Со начинот на кој ги водеше случајот на Кежаровски и измените и дополнувањата на Уставот, Владата на Никола Груевски повторно се покажа во своите вистински авторитарни бои.
Со тажниот случај на македонскиот новинар Томислав Кежаровски и начинот на кој тој ја отсликува црвената линија на однесувањето на Владата на Никола Груевски кон слободата на говорот и кон граѓаните на Македонија, Македонија повторно се истакнува, од погрешни причини, овој пат како единствена земја на Балканот што затворила новинар поради тоа што гокористел своето перо.
Во 2013 година, Кежаровски беше осуден на четири и пол години затвор поради „незаконско ширење информации и откривање на името на сведок во еден случај на убиство“. По шест месеци во затвор и по протестите што следуваа од медиумски организации од цела Европа и од страна на претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, тој беше пуштен во домашен притвор. На 16 јануари, скопскиот Апелациски суд ја потврди пресудата дека е виновен и нареди тој повторно да биде вратен в затвор, но ја намали казната што треба да ја отслужи на две години.
Оставајќи го настрана фактот дека статијата во која новинарот наводно го обелоденил името на еден заштитен сведок е напишана уште во 2008 година, секој нормален суд би го отфрлил случајот веќе и поради неубедливоста на аргументите изнесени од страна на Јавното обвинителство.
Меѓутоа, ние сме во Македонија каде што, под сегашниот режим, нормален суд и не постои. Има изобилие на докази за вмешувањето на политиката во судството. Заедничка проценка на сите меѓународни организации и влади што го следат развојот на настаните во земјата е растечка загриженост поради „селективноста на и влијанието врз полицијата и судството“. Во својот Извештај за напредокот на земјата во 2014 година, Европската комисија го спомнува политичкото влијание врз судските процеси. Комисијата, исто така, го нагласува и зголемениот притисок на кој се изложени медиумите, истакнувајќи ги, меѓу другото, и тужбите за клевета „од политичари против новинари (што има застрашувачки ефект врз слободата на изразувањето) и од политичари против други политичари (наместо отворена јавна дебата)“.
Со оглед на тоа што случајот на Кежаровски предизвика огромно внимание кај меѓународната заедница уште по неговото прво затворање, на Владата и стоеја на располагање сите можности да го заврши случајот и да го ослободи. Но, таа одби да го стори тоа. Последната одлука го претставува оној пословичниот клинец врз мртовечкиот сандак на слободата на медиумите во Македонија, земја чијашто Влада одново и одново е осудувана од страна на медиумските организации од целиот свет поради нејзините авторитарни методи.
Тоа е уште еден од многуте примери на арогантниот однос на Владата спрема нејзините граѓани. Минатата недела, таа ги отфрли барањата на студентите и професорите во земјата кои се против усвојувањето на контроверзните реформи во образованието, усвоени во Собранието без соодветна расправа меѓу сите засегнатите страни. Наместо да го слушне овој крик на нејзините граѓани, Владата, во стилот на Путин, посегна по тактика да раздели за да владее, организирајќи контра група на професори со сомнителни квалификации кои ги поддржуваат реформите.
Ставајќи го својот потпис на законот, претседателот Иванов ги игнорираше сите повици да постапи како обединувачка личност во земјата. Тој го заборави и личниот повик на поранешниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо кој, во своето писмо со кое му го честиташе повторниот избор на Иванов за претседател во 2014 година, го потсети дека „градењето доверба кај граѓаните е од витално значење за демократскиот процес“.
И како сето ова да не беше доволно, минатата недела Владата преку Собранието протурка голем број уставни амандмани, вклучувајќи го и оној за дефиницијата на бракот, кои беа предмет на опширни коментари на Венецијанската комисија. Комисијата изрази сомневање во мудроста на одлуката ваквите измени да се стават на гласање во Собранието каде што, поради долготраен бојкот, нема опозиција.
Менувајќи го Уставот со цел бракот да се дефинира како заедница исклучиво помеѓу маж и жена, Владата само додаде сол на раната во една земја каде што хомофобичните изјави се вообичаени и каде што повторените насилни акти против геј и лезбејската заедница остануваат неказнети и покрај тоа што сторителите се лесно препознатливи од видео снимките.
Колку ретроградна станала оваа Влада е доказ и фактот што само неколку дена откако Премиерот минатиот јуни ја најави својата намера за донесување уставен амандман со кој ќе се дефинира бракот, генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун обзнани дека Обединетите нации ќе ги признаат еднополовите бракови на вработените во Обединетите нации без оглед на државата од којашто тие доаѓаат. Тој притоа истакна дека човековите права се срцевината на мисијата на Обединетите нации, притоа подвлече дека човековите права се темелот на мисијата на Обединетите нации и побара од сите членки на организацијата да ја отфрлат хомофобијата.
Владата на Република Македонија владее раководејќи се од своите теснопартиски интереси. Продолжувајќи да назадува и отфрлајќи ги сите барања без оглед дали тие доаѓаат од страна на нејзините граѓани или надвор од земјата, Владата го губи кредибилитетот што воопшто го имала. Таа се покажа во својата вистинска боја, како авторитарен режим кој владее со земјата, небаре е филијала на владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ. Не би претставувало изненадување доколку Европската комисија ја повлече препораката за отворање пристапни преговори, лишувајќи ги на тој начин македонските граѓани од каков било зрак надеж за долгорочната иднина на земјата.
Тоа би бил трагичен крај за земјата која пред десет години беше фалена како успешна приказна. Можеме ли да дозволиме да се случи тоа? Одговорот е кај Европската унија, но, во крајна линија, тој е во рацете на самите македонски граѓани.