Се вртеше, се вртеше како василичарско лепче, и повторно ни се прикажа во сите бои и раскошности. Чекаш Стара-нова година, а ти доаѓа таа. На суетата мислам. Не дека никогаш не била овде, напротив, и премногу ја има, ама човечки е да се надеваш дека од година во година постепено ќе ја снемува. Ама, секогаш ќе се јави некој за да те убеди да не се надеваш на тоа.
Годинава штотуку почна, а веќе има премногу кандидати во трката по пехарот за „суета над суетите“, сакаш од власта, сакаш од опозицијата, сакаш слободни стрелци… Може да се менуваат имињата, но суштината останува иста.
Фатена под рака со егоизмот, надменоста, ароганцијата, вообразеноста, суетата со години е главен супстрат од кој живее, се храни и се ревитализира нашето политичко мочуриште. Практично, денес сме на ова ниво на развој, благодарение на збир од трансмандатни суети, иманентни за разни нови генерации од кои повторно почнува историјата, бидејќи сметаат дека ништо пред нив нема важност, ниту признаваат континуитет.
Па, во тој занес, најчесто се заборава дека најголемата доблест на тие што направиле или прават нешто значајно за општеството и државата, не е да потсетуваат – знаете ли кој сум јас!?
Фатена под рака со егоизмот, надменоста, ароганцијата, вообразеноста, суетата со години е главен супстрат од кој живее, се храни и се ревитализира нашето политичко мочуриште
Самото објаснување – јас сум таква величина (политичка, дипломатска, културна, уметничка), претставува автоимуно самоуништување. Човечката и професионална големина не се објаснува, не се толкува и раскажува. Таа се препознава.
Од друга страна, ако се настапи со суета и ароганција во систем што преферира просечност од шрафови, кои соодветно ќе бидат зашрафени на потребното место, резултатот е да ве доживеат и како шило, кое го оштетува ткивото на штотуку склопениот механизам.
Но, има нешто што се нарекува историска валоризација. Сите исчекори, подвизи, дела, не биле посипани со ловорики, прифатени и глорификувани од сите во реално време. Свеста за најголемиот дел од тие дела созревала многу подоцна. И тоа не е случај само на овие балкански простори, туку и во зрелите демократии.
Ако во одредени моменти навистина искрено се размислувало за придобивките за луѓето, а не за славата на политичкиот миг, ако се мислело повеќе на следните генерации, а помалку на следните избори или влада, зошто тоа да не биде потврдено и на дело, без очекувања за лични позиции, без капарисување на катче за слава и заслуги?
Тие нешта секако ќе дојдат со растењето и зреењето на општеството, и со потврдување на исправноста на одредени потези низ подоцнежната општествена практика. Ако се прашуваме зошто тој процес не е побрз и зошто сатисфакцијата доцни, прво самите ќе треба да си признаеме дека тоа е резултат на нашето бавно трансформирање.
Гледано од еманципаторски и од аспект на компетитивност, нашите социјални трансформации сѐ уште се крчкаат во некакви транзициски експрес-лонци, кои на менито и натаму обезбедуваат подгреани верзии на специјалитети од типот „бравар-борец-маршал“, вкус кој отвора апетит кај секој што еднаш седнал во политичка фотелја.
Секоја жед за нешто што наликува на практиките на едно минато, за гарантирани позиции, за ордени за заслуги, за резервирано место на палубата на некој денешен „Галеб“, кој ќе крстосува раководен од погонот на политичките амбиции, сепак е одраз на еден атавистички начин на кој сѐ уште се разбира политиката.
Дојдовме до тоа политичките опоненти во оваа земја денес ни едно кафе да не можат да испијат заедно, да си кажат „здраво, како си“, без тоа да биде под услови
А најтешко е разочарувањето кога тоа ќе го рефлектираат луѓе со потврдени знаења и вештини, од кои се очекува да бидат пример за промени. Особено што моќта за промени не е резервирана за позициите на кои седат политичките елити. Всушност, во практика можеби најмалку е таму.
Промена може да биде иницирана од секој, од кое било место, од која било професија, ако во тој порив не е вкалкулирана суета и прашањето – каде сум јас во оваа приказна, туку – дали правам нешто корисно за општеството.
Суетата е таа што оневозможува и елементарен разговор меѓу политичките субјекти, ако тој секогаш се поврзува со услови под кои би бил можен. Дојдовме до тоа политичките опоненти во оваа земја денес ни едно кафе да не можат да испијат заедно, да си кажат „здраво, како си“, без тоа да биде под услови.
Ќе беше полесно сево ова да им се припише на дванаесетте т.н. некрстени денови од Божик до Богојавление, ама не е така. Цела година состојбата е иста. Суети и „јас, па јас“ политики ја задушуваат секоја можност да се разговара за што било во ова општество без зовриени страсти. Така не се создава темел за здрава комуникација. Политичките импликации од тоа се нови ровови, нови поделби и нова сурова година, многу потешка од онаа што денес се опева во василичарските песни.
Сурова, сурова година, весела, весела година,
Голем клас на нива, голем грозд на лоза,
Црвено јаболко в градина, живо и здраво до година!