Контролата врз знаењето може да биде одлично покритие за дисциплинирање на последната оаза со епитет автономна. А тоа толку субверзивно звучи во денешно време.
Студентите го положија државниот испит, уште пред да им биде воведен, и тоа со највисока оценка. Со масовното излегување на протест докажаа дека екстерното тестирање е навистина потребно, ама не за нив, туку за власта. Сѐ додека власта не научи дека има суштинска разлика помеѓу задолжителното (основно и средно) и доброволното (високо) образование, и таа ќе мора да полага државен испит.
Во спротивно, врз основа на ненаучената разлика, ќе продолжи да турка реформска заблуда за контрола врз квалитетот на високото образование, која, освен што е целосно спротивна со болоњскиот систем на студирање, може да се претвори и во груб државен интервенционизам и упад во универзитетската автономија.
Што ѝ порачаа студентите на Владата? Дека во модерните образовни системи не е можна реформа на мала врата, без дебата. Дека транспарентноста е формула за влез во нелимитирана јавна расправа, а нетранспарентното наметнување решенија е најбрзата формула за директен излез од неа. Дека треба да бидат респектирани субјекти, чиишто ставови мора суштински да се уважуваат, а не систематски да се омаловажуваат. Дека не е проблемот во квалитетот на знаењето на студентите туку во неквалитетот на експериментите што власта ги спроведува во високото образование.
Во таа ретка слика на кренат глас во македонската анестезирана стварност, прв на екстерното тестирање што го спроведоа студентите, падна министерот за образование. Што им кажа тој ним? Дека не му е јасно зошто протестираат кога Министерството во декември ќе реши дали ќе има државен испит.
Значи, можат да протестираат откако одлуката ќе биде донесена. Притоа, се пожали дека не е својствено студенти да бараат оставка од министер туку само партии. Иако студентите не му побараа оставка, прашањето е од кој учебник министерот го научил тоа „правило“? Од оној по граѓанско општество каде што како лојални граѓанин се дефинирани оние „кои секогаш се подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“ или од некој учебник на Факултетот по металургија?
Патем, не сакам ни да помислам дека има трошка вистина во тврдењата на политичкиот аналитичар од Албанија, Кастриот Мифтарај, дека инженерската диплома на Адеми е лажна. Не затоа што во земјава ќе има инженер-металург помалку, туку затоа што ќе има инжинеринг повеќе во пазарот меѓу коалициските партнери како да се изменаџира случајот, а тоа повторно да заврши во прилог на образовните реформи.
Резилот никогаш нема институционална завршница во македонската практика. И студентите тоа добро го знаат. Исто како што што знаат дека нивните високи факултетски оценки не се мерило за нивната конкурентност на пазарот на трудот туку некои други – оценките во партиските книшки.
Може ли Адеми денес со чист образ да зборува за контролата врз знаењето, кога не дипломата туку етничко-партискиот принцип и ССС („средна стручна спрема“) ги полни графите со рамковни вработувања на раководни места, додека стотици млади Албанци со дипломи од реномирани универзитети седат без работа.
Кога Адеми им се обраќа на студентите или им бара адреса на која ќе им го прати неговиот министерски одговор, би требало да знае дека не разговара со претставници на т.н. „командантски“ или „интелектуални“ партиски крила кои екстерно и физички се преслушуваат по кафеани, ниту дека разговара со надежни кадровици од Министерството на вистината. Разговара со млади луѓе кои бараат еманципаторска пратика во општеството, а таа започнува со, и во образовниот процес.
Треба да знае дека студентите се свесни оти со беспоговорно прифаќање на екстерна контрола врз знаењето, ќе отворат врата на една континуирана „образовна лустрација“ врз наставните програми и процеси, со што државните факултети ќе бидат под постојан политички надзор и стрес-тест, а приватните и под Дамокловиот меч на растегливите критериуми на Одборот за акредитација и евалуација. Контролата врз знаењето може да биде одлично покритие за дисциплинирање на последната оаза со епитет автономна. А тоа толку субверзивно звучи во денешно време.
Ако Владата сака да покаже дека има искрени намери, ќе мора да објасни дали тоа што го бара во „излогот“, го поседува и во „магацинот“, бидејќи со двојни аршини не можат да се воведуваат унифицирани стандарди, не само во образованието туку во која било сфера.
Сѐ додека студентите некои професори многу тешко можат да ги сретнат на факултет, затоа што се презафатени со пишување магистерски и докторски трудови на актуелни политичари, пред кои потоа понизно ќе се поклонуваат и воодушевуваат и академиците од МАНУ, паѓаат во вода приказните за етика и реформи.
И таа лекција студентите добро ја научија, иако во едно демократско општество не би требало да се случи во наставната практика. Па, повелете, почнете првин со екстерен тест што ќе го оцени етичко-вредносниот супстрат на ваквите појави. Студентите го положија државниот испит, на ред е Владата.