Така почнува. Еднаш сведочевме на тоа. Едно незадоволство се надоврзува на друго, на еден гнев – друг. Прво ќе заборавиш дека си ветил правда и правна држава. Потоа ќе заборавиш дека си ветил борба против криминалот и корупцијата. Ќе заборавиш дека си ветил нулта толеранција за непотизам и партиски вработувања и по хоризонтална и вертикала, позициите ќе ги исполниш со кумови, братучеди, партиски послушници…
Во меѓувреме ништо друго нема да те интересира, освен да ги зацврстиш анкерите на власта. Нема да те интересираат ни студенти, ни стандард, ни професори, ни универзитетска автономија. Каков политички ќар од нив? Никаков. Држат лекции за демократија и прават политичка штета. На нетранспарентен начин ќе им стокмиш закон за високо образование за да ги сведеш ниско, таму каде што им е местото.
И кога ќе мислиш дека си ги затнал сите дупки на браната за да превенираш ситуации „иде Дунав“, тогаш почнува игранката. На Груевски ова му се случи пред осум години. На 17 ноември 2014 година, први му покажаа заби студентите. По протестниот студентски пленум, се роди професорски пленум. Тоа беше почеток на крајот, а крајот го знаат сите.
Вчера се случи истото. Студентите го кренаа гласот за повеќе проблеми. Денеска Независниот академски синдикат предупредува дека се повторува реприза токму на таа 2014 година, кога се правеа штетни измени во Законот за високо образование. Сега на мета е Законот за високото образование од 2018 година, кој беше донесен со широк консензус. Единственото тело кое е вклучено и запознато со процесот на планираниот „ремонт“, е Интеруниверзитетската конференција.
Денеска Независниот академски синдикат предупредува дека се повторува реприза токму на таа 2014 година, кога се правеа штетни измени во Законот за високо образование
Дали треба да сме изненадени? Не. За ваквата нетранспарентна постепка се говори веќе еден месец, а ректорот на најголемиот универзитет во земјава, УКИМ, пред десетина дена за медиуми и потврди дека навистина биле доставени предлози за измени, но без да ги разгледа Сенатот, бидејќи „така барал министерот за образование“.
„На седница на Интеруниверзитетската конференција беа изнесени повеќе предлози, дел од нив се прифатени, дел не. Ние даваме предлози, а останува на министерот да одлучува – што од тоа што му е доставено ќе прифати, што ќе врати, и дали тоа ќе бидат некои стари закони“, изјави Никола Јанкуловски, ректор, кој треба да ја брани автономијата на Универзитетот. Кој заборавил уште на неколку „дребулии“: дека такво нешто не се прави под маса, зад сцена, без за тоа да расправа сенатот и управата.
Според сознанијата, во случајов не се ни работело за некаква реформа, туку за обид да се заколе вол за една кременадла: мандатите на деканите и ректорите да се зголемат од три на четири години, тие да жарат и палат, нивните управи да ги преземат ингеренциите на наставно-научните совети и универзитетскиот сенат, спроведувањето на постапката за нивниот избор да се врати во мала и „избрана“ група, а наставниците и научниците да се натоварат со обврски за импакт фактори и да не се мешаат во „штипки“.
Досега не е ставен крај на оваа трагикомедија. А балонот се дуе. Ако не запре оваа мала група на која ѝ е битна само позицијата и хиерархијата, а не автономијата и квалитетно образование, и тој балон ќе пукне. Пред него, веќе пукнаа балоните на СЈО, на ОЈО ГОКК, пукнаа балоните на многу корупциски и клиентелистички сапуници. А што си мислат властите, дека и ова ќе помине? Демек, ќе те прозвива јавноста, ќе вреви, ќе бара отчет и одговорност, и како и секое чудо, ќе заврши за три дена. Си мислат дека пет пари не мора да даваат за реакциите во јавноста и медиумите.
Ако не запре оваа мала група на која ѝ е битна само позицијата и хиерархијата, а не автономијата и квалитетно образование, и тој балон ќе пукне
А кога ќе почнат да им ѕвркцаат амбасадори со разни (пот)прашања, почнуваат да сфаќаат дека ѓаволот ја однел шегата. Не пет пари, пет милиони евра ќе решат да дадат за владини реклами во медиумите. За да си ги купат мирот, да си ја разубават сликата, да се рефрешираат, да се понудат како безгрешна и безалтернативна власт. И така ги повторуваат истите грешки заради кои падна Груевски.
Главнината од она што беше предмет на жестоки критики во неговиот мандат, како карикатурален феникс сега изникнува од пепелта. Моменталната ситуација во себе ја носи целата непријатна сличност со лошите политики од тој период. Небаре, постои некаква клетва дека блиската историјата мора да ни се повторува како фарса, со тоа што новите прилики ќе стануваат сѐ позмрсени, и тоа во време кога клучниот рефрен е „европеизација“.
Европеизација не може да стои во иста реченица со корупција, со симулакрум на правна држава и со антиреформство. Има луѓе кои од функционерските позиции летаат со умот, мислат дека нивната забревтана локомотива оди во вистинската насока, дека во тој воз се најумните и најпрогресивните луѓе и одлуки, дека нема потреба ништо да коригираат, дека секогаш и комплетно се во право. Не е лошо малку да подзакочат и да погледнат околу себе, пред балонот да пукне. Потоа ќе биде доцна. Така почнува.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија