Слободна Европа и заробени медиуми

Утре, на 31 март, по речиси четврт век, ќе престане да постои Радио Слободна Европа на македонски јазик. Мене оваа тивка вест, проследена без многу врева на социјалните мрежи, ми изгледа како остварување на некаква космичка правда! Апсурдно е во држава што не ја третира Европа ни под разно, та слободна, та заробена, да има медиум што во името ги содржи тие два збора – „слобода“ и „Европа.“ Не оди тоа во иста реченица: Македонија и Слободна Европа!

Затоа, освен некои гласови од медиумската заедница, и не слушнавме некакви реакции од политичките, стопанските, па и културните центри во оваа земја. Никој не се потресе. Не се изрази ниту куртоазно жалење, а камоли некаква институционална иницијатива или обид да се задржи некаква модифицирана верзија на овој медиум. Не! Мочуриштето мора да го фундаментализира сопствениот статус на мочуриште. Та, ова е само уште еден од медиумите што згаснаа. Ниту прв, а богами нема да биде ни последен.

Но, зошто е важно да се нотира дека згаснува Слободна Европа на македонски јазик? И зошто е тој медиум важен?

Гаснењето на Радио Слободна Европа на македонски доаѓа токму една година по уредбата на американскиот претседател Доналд Трамп, со која беа укинати дотациите за Американската агенција за глобални медиуми (USAMG), независна конгресна агенција што се грижи за финансирањето на американските глобални медиуми: Voice of America (VOA), Radio Free Europe/Radio Liberty (RFE/RL), Office of Cuba Broadcasting, Middle East Broadcasting Networks и Radio Free Asia, со што практично САД ставија точка на финансирањето на она што се нарекува „американска мека моќ.“

Како што гледаме, американскиот претседател има многу поголема доверба во некои прилично „потврди“ варијанти на моќта отколку што е тоа „меката“ пропаганда.

Прозорец кон светот

Радио Слободна Европа е формирана на почетоците на Студената војна, некаде кон крајот на 1949 година. И тоа директно од ЦИА, поточно од нејзиниот основач и долгогодишен озлогласен шеф, Ален Дулис. За разлика од Гласот на Америка (формиран 1942 година), кој е федерален медиум и дел од централната администрација, Слободна Европа е регистрирана како приватна компанија, иако се финансира од истите извори.

Причината за оваа дистинкција лежи во фактот дека Гласот на Америка е формиран во екот на Втората светска војна, првенствено како поддржувач на сојузничките сили и како медиум што треба да ги пренесува вистинските вести на фронтот и во сојузничките земји.

Со други зборови, немало потреба да се крие неговата политичката улога, додека Слободна Европа е формирана речиси исклучиво за емитување во земјите од Источниот блок, па тогашните официјалиси сметале дека не е упатно јавно да се декларира нејзината пропагандна улога.

По падот на Берлинскиот ѕид, улогата на овие медиуми дефинитивно се трансформира од пропагандни машинерии во своевидни промотори на професионалното и објективно новинарство

Се разбира, од тогаш до денес, и двата медиума (како и другите што беа под капата на САД) драстично ја променија својата улога. Но, дури и во тие оловни времиња, кога ЦИА беше директно надлежна за нив и за нивната уредувачка политика, тие имаа многу позначајна информативна отколку пропагандна улога.

Иако имам прилично години, сепак времето на илегалното слушање на Гласот на Америка во тогашната Југославија го знам само од кажувањата на повозрасните од мене. Се чини дека за малку сум го „промашил.“ Во мое време, имено, се слушаше Радио Луксембург.

Иако официјално забранета, оваа радиостаница масовно се слушала во некогашната заедничка држава. Татко ми, инаку воено лице во ЈНА, ми има кажувано дека секоја вечер во 19 часот ги слушал официјалните радиски вести, а потоа во 20 часот го местел радиото на Гласот на Америка за да слушне што има да каже фамозниот Грга Златопер, легендарниот водител на вестите за Југославија на Гласот на Америка (инаку, прилично живописен лик, соработник на ЦИА и голем антикомунист).

Првенствено, вели, за да биде информиран за настаните во светот, кои безмалку ги немало на домашните радиски станици. Практично, тоа бил единствениот извор да се информираш за она што се случува во Индонезија или Финска, на пример.

И она што не е помалку важно, иако татко ми тоа не го интересирало, вториот дел од емисијата на Златопер бил исполнет со прилози за американската култура, првенствено за тогашните нови филмови, но била пуштана и џез-музика. Онаква каква што тогаш не можела да се слушне на домашните радиопрограми.

Треба да се каже и тоа дека ЦИА одамна има кренато раце од овие програми. Во случајот на Слободна Европа, тоа е некаде во 1972 година, по бројните откриени финансиски скандали што ЦИА ги правела преку фондовите наменети за овој медиум. Тогаш, управувањето со медиумот го презема Американскиот конгрес и финансирањето станува прилично транспарентно.

По падот на Берлинскиот ѕид, улогата на овие медиуми дефинитивно се трансформира од пропагандни машинерии во своевидни промотори на професионалното и објективно новинарство. Сѐ до моментот додека Доналд Трамп и неговата тогашна десна рака, Илон Маск, не заклучија дека овие медиуми (плус USAID) се преполни со „комунисти“ и не решија да го сосечат „ова зло“ од корен. И тоа со сега веќе славната електрична пила на Маск. Би додал, со прилично одобрување на голем дел од македонската јавност.

Медиумска оаза

Македонскиот сервис на Радио Слободна Европа е еден од најмладите во големото семејство на овој доскорашен медиумски гигант. Тој датира од 2001 година. Првин содржините се емитуваат од централата во Прага (Чешка), а потоа редакцијата се префрла во Скопје, која ќе функционира сè до утрешниот ден.

Инаку, заедно со македонскиот, се затвораат бугарскиот и романскиот сервис, а малку порано беше затворен и унгарскиот, како и канцеларијата во Црна Гора, со што е најавено завршување на едно важно поглавје, не само во македонската, туку и во европската информативна историја.

Со укинувањето на Радио Слободна Европа, и онака искасапениот македонски медиумски организам останува осакатен за еден битен екстремитет во неговото функционирање. Радио Слободна Европа на македонски јазик беше една од ретките медиумски оази каде што можевте да видите, слушнете и прочитате професионално селектирани и презентирани информации, релевантни коментари и интервјуа.

Со укинувањето на Радио Слободна Европа, и онака искасапениот македонски медиумски организам останува осакатен за еден битен екстремитет во неговото функционирање

Мене лично ми беше еден од доверливите, сигурни и радо користени извори. По неговото гаснење, медиумите во кои имам безрезервна професионална и читателска доверба можат да се избројат на помалку прсти отколку што има мојата лева рака.

Што е тоа што ја правеше Слободна Европа посебна во мојот медиумски свет? Би рекол, првенствено професионалниот погон, составен од новинари што сериозно ја сфатиле својата мисија. Звучи како фраза, ама тој спој на искуство, знаење и младост не е честа појава во македонското медиумско секојдневие.

Во таа смисла, јас не се грижам за иднината на професионалците од овој сервис, тие се опремени со вонредни професионални вештини и се надевам дека тоа ќе биде препознаено дури и во оваа македонска медиумска недојдија. Јас се грижам за мене и за мојата потреба да се информирам бргу, точно и прецизно.

Тие медиумски квалитети, таа точност и прецизност, не се можни, или се многу тешко возможни, во атмосфера во која владеат мантрите од типот „медиумски пазар“ или „самоодржливост.“ Во мала средина, да не кажам „мал медиумски пазар“, каква што е Македонија, тоа, едноставно, не е остварливо. Или ќе се финансирате од маркетингот или од политичките центри на моќ.

Ако се финансира медиумот од огласувачите, тогаш нема да им продава информации на читателите, туку ќе ги продава читателите на огласувачите. Токму како цифра. Како вреќа компири. Оттука се сите оние лажни вести, сензационализми и таканаречени „кликбајтови.“ Не е, значи, важно читателот да биде информиран, туку е важно тој да кликне на текстот.

Ако, пак, се финансира од политиката, тогаш повеќе нема да биде медиум, туку пропагандна алатка. И тоа од оној најлош вид. Значи, нема да биде важна информацијата, онаа што е од јавен интерес, туку ќе биде важно читателот да се убеди во исправноста на политиките што се промовираат. Веќе имаме искуство и знаеме на што наликува тоа.

Од друга страна, македонската држава очигледно не е заинтересирана системски да го реши информативниот систем во земјава. Секој обид државата да го „помогне“ медиумскиот простор се сведува на – гола корупција. Сетете се само на оние блесави рекламни владини кампањи или на законското решение партиските (пред)изборни пропагандни кампањи да бидат финансирани со буџетски пари.

Но, еве, на пример, една Словенија сфаќа дека квалитетно информирање не може да има со флоскулите од типот: „медиумски пазар“ и „самоодржливост.“ И затоа го поддржува медиумскиот плурализам. И никој не ја обвинува за корупција. Зошто? Затоа што таа поддршка е системски решена, преку јавни конкурси, со транспарентна база на податоци за сопственичката структура и начинот на финансирање на секој медиум посебно, со прецизна законска регулатива за владиното рекламирање итн.

Тука некаде и лежат причините зошто Слободна Европа беше драгоцен медиум во нашиот информативен простор. Затоа што беше некомерцијална, односно финансиски независна од овдешните центри на моќ. Со еден збор, непоткуплива. Затоа што работеше по некои други стандарди и аршини. Оние по кои наводно се стремиме, а бегаме од нив како ѓавол од крст.

Но, таа е само уште еден од медиумите што згаснаа. Ниту прв, а богами нема да биде ни последен. И никој нема да се почувствува засегнат од оваа вест. Што сега?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија