Кога во земјава би важеле „резервации“ за политичка одговорност и казнивост, многу политичари денес не би имале резервации за авио-билети, туку за едно all inclusive престојувалиште, кое не е ни на туристичките мапи ни на свадбарските покани – туку на мапата на Управата за санкции.
Груевски добил покана за свадба во Италија. Можеби и не добил. Можеби само сакал да се одмори. А можеби и навистина бил на свадба, a поводот го искористил за да остане и на кус семеен одмор. Ништо чудно.
Она што недостига во приказнава е елементарна транспарентост, за да нема нагаѓања дали тој навистина ги кршел колковите играјќи сицилијанска тарантела, или спокојно си густирал коктел на плажа, слушајќи ги песните на Роса Балистрери, додека грижливата мајка го потсетувала да употреби крем со заштитен фактор 50 и да се варди од тамошните тарантули.
И сето ова би било исклучиво во сферата на приватното и надвор од секаков јавен интерес, кога Груевски не би бил еден од потписниците на Договорот од Пржино. А токму заради поттикнување на реализацијата на тој договор од застојот во кој западна, на врелиот асфалт и во уште поврелата политичка состојба во Македонија, во Скопје пристигна германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл, на средба со лидерската четворка. Овој пат без Груевски.
Се прашувам, зошто овој човек би се мачел да доаѓа по горештиниве за да ни помага во деблокирање на процесот, ако неговите домаќини не се овде туку се рашетуваат по апостолки, или, ако и тие што се овде – е исто како да се отсутни. Зошто судбоносното „да“ на една двојка (макар и да се најдобри пријатели) би било поважно од разговорите за судбината на два милиони жители.
Колку за потсетување, зад вторава бројка стои истиот оној „народ“ зад кој политичарите од форматот на Груевски се кријат кога им гори под нозете. Но тој народ го забораваат кога под нозете ги скокотка топлиот песок, а тие се само на чекор од тиркизното пространство кое им нуди разладување. Така е кога се далеку од популистичките убедувања дека „најубаво е дома“, дека „парите за летување треба да се трошат во домашните туристички центри“ и други обиди за мачкање на народот со лажен партиотски фактор.
Фактот што дел од нив спокојно и неодговорно шетаат по светски туристички дестинации во клучни моменти за земјата е резултат исклучиво на сознанието дека си ја имаат обезбедно најважната „резервација“ во политичкиот живот: наклонетоста на судско-обвинителскиот систем
Иако отсуството на Груевски беше покриено со присуство на партиска делегација на разговорите, тоа негово отсуство разголи многу повеќе отколку што и самиот се разголил на италијанските плажи: откри незаинтересираност, игнорирање на посредништвото, суета, инаетливост, тефлонски карактер на кој не може ништо конструктивно да се залепи, затоа што верува дека тој го има најдоброто решение, дека тој е во право, па дури и тогаш кога светот се обидува да ја затскрие дозата на сожалување со која гледа на него/нас.
Со еден збор, дури и да бил присутен на разговорите, веројатно повеќе ќе се однесувал како свадбар, ако се има предвид колку неговиот 10-годишен политички „мираз“ е вграден во состојбите во земјата. Би седел, би слушал, би ги повторувал истите фрази, би ја играл истата тарантела во отровен тарантула стил: чекор напред – сто назад. И така, воденицата си меле цела година, а не видовме брашно – ни реформи, ни напредок.
Моите колеги вредно истражуваа и ја открија маршрутата на Груевски преку неговите резервации за авио-билетите. Но, кога во земјава би важеле „резервации“ за политичка одговорност и казнивост, многу политичари денеска би имале „резервации“ за едно all inclusive престојувалиште, кое не е ни на туристичките мапи ни на свадбарските покани – туку на мапата на Управата за санкции.
Фактот што дел од нив спокојно и неодговорно шетаат по светски туристички дестинации во клучни моменти за земјата, е резултат исклучиво на сознанието дека си ја имаат обезбедно најважната „резервација“ во политичкиот живот: наклонетоста на судско-обвинителскиот систем.
Но, сѐ има свој почеток и крај, па и таа резервација. Како што се стави крај на неодговорното трошење и менаџирање на средствата од европските фондови, така ќе се стави ред и во правосудството. ЕУ истури куп пари за зајакнување на техничките и институционалните капацитети на судско-обвинителскиот систем во земјава да ги постигнеме стандардите, а не за да негуваме состав на судии и обвинители кои ќе бидат неотпорни и сервилни на влијанието на извршната власт.
САД со над 55 милиони долари учествуваа во развојот на капацитетот на правосудството. Македонските даночни обврзници со години негуваат 100 насто надеж дека еден ден правото и правдата ќе профункционираат во полн капацитет и неселективно. Тој ден не само што не дошол туку последниве години стануваше сѐ поневидлив на правосудниот хоризонт.
Овојпат нема да биде можен натамошен компромис со заложбите и барањата за владеење на правото. По формирањето на СЈО, ако судовите не се излечат од „стокхолмскиот синдом“, ако голем дел од киднапираните судии не се ослободат од психолошката поврзаност со киднаперот (власта), тогаш самите најдиректно и најитно ќе препорачаат нужно формирање на специјално судско одделение, кое ќе ги процесуира предметите на независен начин, различен од оној на кој тие се уценети или се согласиле заради одредени привилегии.
Во партиските преговори состојбите и промените во судството мора да имаат врвен приоритет. Во спротивно, ваквите реликти ќе продолжат да функционираат врз крилјата на прифатената и политички диригирана инерција, без да сносат одговорност за постапките
Точката од која ќе започне излезот од кризата мора да биде јасно одредена. Тоа во македонскиот случај е судско-обвинителскиот систем. Партиите можат да преговараат за Избирачкиот список, за медиумски реформи и за разни техникалии, но ова е котата на која сите утре ќе се сопнат, ако дозволат тој систем да продолжи да функционира со утврдените слабости и деформитети, и со надеж дека неговите субјекти самите ќе се преиспитаат.
Дел можеби навистина ќе го сторат тоа, но владеење на правото не се постигнува со будењето на професионална совест на симболичен број претставници во правосудството, доколку другите во исто време го прават спротивното: ако под политички притисок ја газат независноста и професионалноста, во корист на интересите и потребите на власта.
Затоа во партиските преговори состојбите и промените во судството мора да имаат врвен приоритет. Во спротивно, ваквите реликти ќе продолжат да функционираат врз крилјата на прифатената и политички диригирана инерција, без да сносат одговорност за постапките.
А корупција не е само да се дадат и примат пари за посакуваната пресуда. Корупција е и кога се прави кариера и се остварува некаква привилегија од неправилно судење. Корупција е и кога повисоки инстанци им наложуваат на пониските какви одлуки да донесат за мерка за притвор или за мерки за претпазливост.
Јасно е дека власта ги опструира решенијата за излез од кризата за да го одолговлекува процесот, да ги замори и домашните и странски учесници во преговорите и да ги направи безволни и демотивирани во барањето излез, а таа да може да ја зголемува долговечноста на инсталираниот политичко-судски аранжаман.
А за да ги избегне судските шрапнели од „бомбите“, ја користи официјалната владина герила која секојднево поставува нови мини. Еден ден со закон за владино рекламирање, друг ден за екстерно тестирање, трет нешто друго, со цел постојано да го дисперзира вниманието на странични колосеци, за главниот пат да ѝ остане чист за туркање на работите по старо.
Таа тактика е прочитана и прашање е уште колку време ќе можат да се потпираат на неа. Ако може да им се верува на одредени информации, наскоро треба да започне и „реформа“ на кочничарите на пржинскиот процес. Дали тоа значи кадровски промени во врвот на некои партии или нивна екскомуникација од политичкиот сообраќај со демократскиот свет, можеби ќе се знае многу брзо. Но, секако ќе се чуе и отаде Сицилија.