Вести

Македонските амбасадори под дипломатски притисок за случајот Кежаровски

По повикот на Меѓународната федерација на новинари, новинарските здруженија низ светот пишуваат писма до македонските амбасадори во нивните земји

Кежаровски пред судница после расправата на Апелацискиот суд во Скопје по жалбите за случајот „Ликвидација“

Кежаровски пред судница после расправата на Апелацискиот суд во Скопје по жалбите за случајот „Ликвидација“

„Доколку новинарите од Македонија ја оценат одлуката на Апелацискиот суд за случајот Кежаровски како неправедна или дека се прекршени човекови права, Норвешкиот синдикат ќе побара од норвешката дипломатија да се вклучи и да го разгледа случајот“, му изјавила Ева Стабел, претставничката на Норвешкиот новинарски синдикат на македонскиот амбасадор во Осло – Енвер Абдулахи и потенцирала дека Кралството Норвешка годишно дава по шест милиони евра за развој на Македонија.

Средбата била на покана на амбасадорот, а следела по писмото на Синдикатот до него, во кое се бара ослободување на Кежаровски.

Иницијативата за писмено обраќање до македонските амбасадори потекна од Меѓународната федерација на новинари (МФН) и Европската федерација на новинари (ЕФН) кои пред две седмици побараа од сите свои членки да испратат писма до македонските амбасадори во нивните земји со порака за ослободување на Кежаровски.

Првото писмо од ЕФН беше пратено до македонскиот амбасадор во Европската унија, Андреј Лепавцов. Во писмото на ЕФН меѓу другото се вели: „Длабоко сме разочарани што вашата Влада продолжува да ги занемарува основните меѓународни начела и вредности на независното новинарство и не прави ништо во насока на заштита на слободата на печатот, истражувачкото новинарство и слободата на изразувањето“.

Воедно, претставниците на МФН и ЕФН договорија и средба со Лепавцов.

Со писма до амбасадорите во нивните земји досега се обратија и Белгиската асоцијација на новинари, како и Српскиот новинарски синдикат.

Во контекст на меѓународниот притисок за ослободување на Кежаровски, денеска се огласии Организацијата на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕМО) со соопштение во кое ги повика властите во Македонија да ги отфрлат сите обвиненија против новинарот Томислав Кежаровски.

Генералниот секретар на СЕЕМО Оливер Вујовиќ изрази целосна поддршка за Кежаровски и останатите новинари кои се во слична ситуација во регионот.

„Третманот и судењето против Томислав Кежаровски се извор на длабоки загрижувања за нас веќе подолго време. Неопходно е новинарите и медиумските работници да бидат безбедни од вакви типови на притисок и обиди за цензура“, вели Вујовиќ.

Кежаровски е осуден на четири ипол години затвор за наводно откривање на идентитет на заштитен сведок. Во моментот новинарот е во домашен притвор, а одлуката на Апелацискиот суд во Скопје по повод жалбата на Кежаровски се очекува во наредните денови.