Слободата на Асанж и слободата на новинарството

Минатата недела беше пуштен на слобода веројатно најпознатиот затвореник на светот, Џулијан Асанж. Додуша, речиси 15-годишната сага на овој австралиски хакер, уредник и активист за достапност (на македонски: транспарентност) на информациите заврши со една, благо речено чудна судска спогодба без вистински судски процес.

По долгогодишната правна битка меѓу САД и Асанж, водена по 17 обвиненија, што на Асанж во најмала рака му ветуваа повеќевековна затворска казна, а како резултат на трпеливите напори на таканаречената тивка дипломатија на австралиската влада кон своите американски и британски партнери, се дојде до решение што ќе им одговара на сите, а особено на Американците кои и покрај нивната долготрајна „борба против вештерки“, сфатија дека натамошното инсистирање на драстично казнување на Асанж е само контрапродуктивно за нивното реноме на „знаменосци на слободата“.

Спогодбата подразбира признавање на вината на Асанж по една од 17-те точки на обвинението (онаа за шпионажа), за што формално е осуден на пет години, точно толку колку што одлежа во притворот во британскиот затвор „Белмарш“.

Поради недовербата на Асанж во американскиот естабилишмент, рочиштето на кое е потпишана спогодбата не е одржано во континенталниот дел на САД, туку на Северните Маријански острова, опскурна американска територија во длабокиот Пацифик, географски многу поблиска до Австралија отколку до САД.

Асанж

Светската јавност, барем онаа што не учествува директно во креирањето на светските политики, ја поздрави спогодбата и ослободувањето на овој „сајбер анархист“, доживуван како борец за човекови права без преседна во поновата светска историја и како херој што без задршка се осмелува да им „брцне прст во око“ на најмоќните во светот, а јас си помислив како една ваква судско-владина спогодба со посредство на друга држава би изгледала во Македонија.

Првата претпоставка ми е дека овдешната јавност, барем онаа што не учествува во креирањето на овдешните политики, ќе се развикаше „Нема правда, нема мир“.

На широко и на длабоко ќе се расправаше за судиите, кои се само „пиони во рацете на високата политика“, за селективноста на правдата, ќе се споменуваа мита и корупции, распродажба на националните интереси, прифаќање на „ултиматуми на меѓународната заедница“ и водење политики по „туѓи диктати“.

Дури би очекувал доза разочарување кај приврзаниците на Асанж, затоа што ја признал вината, не издржал под притисоците и дека практично барал помилување од неговите сатрапи. Практично не е никаков херој, туку обичен предавник и подлизурко. За народ со толку истенчени чувста за право и правичност од една страна и за саможртва како врвна парадигма, всушност не би очекувал ништо помалку.

Американската јавност веста за ослободувањето на Асанж и „капитулацијата“ на американската влада, па и на американското судство, ги прими прилично мирно. Дури и со доза олеснување

Но, за чудо, американската, инаку мошне сензибилирана јавност во нивната изборна година, ги нема овие особини. Таа веста за ослободувањето на Асанж и „капитулацијата“ на американската влада, па и на американското судство, ги прими прилично мирно. Дури и со доза олеснување.

Не беше ни важно, ни потенцирано, па ни спомнато дека судијата не се држел до параграфите, туку до договорот, постигнат меѓу Асанж, САД и Австралија.

Ете, на мое искрено изненадување, „случајот Асанж“ го нема ниту во предизборната кампања, а не се спомена ниту во првата предизборна дебата меѓу Бајден и Трамп. (Треба да се има предвид дека обвинението против Асанж е подигнато во време на Трамп, а спогодбата е потпишана на крајот на мандатот на Бајден).

Што се однесува до мене, јас веста за ослободувањето на Асанж ја примив со извесна горчлива радост. Радост, затоа што неговото ослободување ќе претставува охрабрување за бројните „свиркачи“ и истражувачки новинари ширум светот, па и кај нас. А горчливиот вкус што не може да се избрише е речиси 15-годишната голгота што Асанж ја преживеа само затоа што си ја работеше својата работа. Поточно, затоа што одлично си ја вршеше работата.

Кежаровски

Веројатно ќе звучи натегнато, но не можам а да не извлечам паралела меѓу случајот на Асанж и нашиот случај со колегата Томислав Кежаровски, кој не правеше ништо друго, освен што си ја вршеше својата работа.

Едно од најсериозните обвинувања, можеби и најсериозното, за Асанж е дека со објавувањето на документите ги довел во опасност животите на американските разузнавачи, чии имиња се наведени во објавените материјали. (Патем речено, ова обвинение се „изгуби“ во спогодбата).

Главното обвинение против Кежаровски беше дека оддал идентитет на заштитен сведок и така ја загрозил неговата безбедност. (Патем речено, се испостави дека заштитениот зведок всушност бил лажен сведок и без доволен кредибилитет за сведочење).

Јас како новинар, односно како дел на една релативно поширока заинтересирана јавност, не слушнав дека поради објавените документи во Викиликс се случило нешто било кому, освен што некои функционери мораа да отстапат од своите функции. Не затоа што им беше загрозена безбедноста, туку затоа што работеа нелегално. Не слушнав ни дека нешто му се случило на наводниот заштитен (и лажен) сведок на Кежаровски.

Жртвите на Асанж и Кежаровски, но и на многу други помалку експонирани колеги, не е залудна. Новинарството, како тоа нам и да ни изгледа, не потклекнува, без оглед на репресивните системски решенија и неиздржливите притисоци

За жал, не слушнав ни дали некој одговараше затоа што прифатил сведочење на лажен и некомпетентен сведок како релевантно. Еве, прифаќам дека не сум доволно информиран и дека можеби нивните објави имале некакви последици врз посочените ликови, тоа, сепак, не е никакво алиби за тормозењето на луѓето што се обидуваат да ја работат сопствената професија.

Од друга страна, дури и да имало такви последици, тие не се воопшто или не се доволно искомуницирани со јавноста, што е само уште една потврда за оправданоста на методите и постапките на Асанж, а богами и на Кежаровски.

Во некое мое, ајде нека биде и утопистичко општество, Асанж и Кежаровски не само што не смееја да бидат казнети, туку општеството мораше да најде начин да ги награди. Не откриваат тие државни или не знам какви тајни, туку ги откриваат општествените аномалии.

Приказната за Асанж има неколку наравоученија. Таа првенствено го покажува значењето на новинарството во јавноста.

Не прогласи узбуна Стејт департментот поради убивањето цивили во Ирак или поради одвратниот третман на затворениците во Гвантанамо, туку поради дрзнувањето на Асанж да ги објави овие факти. Затоа новинарството и новинарите се практично „трн во око“ на сите владеачки елити, без оглед дали се тие политички, економски, здравствени, образовни…

Затоа новинарството се сфаќа како „државен непријател број еден“, затоа со медиумите се постапува така како што се постапува, затоа системски се гуши слободниот збор. А Македонија тука не е никаков исклучок. Напротив.

Верував и верувам дека жртвите на Асанж и Кежаровски, но и на многу други помалку експонирани колеги, не е залудна.

Новинарството, како тоа нам и да ни изгледа, не потклекнува, без оглед на репресивните системски решенија и неиздржливите притисоци. Времето оди напред и покрај паузите што ги прави на тој пат. И ние со него.

Значи, добрата вест за оваа недела (а можеби и за оваа година, па и деценија) е дека Џулијан Асанж е конечно на слобода.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија