Соочување со сегашноста

Српскиот социолог Алексеј Кишјухас, во еден свој неодамнешен текст, ќе го констатира „заморот од Европа“ кај луѓето од овие краишта. Иако, Кишјухас главно ја анализира состојбата во Србија, оваа теза може мошне лесно да се примени на сите земји од таканаречениот Западен Балкан, вклучувајќи ја, се разбира, и Македонија.

Овој замор, главно констатиран во „политиката на уцени и условувања“ од страна на Европската Унија, можеби може најдобро да се види во актуелната расправа, поточно во вжештената атмосфера околу модифицираниот француски предлог за поставување на насоките на Македонија кон нејзиниот пат во ЕУ.

Она што требаше да биде сериозна и продлабочена политичка и стручна дебата, уште на самиот старт се претвори во масивно користење на говорот на омраза и враќање на малку подзаборавената реторика на „предавници“ и „патриоти“.

Воскреснатиот етнонационалистички фолклор, олицетворен во фамозните „македонско име нема да загине“ и „нека знаат клетите душмани“, од јавната сцена речиси целосно ги исфрли флоскулите за идеалот на Европа „како единствена алтернатива“.

Сте забележале ли дека во македонскиот јазик постои „разнебитување“, а не постои збор со опозитно, односно спротивно значење. Нас само нè „разнебитувале“, а никој не нѐ „битувал“. Или како веќе би се именувала спротивната форма

Некогаш неприкосновената масовна поддршка за ЕУ се топи под вжештениот притисок на „идентитетските прашања“ и на констатациите дека Европа е „декадентна“, дека „форсира неморал“ и дека е премодерна за „македонските традиционални вредности“.

Просторот што вообичаено го заземаат текстови од овој вид е претесен за да се набројат причините за еволутивната регресија на ентузијазмот на македонските аспирации кон европските интеграции. Меѓутоа, според моето скромно мислење, сите нив би можеле да ги сведеме под дефицитот или целосното отсуство на соочувањето со сегашноста.

Намерно ја употребувам синтагмата „соочување со сегашноста“, а не, на пример, „соочување со реалноста“. Затоа што реални можат да бидат и минатото, и сегашноста, а богами и иднината. Можат, ама не мора.

Соочувањето со сегашноста не значи само таа да се следи, преку неа да се проверува сопственото поимање на реалноста. Тоа значи дека треба да се биде во нејзиниот фокус, да бидеме на местото каде што таа поминува и да се обидеме да ја разбереме.

Да се живее во сегашноста значи да се живее во светот и со светот, а не да се криеме од него во сопствениот чикмак.

Или, што би рекол Хајдегер, светот не можете да го избегнете, но може да ве затекне неподготвени и да ве нападне на таков начин што ќе ве заплаши.

Радомир Константиновиќ во неговото круцијално дело „Филозофија на паланката“ констатира дека светот им пречи на провинцијалците и паланчаните затоа што ги загрозуваат неговата: големината, длабочината, далечината, смислата…

Таканареченото соочување со минатото, кај нас сфатено преку митологизацијата на „херојската историја“ од Втората светска војна или од времето на Илинденското востание, всушност е бегање од сегашноста во надминатите сфаќања од 19 век за создавањето на триумвиратот „народ-нација-држава“. Ваквиот пристап, без оглед на апсурдните бугарски барања, или токму поради нив, е мижење пред сегашниот миг и најлесен начин да останеме вечна провинција во најлошата смисла на тој збор.

Сѐ посилните гласови за одбивање на францускиот предлог, односно за откажување од аспирациите за влегување во ЕУ, не е ништо друго, туку манифестирање на нашиот менталитет на жртва. Сите се против нас и сите сакаат да нè „разнебитат“.

Сте забележале ли дека во македонскиот јазик постои „разнебитување“, а не постои збор со опозитно, односно спротивно значење. Нас само нè „разнебитувале“, а никој не нѐ „битувал“. Или како веќе би се именувала спротивната форма.

Подобро е да јадат корења, отколку да се понижат, што би се рекло. Фактичката состојба е дека, сепак, нема да јадат корења, туку ќе отидат во Франција, Германија, Белгија, Шпанија

Ваквиот комплекс на инфериорност, искажан и преку сосема ирационалните заложби за откажување од аспирациите за членство во ЕУ, нѐ претвора во своевиден пуст остров, опкружен со „непријателските“ земји-членки на „бриселското царство“. Бадијала е што ние тој пуст остров го гледаме како слика на некакво гордо село што успеало да остане непокорено и свое на своето.

Пустиот остров ќе биде уште попуст, а Калимеро, како што тоа обично се случува, ќе остане осамен во „клетиот свет“ што „нема чувство за правда“.

Токму поради таа некаква антиевропска клима што тука не се провлекува од вчера, туку со децении наназад (без оглед на политичките прокламации), веќе живеевме во сериозна изолација. Токму тој комплекс на инфериорност натера илјадници наши сограѓани да бараат бугарски пасоши. Токму оваа мантра на Калимеро произведе состојба речиси секое семејство да има некој свој близок член во „непријателските“ европски земји.

Мислите ли дека самоотфрлањето на европскиот пат ќе ги натера нашите деца да се вратат во татковината, затоа што „македонското име нема да загине“? Или ќе ги натера и оние останати стручни кадри да си го бараат чарето.

Залудно е сега да се споменуваат економските придобивки од членството, без оглед кога тоа и дали ќе се случи. И онака тоа не е никаков аргумент за овдешните евроскептици.

Подобро е да јадат корења, отколку да се понижат, што би се рекло. Фактичката состојба е дека, сепак, нема да јадат корења, туку ќе отидат во Франција, Германија, Белгија, Шпанија…, секаде каде што ќе им биде овозможен достоинствен живот. Ќе отидат заедно со својот бугарски пасош.

На Дејвид Боуви му се припишува дека рекол дека иднината им припаѓа на оние што можат да го видат нејзиното доаѓање.

Засега, би рекол, доволно е да ја видиме сегашноста. И конечно да ни припадне нам, минатото и онака е само минато.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија