Исполнето е предизборното ветување – отстранета е оградата пред заграда на Владата. Многумина, кои во изминатиот период упорно ја потсетуваа власта на ова ветување, сега може да здивнат. Но, никогаш не разбрав што е конкретната придобивка од овој чин, иако сосема ми е јасна симболиката на пораката: дека оваа власт не сака да се оградува од граѓаните, и дека тој простор треба да биде слободен како што бил слободен пред „коцките“ покрај Вардар да бидат облечени во неокласицизам и скриени зад висока ограда.
Но, отстранувањето на тоа ковано железо, само по себе, не значи ништо. Има многу режими во светот чии диктаторски седишта и светилишта никогаш и со ништо не биле оградени. Зар отсуството на огради или ѕидови ги направило тамошните диктатори – демократи? Не! Како што вели Чехов, „и розата има своја ограда (телохранител) – трнот!“
Прво, оградата е безбедносен стандард и не треба да се поврзува со толкувања за страв или дистанца од народот. Исто како што блиндирано возило е безбедносен стандард. Како што противпожарен аларм е безбедносен стандард. Од тој аспект, отстранувањето ограда е симболичен, но популистички чин, без додадена вредност и суштинско значење.
Второ, кога еднаш засекогаш ќе се тргне фиксната ограда, дали тоа значи дека никогаш повеќе таа нема да се врати во каква било друга форма? Или можеби не? Ако утре има некаков протест и безбедносна проценка за можни инциденти, дали Илинденска број 2 тој протест ќе го дочека без мобилните огради што вообичаено се поставуваат пред Собранието и дополнително пред Владата?
Сигурно не. Бидејќи тоа е безбедносен стандард. Тогаш, која е поентата да се вади една ограда, ако таа заради безбедносна потреба сепак останува во игра, без оглед во каков дизајн и во каква форма – мобилна или не.
Она што е наш врвен општествен приоритет – е да бидат отстранети оградите во умот. Да беа тие отстранети, актерката Ирена Ристиќ немаше да биде приведена заради собирање отпушоци пред Владата. Што ѝ значи неа, тоа што веќе го нема кованото железо таму? Неможност „да го наруши јавниот ред и мир со викање на висок тон“ на истото место, кое сега е планирано како агора за народни прошетки и врева?
Нам ни е потребно уривање на закоравените стереотипи, табуа, националистички и разни дискриминаторски огради во главите на луѓето. Потребно ни е уривање на оградите подигнати за заштита од функционерска неодговорност, корупција, непотизам, кронизам и други општествени р’ѓи
Но, вистинското отстранување огради не се извршува механички. Тоа е ментален процес, идентичен на темелни еманципаторски и просветителски подвизи. Нам ни е потребно уривање на закоравените стереотипи, табуа, националистички и разни дискриминаторски огради во главите на луѓето. Потребно ни е уривање на оградите подигнати за заштита од функционерска неодговорност, корупција, непотизам, кронизам и други општествени р’ѓи.
Практично нам ни е потребен спротивен процес – големо ОГРАДУВАЊЕ од таквите појави, со воведување практики и механизми кои ќе бидат поцврсти од железото и потранспарентни од тендерот со кое тоа било набавено и насадено во дворот на Владата.
Не случајно, кога некој сака да се огради од срамен и недостоинствен чин на некој говорник, ниту подига, ниту урива огради. Вербално се оградува, објаснува зошто тој став е токсичен за општеството и за јавниот дискурс, дава вербални аргументи.
Откако оваа метална ограда ќе замине во некое депо, за возврат, од сите прашливи депоа на нашата заспана свест треба да ги извадиме и активираме сите механизми за отстранување и оградување од сите несакани општествени појави
Зар оградите кои досега нѐ делеа со Грција беа од железо или од некој друг материјал? Не. А како беа урнати? Со разговори, со аргументи, со пораки за добрососедство. Чудата не се случуваат во спротивност со природата, туку во спротивност со она што сме навикнале да го сметаме за „природно“.
Денес, ако некој сака да подигне ограда кон некого, воопшто не мора да троши пари за никаков материјал. Зборот е тој што гради или урива. Затоа, откако оваа метална ограда ќе замине во некое депо, за возврат, од сите прашливи депоа на нашата заспана свест треба да ги извадиме и активираме сите механизми за отстранување и оградување од сите несакани општествени појави. Не проформа, туку искрено и транспарентно. Стари финти нема да поминат.
Еден умен човек тоа фино го срочи во една речница, објаснувајќи какви последици може да има секој потенцијален обид јавноста да се прелаже со популистички трикови: „Не верувам дека можете да ја завршите денешната работа со вчерашни методи, а да се затекнете тука и утре“.