Во некаква апсолутна смисла, сите сме помалку или повеќе виновни што денес нашата земја е повеќе изневерена, отколку суверена. Македонија заслужи многу подобри луѓе од сите нас, кои денес се легитимираме со нејзиното име.
Вчера ѝ беше роденден. Не присуствував на прославата. Заминав на краток одмор. Ми дојде тоа како „совршено алиби“ за да не ѝ го сретнам погледот и да не се снебивам кога ќе ме праша – како дозволивме да ја доведеме до ова дереџе. Кај неа не поминуваат лажни комплименти дека секоја година е поубава, поуспешна, посуверена…
Таа, како што ја нарекуваме – татковина, дедовина, мајка-земја, и за која тврдиме дека ни е сѐ што имаме, со години нѐ трпи врз своите плеќи со сета наша неодговорност кон неа. И ни најмалку не е виновна што нејзиниот јубилеј го дочекавме со вакви мизерни резултати. Не се тоа нејзини, тоа се наши резултати.
Се разбира, немам намера да ја колективизирам одговорноста. Таа има конкретни имиња и презимиња, и правдата кон која тежнееме се надевам дека еден ден ќе го каже својот збор. Но, во некаква апсолутна смисла, сите сме помалку или повеќе виновни што нашата земја денес е повеќе изневерена, отколку суверена.
Изневерена е од сите нас. Од некои заради она што го правеле, од други заради она што не го правеле. Молчеле тогаш кога требало да зборуваат или можеби зборувале, ама не доволно гласно. Заради тоа што сме биле похрабри на зборови отколку на дела, или што сме калкулирале и тактизирале тогаш кога требало јасно и конкретно да дејствуваме.
Денес „напредокот“ на Македонија е плод на сите тие наши кукавичлаци, себичности, незрелости, лакомости, неодговорности, мали и големи пропусти, дисперзирани незнаења и маргинализирани знаења.
Денес „напредокот“ на Македонија е плод на сите тие наши кукавичлаци, себичности, незрелости, лакомости, неодговорности, мали и големи пропусти, дисперзирани незнаења и маргинализирани знаења.
Длабоките лузни што земјава ги носи се дело на сите оние што со години ѝ го масакрираат буџетот за да си прават пашалаци по нејзините, за едно евро проценети ливади. На оние кои ѝ ги масакрираат шумите и ѝ предизвикаат ерозии и свлечишта како живи рани. На оние што ѝ копаат црни финансиски дупки во согласност со сомнителните закони и лукративни намери, и си обезбедуваат поврат на ДДВ преку дебели фактури за нивниот божем, испорачан патриотизам.
Македонија заслужи многу подобри луѓе од сите нас, кои денес се легитимираме со нејзиното име. Таа не заслужи екстерно да ја тестираме секој ден, да ги одмолчуваме ударите врз нејзината иднина, и да ѝ ги проверуваме границите на издржливост на сите наши децениски и ад-хок глупости.
Не заслужи да ја заболуваме со разорни вируси на разни конфликти, да ја делиме, (рас)продаваме на разни субрати што ќе изразат матни инвестициски намери, да ја рекламираме како вечна, а да ѝ го кратиме векот со секој преродбенички ден.
Не ја оставивме да здивне. Демагошки е преорана со програми во разни чекори, предозирана со шеќерни приказни дека е во првите топ 10 за сѐ и сешто, истапацирана со дебела пропаганда и тенок стиропор.
Не е среќна што ѝ ги „разубавивме“ фасадите, бидејќи поважно беше да ѝ ги зацврстиме темелите, да ѝ ги смениме олуците, да ѝ го поправиме покривот и да ѝ го исчистиме оџакот, за еднаш да почне да чади како во домаќинска куќа.
Ѝ беше поважно да ѝ ги регулираме речните кровотоци, а не да ѝ бараме сина крв во минатото и да ѝ го качуваме крвниот притисок, по што ѝ паѓа мрак врз очите, врз оние заматени државни прозорци низ кои веќе не може да се види на која страна е Исток, на која Запад, од која страна изгрева сонцето, на која заоѓа, од која страна доаѓаат инвестициите, на која се перат парите.
Изморена е од нас, од нашите суети, кавги, пресметки… Се прашува зошто воопшто не се разбираме меѓу себе, иако го зборуваме истиот јазик. Си поставува два милиона прашања. Колку се – токму се. Дали сме ние токму? Не сме. Ни бројчано, ни во секаква друга смисла. Сѐ помалку нѐ има, не само како статистичка бројка.
Се топиме како луѓе, морално еродираме како човечки материјал, исчезнуваме како социјален капитал, наликуваме на охридски јагули кои одат во далечни води за таму да ги мрестат својата иднина и егзистенција, но веќе не се враќаат назад.
Се топиме како луѓе, морално еродираме како човечки материјал, исчезнуваме како социјален капитал, наликуваме на охридски јагули кои одат во далечни води за таму да ги мрестат својата иднина и егзистенција, но веќе не се враќаат назад. Инстинктот за преживување им вели – пливај што подалеку од матната вода.
Политиките кои доведоа до експлозија на тој тренд, нѐ учат дека „каменот доаѓал од блиску“. Мене ме учеа дека „каменот тежи на своето место“. За жал, многу камчиња исчезнаа од мозаикот на оваа земја, заминаа и сега тежат на други места. Очекувано. Кога едно стебло паѓа, неговите корени се свртени кон небото. Натаму се стремат. Бараат друг пат.
Нашето стебло е длабоко разнишано. Дваесет и пет години чека да го зацрстиме, да го прихраниме, да му овозможиме и пролет, а не само зими. Чека да ја погребеме онаа смртоносна верзија на „љубов“ кон татковината, која стана еталон за лукративен патриотизам и субвенционирано засолниште на една нискоморална збирштина.
Само крајот на таа приказна ќе биде почеток за голем пораз на политиката што децениски ја игнорира реалноста. Ќе биде почеток на дискредитација на медиокритетските политички номенклатури, на нивните аутистични послушници и нивните налудничави проекти. Ќе биде почеток на заздравување на нашата земја и на духот на општеството.
Општество, во кое животот, достоинството и правата на човекот ќе бидат на повисок пидестал, а не под стандардот на едно шимпанзо со живеалиште вредно 230.000 евра, за разлика од обескуќени семејства за кои е „доволен“ државен аванс од 500 евра и хуманитарна помош од 200 евра.
Да не зборувам за стандардот на разни други животинчиња во скапи градини кои треба да никнат во рајот на нашиот пекол. Не знам до кој круг на пеколот дојдовме преку слични рајски проекти, но ми се чини дека сме некаде околу последниот.
Историјата нѐ учи како нашите храбри претходници се бореле за земјата. Без задршка и калкулации. Со цврста решеност да стигнат до идеалот. Без кубури оставени под перници за „тешки времиња“. Никогаш нема лесни времиња. И нема лесни и кратки патишта. Но, и најдолгиот пат започнува со првиот чекор.