски осуди на истите напади, суштински го детерминира местото на медиумите во македонското општество – тие не ѝ служат на јавноста, туку на политичките центри на моќ!

Државата, без оглед од која и каква власт е претставувана, во недостиг од посериозен внатрешен, а богами и надворешен притисок, си го задржува правото да се откаже од реформирање, да не кажеме реновирање на системската медиумска рамка. На крајот на краиштата, секое законско решение што го носат и ќе го носат политичките носители на власта во прв ред е и ќе биде во полза на нивните интереси, а ако биде и во полза на јавноста и јавниот интерес, тогаш – во ред. А ако не биде – пак добро!

Ваквата медиумска клима не може да произведе ништо друго, освен понижена професија и неинформирана јавност. На новинарскиот еснаф, и самиот расцепкан по линиите на општествената раздвоеност, не му останува ништо друго, туку релативно често, за жал и пречесто да лиферува веќе здодевни соопштенија и да покренува иницијативи што на крајот завршуваат јалово, и така да се обиде да ја крева свеста за значењето на самата професија и за неопходноста од суштински промени во односот кон неа.

Долга е оваа тема и бара огромна елаборација: од сопственичките односи и структури, па сѐ до економскиот и егзистенцијалниот статус на новинарот. За почеток, ајде да се обидеме да покажеме минимална почит кон луѓето што си ја вршат својата работа и да кажеме: Извесен хулиган го турнал микрофонот од раката на новинарката Милка Смилевска. Да, тоа е голема работа!

Да ја ослободиме слободата на говорот. И уште повеќе: слободата по говорот!