Смртта на демократијата

Вчера (21 септември) беше Меѓународниот ден на мирот. Хамас му се закани на Израел дека ќе ги убие преостанатите заложници, ако Израел не прекине со нападите на Газа. Израел не прекинува со нападите на Газа. Русија продолжува со воздушни напади врз украинските градови.

Американскиот претседател Доналд Трамп му се заканува на Авганистан со „многу лоши работи“, ако не ја предаде авионската база Баграм под американска контрола. САД ја укинаа помошта на Тајван. Ден претходно, во Белград се одржа голема воена парада. А долгогодишниот македонски сликар на цвеќиња на мирот, Живко Поповски – Цветин отвори изложба „Цвеќе на мирот“ во неговото родно село Брезово. Тоа е отприлика сѐ што треба да знаете за одбележувањето на Меѓународниот ден на мирот.

Минатиот понеделник (15 септември) беше Меѓународниот ден на демократијата. Тоа е отприлика сѐ што треба да знаете за одбележувањето на овој ден. Денес е рамноденица. Од денеска натаму, ноќта станува сѐ подолга, а денот сѐ покус. Сѐ додека ноќта не ја проголта речиси целата дневна светлина. Тоа е отприлика сѐ што треба да знаете за Македонија. И тоа е отприлика сѐ што треба да знаете за актуелните календарски случувања. Сѐ што следи подолу во текстот не е нужно да се знае.

Сирени за тревога

Мирот и демократијата се неразделни феномени во општественото живеење. Не постои демократија без мир и обратно, нема мир без демократија. Демократијата, за разлика од овдешното врежано мислење, не е владеење на мнозинството врз малцинството, туку токму обратното – уважување на малцинското мислење, па и негова заштита, ако е потребно. Демократијата не е систем за практикување власт, туку систем за организирање благосостојба на заедницата.

Не е (само) моја констатација дека во поновата цивилизациска историја немало толку многу интензивни воени судири и толку малку демократија. Геополитичките процеси се такви што им одат на рака на оние ксенофобични, затворени струи, каде што зборот „емпатија“ кон различниот или различномислечкиот е забранет збор. „Америка прва“ и „Македонија вечна“ се само две страни од една иста паричка. Тоа е модусот како да се чувствува гордост кога на овој „трет камен од

Сонцето“ пред очите ни се случува вистински геноцид. Исчезнување на цел еден народ во тешки маки, гинења и изгладнувања. Ние не наликуваме на светот од 20-тите години на минатиот век. Ние сме светот од 20-тите години на 20 век. Токму пред светската економска криза и доаѓањето на Хитлер на власт.

Во бројните дебати што се водат во учениот свет, повеќе не се поставува прашањето дали, туку кога и како ќе умре демократијата. Во книгата „Како умираат демократиите“ на Стивен Левицки и Даниел Зиблат (How Democracies Die, Steven Levitsky, Daniel Ziblatt, 2018), преку компаративни анализи на демократските процеси во повеќе држави (Венецуела, Русија, Турција, Тајланд, Унгарија, Полска…), авторите констатираат дека демократијата не мора нужно да умре во мрак, преку државни удари и насилни методи. Не, таа умира и во рамките на изборните процеси, тогаш кога избирачите се убедиле дека тоа е нивни избор.

Според нив, демократијата не зависи само од институциите задолжени за спроведување и заштита на владеењето на правото, туку и од неформалните правила што политичките елити би требало да ги почитуваат, за да може таа да преживее. Во таа смисла, тие наведуваат четири индикатори, поради чие кршење би морало да се огласат сирените за тревога.

Прво (1), дали ги одбиваат или минимално ги прифаќаат правилата на демократската игра – на пример со непризнавање на изборните резултати; второ (2), дали го негираат легитимитетот на своите политички ривали; трето (3), дали го толерираат или го охрабруваат насилството во политиката и, четврто (4), дали се закануваат со ограничување на граѓанските слободи на своите политички противници и на слободата на медиумите? Му оставам на читателот сам да процени дали и колку од овие индикатори се нарушени во нашиот политички живот, при што нема да го споменам оној фамозен 27 април и упадот во Собранието.

Впрочем, актуелната предизборна кампања е доволно илустративна да се види до кое ниво е овдешната демократија. Не мора да се вршат никакви компаративни истражувања за да се види како власта ги демонизира своите противници, како ги обвинува безмалку за тероризам (подметнување пожари), настојува да ја ограничи нивната политичка партиципација (ДУИ), ја применува, а и ја охрабрува, засега само вербалната бруталност кон своите критичари…

Истоштена демократија

Во својот осврт за оваа книга, објавен деновиве, белградскиот професор Зоран Стољковиќ вели дека според Левицки и Зиблат, не станува збор за осамени демагози, туку дека тие се производ на екстремно поларизираното општество во едно популистичко опкружување, каде што „неформалните браници на демократијата првин се разлабавуваат, а потоа сосема се кршат.“

Она што може да биде интересно за нас е дека авторите за оваа состојба не ги обвинуваат само десните елити, туку и – граѓаните! Дајте им на граѓаните шанса да учествуваат во партиските избори, пуштете ги да зборуваат што мислат по социјалните мрежи и демократијата отиде по ѓаволите – велат авторите. Во отсуство на демократското политичко образование и на јавноста што ги поддржува демократските норми, толпата лесно станува плен на демагозите и учесник во уништувањето на системот што токму ним им овозможува самоуправа.

Стољковиќ укажува и на еден друг автор, на Дејвид Рансиман (David Runciman), кој вели дека политичките институции за граѓаните се еднонасочни улици, затворени во себе. Според него, демократијата е изморена и истоштена. Тој вели дека идејата за промени што ќе им донесат бенефит на сите, повеќе не ги мотивира луѓето. Ако нешто воопшто и ги мотивира, тогаш тоа е поврат на нешто што мислат дека го изгубиле или задржување на нешто што мислат дека добиле со актуелната власт. Во таа смисла, енергијата не се троши повеќе за борба на идеи, туку за барање виновници, првенствено за нашата лична позиција во општеството.

Ве потсеќа ли ова на нешто? На некоја држава? На некакви избори? Не знам колку е утешно сознанието дека не сме единствени што се задушуваат во овие процеси, но тоа не е нешто што треба да нѐ интересира. Верувам дека има поинтересни теми од плачењето врз тешката судбина на демократијата. Особено врз судбината на македонската демократија.

На пример, денес е Меѓународниот ден на носорозите, со цел да се подигне свеста за нивната заштита. И, да, денес е Меѓународен ден без автомобили. Исто како да е и оној несреќен Меѓународен ден на демократијата. Или на мирот. Сосема сеедно.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија