Не е срамота да се работи дополнителна работа за да се обезбеди потребната плата – рече Трајко Славески, новиот гувернер на Народна банка. И навистина не е. Она што Славески го квалификува како „несрамно“ е, всушност, само уште еден пример на нормализирање на преработеноста, исцрпеноста и животот сведен на потрага по ресурси повторно за живот, кој немаме време и сила да го живееме. Ние не се срамиме да работиме. Ние сме преморени.
Луѓето се изморени да бидат само работна сила без простор и време да го живеат сопствениот живот. Ваквите изјави, кои не се изолирани, туку вткаени во доминантните општествени наративи, го произведуваат и го одржуваат срамот како невидливо оружје на контрола. А реалноста е прилично едноставна. Живееме во систем, во кој не се срами тој што експлоатира, туку тој што едвај преживува.
Срамот не е насочен кон моќта стекната во корумпиран систем, туку кон ранливоста…Нѐ научија дека треба да се срамат тие што немаат, а не тие што насила земаат
Срамот одамна не е морална реакција на погрешно дело со кое им наштетуваме на другите, туку социјален инструмент за дисциплина. Тој не нѐ повикува на етика, туку на покор. Низ срамот не се гради совест и одговорност, туку се одржува поредокот.
Токму поредок, во кој алчноста, саможивноста и ароганцијата се бесрамни, а мнозинството врз чиј грб се остваруваат овие амбиции е фрлено во еден малограѓански спектакл на озборување, исмевање и социјален срам. Со други зборови, срамот не е насочен кон моќта стекната во корумпиран систем, туку кон ранливоста.
Тој се користи за да нѐ натера да прифатиме да работиме за недостоинствени плати, да молчиме пред неправдата, да се срамиме да побараме помош, ако сме поинакви, ако не „успеваме.“ Нѐ научија дека треба да се срамат тие што немаат, а не тие што насила земаат.
Паланечкиот срам е невидлив, ревносен чувар на статус квото. Тој не казнува со сила, туку со самопрекор, со тишина и со повлекување. Тој е лекција што ја учиме од деца. Во училиште, девојчињата се срамат ако им се види градникот, ако зборуваат гласно, ако имаат став.
Децата што носат исти патики цела година се предмет на подбив, не затоа што направиле нешто погрешно, туку затоа што системот ги учи дека тоа е личен неуспех, а не последица на нееднаквост. Во здравството, жената што абортира е тивко осудена, а нејзиното тело е третирано како општествена сопственост. Во институциите, транс лицата треба да „не се истакнуваат“ ако сакаат „мир.“ Работникот што бара договор, а не плата на рака, станува проблематичен.
Колкумина од нас се сеќаваат како нашите родители нѐ прекорувале да не бараме пари за сладолед пред други возрасни зашто се срамеле да кажат дека немаат. Во текот на јуни, месецот на гордоста, социјалните мрежи се полни со навреди и клетви кон оние што не се хетеросексуалци, нагласувајќи дека нивните животи, желби и љубови се срамни, а не места на гордост.
Сте се обиделе ли да влезете во некоја пропадната и корумпирана институција во бермуди и да ве вратат назад зашто е срамно да ви се гледаат колената? Секоја од овие ситуации не е само момент на понижување. Таа е лекција по срам. Лекција дека не треба да бараме премногу, дека треба да се вклопиме, дека не сме доволни. Срамот овде не е последица на дадена постапка, туку стратегија за одржување хиерархија. И тој работи тивко, ама моќно, правејќи нè соучесници во сопственото потиснување.
Ако си жена, срамота е да викаш од лутина, ако си маж, срамота е да плачеш од тага, ако си геј, срамота е да постоиш, ако си работник, срамота е да немаш пари, ако си возач, срамота е да немаш автомобил, ако си болен, срамота е што не си здрав, ако си здрав, срамота е што не си продуктивен, и така до бескрај. Бесрамни се единствено оние со купени дипломи, наместени конкурси, сурови газди и корумпирани политичари.
Време е срамот да го пренасочиме, не кон оние што преживуваат, туку кон оние што удобно живеат на туѓ грб. Срам не е да немаш, срам е да не ти е грижа
Нивните скапи автомобили, викендички, фотоалбуми од егзотични патувања, раскошни свадби, мегаломански крштевки неверојатно лесно го бришат срамот од нивните животи. Срамот е за оние утепаните, таа презрена група, која се занимава со сопственото место во моралниот систем создаден од бесрамните.
Срамот не е неутрален, тој е длабоко родово и класно обоен. Жените, сиромашните, маргинализираните се оние на кои системот најчесто им го налепува срамот. Жената што го напушта мажот е „безобразна“, а не храбра. Работничката што бара подобри услови е „неблагодарна“, а не свесна. Сиромашниот што не може да плати сметка е „мрзлив“, а не исклучен од ресурсите.
Фуко би рекол дека срамот е дел од онаа микрофизика на моќта – суптилен, невидлив, но исклучително ефикасен облик на контрола. Тој не се спроведува со сила, туку со внатрешна тишина, со убедување дека проблемот е во нас. Така, срамот станува дисциплинирачки механизам, кој не нè казнува затоа што не сме моќни, туку нè учи да не ја ни посакуваме моќта, да бидеме скромни, покорни, и пред сè, тивки. Во срамот ние веќе сме капитулирале.
Време е срамот да го пренасочиме, не кон оние што преживуваат, туку кон оние што удобно живеат на туѓ грб. Срам не е да немаш, срам е да не ти е грижа.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија