Дарвиновата девиза дека најголем цицач не е китот туку оној кој низ долг и напорен еволуциски процес се дограбил до државна цицка и се зацицал според своите потреби, а не според капацитетот на цицката, не можеше да биде докажана на ниедно друго место освен во прататковината на видовите – Македонија.
Притоа, мора да се биде чесен и да се признае дека радува новата мода кај оваа генерација македонски цицачи да го соберат изметот што го оставаат зад себе во ќесиња и потоа да го донираат како природно ѓубриво за потхранување на перцепцијата дека општеството само што не ни еволуирало во нормално.
Се разбира, изметот останува трајно на местото на извршување на нуждата за да се разлева на дождот како „Скопје 2014“ во случаите ако нема никој во близина или ако нема кој да ти свирне од страна за да те потсети на твојата еколошко-цивилизациска обврска за елементарна пристојност.
За жал на цицачите, постојано се врткаат низ парковите разновидни свиркачи, а несреќата да биде поголема, некои од нив се странски амбасадори.
Слушам кај думат думите и плачат за бонусите и како слушам така ме фаќа една болка, така како да ме пресече нешто тука долу, во пределот на ДИК, и сеќавам како ме обзема една тага за неправдата што им е нанесена на членовите на оваа напатена комисија
Законот за свиркачите веќе година и пол е стапен на сила, но неговата имплементација се
влечка како чевел што се брише од трева откако стапнал на измет од македонски цицач. Како што можеме да забележиме од непречената имплементација на сите добро познати и одамна востановени коруптивни практики, имплементацијата на овој закон
сѐ уште се влечка по одаите на македонското политичко и судско подземје како археолог во потрага по гробот на Александар, заглавен некаде под пирамидите во Овчеполието.
Да, домаќите свиркачи затаија, ал то није разлог да не ви го свирне американскиот амбасадор Џес Бејли.
И наместо да си ја свиткаат опашката, цицачиве уште и цимолат. Слушам кај думат думите и плачат за бонусите и како слушам така ме фаќа една болка, така како да ме пресече нешто тука долу, во пределот на ДИК, и сеќавам како ме обзема една тага за неправдата што им е нанесена на членовите на оваа напатена комисија. Зашто, како што думаат со најодбрани думи, членовите на ДИК тие пари крваво си ги заработија. И сега некој од уста да им вади за да раздава по сиромашни. Нема смисла.
Но, и како дарители се онеправдени. На пример, крводарителите добиваат слободни денови. А пародарителите – ем преработени, ем без пари, ем без слободни денови.
Малку зачудува и тоа дека не знаат кому да ја донираат шеснаесеттата плата. Уште размислувале кому му е најпотребна. Па, како да ви кажам, еве донирајте ја на пример на тој што уште не ја примил шестата. Тоа е барем лесно. Или како што пиша еден колега – туѓите пари најлесно се донираат.
А кога ќе го удрат по џебот, секој цицач автоматски станува тврдокорен вмровец. Според понашањето, не според религиозно убедување дека бог е еден, дури и кога е во оставка. Та почнува да гледа на Бејли како на странска служба, како на жолто комбе со антени, кое ни се меша во внатрешните работи и ни го урива уставниот поредок и озаконетото крадење, како и вродениот македонски инстинкт за цицање.
Лакрдијава со враќањево пари малку заличува на онаа далечната комунистичка акција „Имаш куќа, врати стан“. Со помош на оваа акција, многу наивни и надежни пролетери во СФР Југославија ги вратија своите станови, чувствувајќи грижа на совест што таму некаде во некој пичковец, имале оставнина куќа од некој дедо. И за да не се чувствуваат буржујски, трчаа по шалтери да го вратат општествениот стан час поскоро и да ја добијат заслужената признаница за херојско помагање на социјалистичката иднина на нашата тогашна татковина.
Овие, новопечениве херои, кои сега ни глумат дека се наивни пролетери, дури херојскиот чин го прават без да добијат никаква признаница. Ете, дури ни на Хорхе не му текнува да им врачи по некој орден за посебни заслуги во патриотската акција: „Имаш плата, врати бонус“.
Добро, Хорхе е сега презафатен со помирување на политичките елити и со чести лидерски средби, не може да се очекува да му посвети време на секој цицач одделно. И треба да се има разбирање. Па, и еден Хорхе не е семоќен.
No money – no honey, ко што викаат таму кај Бејли. Нема шеснаесетта плата – нема резултати веднаш по изборите. Ќе си чекате. Месец, два, колку што треба. Не е должен некој да црнчи во ДИК за некои мочани дванаесет плати годишно, само за вие да имате изборни резултати навреме
Но, ако добро се организираат и се направи заедничка манифестација за сите што имаат пари за враќање, ве уверувам дека ќе дојде прецедникот. Не само што ќе дојде, туку по службена должност ќе стане и покровител на собирот, кој би можел да се нарече Паровраќијада. Само полека, присоберете се повеќе, Хорхе и така прво мора да заврши со веќе преземените обврски, како на пример амнестијата на Груевски, зашто тој и натаму си се води според онаа старата – сите држави си имаат шеф на државата, само Македонија си има држава на шефот.
Океј, ќе ги вратат парите, но чемерот и незадоволството од ускратените четири плати ќе остане да тлее во членовите на ДИК. Сега им се ситите и ги исмевате, зашто следната 2018 е неизборна година. Ако, ако, смејте им се. Ама кој последен се смее, најслатко се смее.
Еве кај е 2019, изборите ќе дојдат додека да трепнете. Е, тогаш ќе молите за првични неофицијални резултати уште првиот месец по гласањето, ама нема.
No money no honey, ко што викаат таму кај Бејли. Нема шеснаесетта плата – нема резултати веднаш по изборите. Ќе си чекате. Месец, два, колку што треба. Не е должен некој да црнчи во ДИК за некои мочани дванаесет плати годишно, само за вие да имате изборни резултати навреме. Си думам, како ли им се исплати да се жртвуваат толку за Македонија. И потоа кога со консензус ќе си изгласаат четири-пет плати плус, да им се качува цела држава плус странци на глава.
Не бе, преку ДИК сме им веќе, но нема да си дадат оставка. Зашто премногу ја сакаат Македонија. За Македонија ќе работат ако треба и без пари, само за плата.