Не постојат никакви материјални докази дека Новата година навистина пристигна. Напротив. Сите индикации укажуваат дека, ако имаме среќа, таа ќе пристигне некаде наесен или на следната Нова година.
Всушност, она што денес го нарекуваме Нова година е некаков опозит на она што таа навистина е. Некаква анти-Нова година, нешто како антиматерија, како Нова година во огледало. Само ливчето на календарот и датумите на нашите гаџети ни кажуваат дека Земјата поминала уште еден круг околу сонцето. Нема снег, Дедо Мраз не излегува од својот карантин, медиумите не објавуваат како и каде политичарите ја пречекале годината што доаѓа, кафеаните и рестораните се без гости и без музика, нема чочеци и качувања по маси, дури и нема љубења кога стрелките на часовникот се поклопија на полноќниот час…
На Черчил му се припишува дека рекол дека Балканот произведува повеќе историја отколку што може да поднесе. Во македонскиот случај, тоа значи дека не можеме да ја преживееме историјата, па цело време живееме во неа
Она што не е нормално за овој период на годината сега е нормално. Доблест е да не се дружиш со други луѓе, да не излегуваш од дома, да не контактираш, да си го покриваш ликот до непрепознатливост…, со еден збор – да бидеш негативен во секој поглед.
Просто, човек да се праша дали доживеавме да живееме во еден паралелен универзум, каде што сè е обратно од оној свет што до скоро го познававме? На крајот на краиштата, дури и НАСА посредно ја дозволува оваа хипотеза. Имено, кон средината на минатата година, во екот на пандемијата, угледното научно списание „New Scientist“ објави статија, базирана врз истражувања на НАСА, во која се остава можност на постоење паралелен универзум, во кој сè е обратно, па дури и времето оди наназад.
Станува збор за резултатите добиени од специјалната антена ANITA (арктичка импулсивна привремена антена). ANITA е првиот неутронски телескоп во светот, практично радиодетектор за детектирање на воздушните тушеви на вселенските зраци, составен од сложен антенски систем, кој беше пуштен во хелиумски балон над Арктикот, онаму каде што нема шумови што би можеле да го попречуваат истражувањето. Во текот на двата лета во 2006 и во 2014 година, ANITA забележала фонтани од високоенергетски честички што ги емитува мразот, а потсетуваат на туш на космички зрак што е поставен наопаку.
Професорот по физика на Универзитетот во Хаваи, Питер Горхам, раководител на ова истражување, сугерира дека нивното истражување покажува дека „постои мошне силна спротивност во однос на стандардните закони на физиката… Видовме нешто што изгледа како рефлексија на космички зрак од ледената плоча. Тоа беше космички зрак што излегува од мразот“. Според Ибрахим Сафа, професор на Универзитетот Медисон во Висконсин, објаснувањето на овој сигнал бара постоење универзален топичен универзум создаден во истата голема експлозија како и нашиот и паралелно со него. Во овој свет на огледала, левото е десно, позитивното е негативно, а времето оди наназад.
За да се разбере оваа теорија, односот на материјата и антиматеријата и постоењето паралелен универзум, човек не мора да биде ниту Ајнштајн, ниту, пак, мора да оди на Северниот Пол. Доволно е да дојде во Северна Македонија. Тука времето одамна тече наназад. Во последните две децении живеевме и во времето на парамециумите и диносаурусите, па во времето на Аминта Трети и на Александар Велики, па на Цар Самуил, па на Гоце Делчев, за да стасаме некако до Втората светска војна, а, сепак, да не излеземе никако од средниот век.
На Черчил му се припишува дека рекол дека Балканот произведува повеќе историја отколку што може да поднесе. Во македонскиот случај тоа значи дека не можеме да ја преживееме историјата, па цело време живееме во неа.
Теоријата на големата експлозија вели дека при создавањето на универзумот, подеднакво се создадени честици и на материјата и на антиматеријата. При секоја нивна средба, тие се поништуваат, поточно создаваат – ништо.
Политичкиот спектар ви е доволен да сфатите дека во нашиот паралелен свет, левото е десно, а десното е лево, дека напред е назад, а назад е напред, дека не мора да се мисли со глава, туку може и со задник
Типичен пример за докажување на оваа теорија е македонскиот парламент. Двете најголеми партии, како некакви црни дупки во себе ги вшмукуваат сите останати политички тела или со својата гравитациона сила ги привлекуваат да се вртат околу нив. Но, она што е побитно е дека при секоја нивна меѓусебна средба, при секој нивни допир, при секој судир… се произведува – ништо.
Политичкиот спектар ви е доволен да сфатите дека во нашиот паралелен свет, левото е десно, а десното е лево, дека напред е назад, а назад е напред, дека не мора да се мисли со глава, туку може и со задник…
На пример, ние фрламе ѓубре онаму каде што не се фрла, а не фрламе онаму каде што се фрла. Ние паркираме онаму каде што не се паркира, а не паркираме онаму каде што се паркира. Ние садиме дрвја онаму каде што не се садат, а ги сечеме онаму каде што растат. На крајот на краиштата, секој оној што имал можност да живее некое време на гнилиот Запад, знае за какви паралелни светови станува збор.
Во таа теорија на големата експлозија нема научно објаснување како и зошто материјалните честички опстанале и од нив е направена целата вселена. Во нашиот случај нема рационално објаснување, како и на кој начин опстојуваме и опстануваме на Земјината топка.
Ете, затоа мислам дека Новата година, годинава нѐ прескокна. Како во оној филм каде што еден ист ден цело време се повторува, ќе бидеме осудени да ја повториме и годинава што измина. За среќа, и боговите паднаа на тилот, целиот свет се преврти наопаку, па белки ние ќе го истераме нашиот инает и наспроти сите – ќе станеме нормални.