Да се ослобосиме од стравот! Ова е слоганот со кој своевремено американскиот претседател Френклин Рузвелт агитирал САД да влезат во Втората светска војна. И тогаш, како и денес во САД, под мотото „Првин Америка“ (America First), владее изолационистичко движење. Идејата е Европа и светот нека си ги расправаат своите проблеми, а Америка е и онака далеку.
Идејата на Рузвелт, пак, е дека ако се дозволи победата на нацистичкиот терор, тогаш ќе мора да се живее во страв. Отприлика премисата е оваа: демократијата се остварува преку принципот на еднаквост на граѓаните (еднакво право на глас), а се базира на трите темелни слободи: личната слобода, слободата на вероисповест и економската слобода (право на работа). Според Рузвелт, постои и четврта темелна слобода: слобода од стравот.
Стравот е првата и последната консеквенца на секој терор. Без оглед дали се работи за терористички чин, семејно насилство или државен терор. Всушност, разликата е само во тоа дали некој терор се одвива „според уставот и законите“ или е ослободен од законските рамки. Резултатот е секогаш ист – страв. А во стравот, вели Рузвелт, нема демократија.
Правила на толпата
Обидот за атентат врз некогашниот американски претседател и сегашен претседателски кандидат Доналд Трамп е секако терористички чин. Без оглед дали атентатот е дело на некој непресметлив поединец или е плод на некаков поширок заговор, резултатот е тој – создавање атмосфера на страв. Дури не е ни битно дали атентаторот имал идеја да посее страв во американското општество, односно дали бил свесен за консеквенците од неговиот чин. Некои други сигурнo биле свесни.
Историјата нѐ учи дека ништо не е случајно – работите се детерминирани и се случуваат во контекст. Во општестевен контекст. Претпоставувам дека ниту на Гаврило Принцип му била идејата да ја предизвика Првата светска војна со атентатот врз австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд и неговата сопруга Софија, ниту пак дека Владо Черноземски имал некоја свест за последиците од неговиот атентат врз тогашниот југословенски крал Александар и тогашниот француски министер за надворешни работи Луј Барту.
Кој е тогаш контекстот на овој прв обид за атентат на (некогашен) американски претседател и претседателски кандидат од 1981 наваму (од обидот за атентат врз Роналд Реган)? Првите анализи до кои можев да дојдам се однесуваат токму на американскиот изолационизам и на одамна воспоставениот невротичен страв од „заговорот на елитите“, кои со спроведување на глобализацијата им ги одземаат „сигурните работни места“ на припадниците на американската ниска средна класа.
Парадоксално е, ама така е. Токму несудената жртва на атентатот, Доналд Трамп, е еден од главните креатори на оваа атмосфера. Особено со социјалната динамика што ја наметна по изборниот пораз во 2020 година. Впрочем, целата идеолошка потка врз која се потпира таканареченото МАГА движење (Make America Great Again) не е ништо друго туку создавање дополнителен ирационален страв врз толпата од натамошната декласификација. И изолирање од меѓународниот политички поредок.
Со намера го употребуваме зборот „толпа“, а не народ или група луѓе. Ако повторно се вратиме на наравоученијата на „учителката“ историја, ќе сфатиме дека во периодот пред Втората светска војна медиумите (првенствено радиото) имаат важна улога во препарирањето на луѓето во толпа. А толпата има своја ирационална етика и свои правила на однесување. Многу поразлични и многу поризични од оние што ги имаат група поединци.
„Спијачите“ на Путин
Важно е да се каже дека времето на владеењето на МАГА движењето, односно во времето на мандатот на Трамп (1916 – 2020) беше далеку помалку ризично од времето што го живееме денес. Тогаш, и покрај анексијата на Крим (2014) од страна на рускиот тоталитарен владетел Владимир Путин, се чинеше дека светскиот политички поредок сѐ уште функционира. Денес работите многу повеќе наликуваат на 1939 година отколку тогаш. Иако се исклучително битни, војните во Украина и во Газа се само производ на настојувањата да се создаде алтернатива на глобалната моќ, првенствено од земјите со авторитарни и тоталитарни режими. Веќе сега можеме да кажеме дека глобалниот политички поредок е сериозно нарушен.
Тоа нѐ доведува до улогата на Владимир Путин во предизвикувањето на хаос и невротичен страв. Уште пред Путин да ја започне „специјалната воена операција“ во Украина, многу аналитичари предупредуваа дека Русија располага со огромен број „спијачи“ во целиот свет, кои се способни да се активираат во секој момент.
Пред извесно време дури читав некој текст дека Русија ќе предизвика серија атентати во Европа (можно и во САД) за да создаде хаос, особено пред и за време на Олимписките игри во Париз. Се сметам себеси за рационален човек, па не обрнав некое внимание на овој текст, сметајќи го како тиражна „теорија на заговор“. Од друга страна, денес истите медиуми можат да кажат дека серијата атентати започна со атентатот врз словачкиот премиер Роберт Фицо во мај годинава, а еве сега продолжува со атентатот врз Трамп.
Контрадикцијата е во тоа што и Фицо и Трамп не се познати по своите демократски капацитети и либерални ставови. Напротив. Според нивните конзервативни политички наративи, тие се многу поблиску до Путин отколку нивните политички конкуренти.
Зошто тогаш на Путин би му одговарало да ги елиминира своите евентуални политички сојузници? Затоа што Путин не ги сака САД за сојузници. Ниту кој било друг. Нему, како и на секој тоталитарен владетел, не му требаат сојузници од демократскиот свет. Нему му требаат луѓе без политички легитимитет, од типот на Александар Лукашенко или Ким Јонг-ун. И, секако, му треба хаос во демократскиот свет, оној што не персонално, туку системски може да се спротистави на неговите методи на владеење и на неговите империјалистички амбиции.
Што се однесува до Трамп, тој, веројатно и без да сака, со овој атентат десеткратно ги зголеми своите и онака одлични шанси да се врати во Белата куќа. Неговиот ореол на жртва успешно ги неутрализира сите оние „стари гревови“ за кои беше обвинуван. Како што сега стојат работите, Трамп ќе нема само контрола врз извршната власт (што му припаѓа по уставот), туку и врз двата дома на Конгресот, а очигледно и врз Врховниот суд.
Нешто слично имаме и ние денес. Имавме таква ситуација и 1995 година кога беше атентатот врз македонскиот претседател Киро Глигоров. Ја имавме и подоцна.
Стравот го растура демократското ткиво. Тоа евентуално може да го сфати група поединци, но не и толпата, која од тој страв се храни.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија