Како Груевски стана светец

Колумна на Сашо Кокаланов
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ѕвони телефонот во два по полноќ, а јас веднаш помислувам на најлошото – другар ми Перо вмровецот запиен во кафеана има нов виц. Стравувањата се потврдија.

– Го чу вицот како Груевски станал светец, а Заев не? Не си го чул. Слушај. Убав ден во рајот. Вечна пролет. Луѓе се шетаат под зелените крошни, црцорат рајски птици, мислиш си во рајската градина што ќе ја градиме во Аеродром. Под дрвото каде што некогаш Адам и Ева јадеа јаболка во тек е откупот на јаболката по гарантирани цени, сѐ си е како што беше речено во стоте чекори на Светото писмо, проширенo и надградено со Новиот завет од претходните избори…

– Еј, алооо, два по полноќ е, скрати.

– Добро, еве кратка верзија. Си биле Груевски и Заев во посета на Мајка Тереза во рајот. Да бараат да станат светци. И му вика Мајка Тереза на пастирот наш да каже две чуда што ги направил. Тепам на избори веќе десет години, одговара нашиов. Добро сега, тоа е чудо не дека не е, ама имаш ли некое чудо направено за доброто на немоќните, сиромашните, прашала светицата. Вашиов Заев таман почнал да се смешка задоволно, Груевски се сетил, Да, мајче, рекол, спасив 400.000 луѓе од сиромаштија, благодарение на мене се отселија од Македонија. А оваа будалетинкава овде сака да ги враќа, хахаха… И така Грујо наш стана светец, а тој вашиот и во рајот остана ко посран голуб. Добар а?

Вицот не е лош, морам да признаам, иако не е ни многу смешен. Особено ако си како мене во останатите 1.600.000 што не се спасија. Не само што сум дел од нив туку ме има дури и во прочистениот список. Што значи дека имам непријатна задача да гласам против светец. Како убив светец, прашаа сестрите Митевски. На избори, си се храбрам. Ако не, рајот не ми бега. Додуша не вистинскиот рај туку овој, инвестицискиов. Туку, остави тоа, сѐ е полесно кога знаеш дека си сограѓанин на светица.

Светицата Мајка Тереза! Единствената наша сограѓанка кон која ние официјално се однесуваме како Грчишта од Халкидики – за да избегнеме националност, во официјална комуникација ѝ се обраќаме со географска одредница „скопјанката Мајка Тереза“.

Но, тоа што самите ѝ ставивме географска одредница не значи дека сме се откажале од битката со Албанија за Мајка Тереза. Напротив. Ја водиме таа битка со нашите најсилни оружја. Со Валентина Божиновска. Читам текст пренесен од странски медиум – „Чија е Мајка Тереза?“. Спорат историчар од Албанија, извесен Зечо, и нашата Вале. „Таа секогаш говореше за нејзините албански корени и нејзината универзална мисија“, вели Зечо. „Ја нарекуваме скопјанката, затоа што таа е една од нас“, му спискува директорката на Националната комисија за односи меѓу верските заедници, скопјанката Валентина Божиновска. Осеќам топлина во градите. Другпат на плажа, кога некој Грк ќе ми рече скопјанос, ќе му кренам палец и ќе го прашам „Вале?“, а тој со кимање на главата и срдечна насмевка ќе ми рече: „Вале. Една од вас“.

Светицата Мајка Тереза! Единствената наша сограѓанка кон која ние официјално се однесуваме како Грчишта од Халкидики – за да избегнеме националност, во официјална комуникација ѝ се обраќаме со географска одредница „скопјанката Мајка Тереза“.

За мене, сепак, поважно од тоа чија е Мајка Тереза, дали била Албанка од Македонија, Албанка од Скопје, скопјанка од Македонија, Влаинка од плоштад, Индијка од Калкута или само светица од Рајот – е што и ние и Албанците ги усвоивме нејзините вредности за љубов, разбирање и толеранција. Толку љубов зрачеше од свирежот на македонската химна во Скадар на фудбалскиот меч Албанија-Македонија, мислиш црцорење на рајски птици од 15.000 грла, што просто немам дилеми дека со ист љубовен жар ќе им биде возвратено и на Арената „Филип Втори“. Толку многу имаме разбирање, љубов и толеранција, што кога ќе ја чуеме химната на другиот, не можеме, а да не си ја засвиркаме со уста мелодијата. Да го знаеме текстот и ќе ја запееме, но и вака е добро.

Дека е скопјанка, ама и дека ја живееме нејзината вера – затоа, со кренато чело бевме во Рим. Горди, прегорди. Ја испративме скопјанката во вечност, канонизирана е, а задоволството за да е комплетно, ни преостанува уште МПЦ да ја шибне во верско календарче со црвено и да ќариме уште еден верски неработен ден.

И делегацијата во Рим беше одраз на слогата и љубовта на Македонците „како такви“. Претседателот беше толку фин и толерантен, што освен власта и опозицијата, го зеде на државен трошок и Емил Димитриев. И не само што го зедоа, му напишаа и говор на верски проповедник. Го слушаш на МТВ и не знаеш кого треба да канонизираат, Мајка Тереза или Отец Емил. Говорот, нема дилеми, го пишувала некоја скопјанка, некоја што е една од нас. Не може туѓа рака такво слово да заслови.

„Канонизацијата на Мајка Тереза е голем настан за Република Македонија и за македонскиот народ. Денеска добивме уште еден светец по потекло од Македонија, што само по себе ја покажува големината на настанот“, изјавува меѓу другото Димитриев во Ватикан.

Внимавај сега ваму. Значи, да не беше светицата од Македонија, големината на настанот немаше да биде баш толкава. Всушност, немаше да биде баш и некој настан. Ситна локална приредба, само за остатокот од светот. Немаше да мора ни кутар Емил да се потегнува од Пробиштип до Рим. Немаше да мора ниту да размислува по пат што бара тој таму кога оди и Груевски. Нели дублерот и вистинскиот актер не играат во исти сцени? Ниту да се измачува попат дали Груевски ќе го скара и за Мајка Тереза нешто. Тешки прашања го мачеа Емил.

Сѐ ли сработив за Мајка Тереза како што треба? Дали можеби ќе ми свика шефот пред папата дека се доцни со споменикот на Мајка Тереза на плоштад? Нели нѐ лажеа дека Б.Ц. е папа, од кај сега овој Франциско? Зошто воопшто прифатив да биде каскадер во филмов? Златна работа си имав во општиот сектор на хидросистемот Злетовица како дипломиран социолог, кој ѓавол ме излажа да влегувам во висока политика? Дали во Ватикан ги прифаќаат боновите од комбинатот Силекс по кафулињата? Ако не, кој е курсот ако ги сменам во евра, да не ме изгорат со провизија? Кој ли ми ја пишувал изјавава, баш е глупава?

Значи, да не беше светицата од Македонија, големината на настанот немаше да биде баш толкава. Всушност, немаше да биде баш и некој настан. Ситна локална приредба, само за остатокот од светот.

Во авионот. Се обидува веќе да не си ја чита изјавата и да мисли на други работи. На постдипломските на Филозофскиот факултет. Мора да ги заврши. Е мора, ама не може, само го шетаат наваму-натаму. Сега и во Ватикан. Го отвора пак парчето хартија што му го даде секретарката да го научи напамет. Треба да каже дека „во овие моменти кога имаме силна политичка битка помеѓу политичките партии дека сепак хуманоста, добродетелта, почитувањето едни со други, вредностите што ги промовираше Мајка Тереза, апсолутно би ни помогнале во надминување на оваа условно кажано политичка криза, бидејќи нејзината помош не беше условена ниту од вера, ниту од боја на кожата, ниту од раса“.

Воздивнува. Го ишка внатрешниот глас кој му вели: „Не кажувај ја изјавава, Емиле! Те дупат, Емиле!“ Со едното око проверува да не го забележале Грујо и Хорхе неговиот немир. Грујо дреме. Хорхе му намигнува. Се врти отсечно кон прозорецот и гледа неколку минути во облаците за да ги избрка лошите мисли. Не може ли едниов мотор да откаже, па принудно да слетаат некаде? Пробува да ги употреби своите тајни моќи, истите оние што секој ден му помагаат да издржи осум часа во монашка тишина во премиерскиот кабинет пред да го вратат дома во Пробиштип. Гледа во моторот, се напрега. Ама лајново сѐ уште мирно си лета, ништо не му е. Но, затоа внатрешниот глас е неумолив: „Мора ли да го кажеш тоа условно пред политичка криза, ќе ти се смеат? Не е ли глупаво да зборуваш за хуманоста и добродетелта, а кризава ни е поради сотрување на противникот, апсење, затворање, изживување, палење кафеани, испраќање неистомисленици во ендек, уривање со динамит пред верски празник… Не си ли дволичен шупак ако вистина зборуваш за боја на кожа, а ваму циганите за уши?“

– Престани! – му излетува на Емил за да го смири внатрешниот глас.

– Рече нешто? – го прашува Груевски скорнат од блажен сон за нови изборни победи.

– Не, ништо.

– Како да те чув дека ми рече престани?

– А тоа, си го сонувал Ставревски.

– Молам?

– Сакав да кажам… се спремав, ако случајно го сретнам Заев на плоштадот Свети Петар, што да му кажам.

Груевски тогаш мајкатерезовски го потчукна Емила по рамото во знак на поддршка. Вистина е светец, си помисли Емил, ги избрка лошите мисли и длабоко во себе реши да ја каже изјавата баш како што му е напишана. Не е негово да суди. Господ нека суди. Го погледна Хорхе. Овој пак му намигна.