Лесно е да се зборува за антифашизам, но тешко е да се признае дека најкраткиот пат до екстремен фашизам води преку „патриотизам“ слепо центриран околу моноетнички и авторитарни практики. „Жолтите ленти“ не мора само физички да се врзуваат околу нечија рака. Може да се врзат и вербално. Зарем малку ѓупци, цигани, шиптари и македонски предавнички „говеда“ досега добија такви вербални ленти?
Го прашале познатиот сликар Иван Табаковиќ, шеф на катедрата на белградската ликовна академија: „Професоре, како може вие, највозрасниот и најпочитуван шеф на катедрата, да одбивате да бидете во Комисијата за прием на нови студенти? Тој, без двоумење одговорил: „Во 20-тите години на минатиот век, на ликовната академија во Виена, нa приемен испит се пријавил eден кандидат што се викал Адолф Хитлер. Не бил примен. Да бил примен, можеби ќе цртал вазни со цвеќе, а овој свет ќе изгледаше сосема поинаку“.
Ова е одлична илустрација на исклучително тешката задача и на индивидуалната одговорност навреме да се препознаат и превенираат идеи и ставови кои можат да завршат во извршната зона на фашизмот.
Не случајно ја споменувам. Утре е 9 Мај, ден на големата победа над фашизмот. Треба да се сетиме, да славиме и да се охрабриме. Но, пред сѐ, да ѝ оддадеме почит на онаа генерација што ја внесе Македонија во редот на големата антифашистичка коалиција. Дел од нив одамна не се меѓу нас. Оние кои се, за жал, повеќе се врзани за медицински апарати и туѓа нега. Едвај десетина кои се „на нога“, утре ќе дојдат да положат цвеќе пред споменикот кај Владата, што сведочи за нивното дело.
Каде ќе бидеме ние, нивните внуци и правнуци во тоа време и каде сме генерално, во сето ова наше време? На која страна? Кој „споменик“ ќе сведочи за нас, за нашата заложба да ја продолжиме антифашистичката борба, бидејќи, за жал, таа не е завршена. Фашизмот се враќа преку разни форми. Можеме ли да го препознаеме и да го спречиме?
Можеме, ме уверува генералот Тодор Атанасовски, со кого деновиве имав чест да пијам кафе во Дебар маало. Разговорот добронамерно ни го „прислушкуваа“ и други присутни. Им се допадна. Ги заинтересира и заинтригира. Дури и се вклучија во разговорот со свои коментари.
Атанасовски има 91 година и ставови достојни за 22 век. Се потпира на својот ум, на својот бастум и на раскошно благородните идеи. На што се потпираме ние? На мижење пред реалноста.
Сојузот на борците, на пример, денес нема свое седиште. Користи простории на Градскиот сојуз. Нема средства да плати котизација во Светската организација на ветерани, а се работи за сума околу 1.000 евра. Со што да ја споредам? Само едното копито на Букефал чини десеткратно повеќе. Вреди ли тоа копито повеќе од почитта кон живата историја, кон делото на оние кои дале придонес денес да живееме со сопствена држава? Очекувам некој од власта јавно да одговори, без да се правда дека ова прашање е надвор од некоја „тематска прес-конференција“.
Ова е повеќе од тема. Лесно е да се зборува за антифашизам, но тешко е да се признае дека најкраткиот пат до екстремен фашизам води преку т.н. „нормализиран национализам“, односно „патриотизам“ слепо центриран околу моноетнички и авторитарни практики.
Мижењето пред тие состојби е одраз на длабинската компонента на националистичка свест, која во својот потконтекст препорачува плански заборав на антифашизмот. Се форсира некаков етноцентричен антифашизам. Дали е тој можен и продуктивен? Не! Затоа што антифашизмот ја брани еднаквоста на сите луѓе подеднакво. „Жолтите ленти“ не мора само физички да се врзуваат околу нечија рака. Тие може да се врзат и вербално. Зарем малку ѓупци, цигани, шиптари и македонски предавнички „говеда“ досега добија такви вербални ленти? Или и тоа не е доволно за да процениме што се случува?
Реставрацијата на конзервативизмот, демонизацијата на конфликтите и новите национални хомогенизации водат кон нова идејна организација на политичка омраза со висок интензитет. Она што загрижува, е што под параванот на патриотизмот тие обезбедуваат проодност во тековниот жаргон и модел на однесување. Ако не се стави крај на таквите тенденции, Македонија ќе ја изгуби клучната антифашистичка и морално-политичка вертикала стекната пред седум децении.
Со акцентирањето и форсирањето на други подалечни периоди од македонската историја и со суптилното маргинализирање на антифашистиката борба, актуелната владејачка елита инсталира филтер кој го пропушта само „корисното минато“. На јавната сцена доминира нејзината евидентна историска неписменост, бидејќи антифашизмот како наднационална борба, на многу симплифициран начин го идентификува исклучиво со комунизмот, кој пак, апсурдот за да биде поголем, денес суштински и во изворна форма е вгнезден токму зад нејзините декларативни демохристијански политики.
Но, практиката покажува дека оној кој располага со монополот врз толкувањето на минатото ја контролира и сегашноста, а ја навигира и иднината. Тоа не смее да се дозволи. Кога станува збор за продолжување на антифашистичкото движење, не смее да има ни дисконтинуитет, ни измена на епохалната свест, ни генерациски разлики. Па, ајде да покажеме. За почеток, барем со букет цвеќе пред споменикот на борците.