Фудбалската федерација на Македонија, откога ги претстави новите дресови на македонската фудбалска репрезентација, со експресна брзина ги повлече. Претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини, оваа одлука ја образложи како резултат на острата реакција на фудбалската и пошироката јавност.
А што тоа беше толку погрешно во новите дресови? И зошто? Реакциите првенствено беа насочени кон бордо бојата на новата работна облека на македонските репрезентативни фудбалери, односно кон замената на црвената и жолтата боја.
По социјалните мрежи можеа да се прочитаат констатации дека промената на бојата на македонскиот национален дрес не е ништо друго, туку „дел од планот да се избрише и најмала трага од македонскиот национален идентитет“, дека „црвената и жолтата боја се национални бои на Македонија“, дека „националните дресови се светиња“ и сѐ така во тој патриотско-патетичен стил.
Вчера да умрев, немаше да знам дека фудбалот е обележје на македонскиот национален идентитет, а уште помалку дека тоа е фудбалската спортска опрема
Што би се рекло, вчера да умрев, немаше да знам дека фудбалот е обележје на македонскиот национален идентитет, а уште помалку дека тоа е фудбалската спортска опрема. Впрочем, најголемите противници на „предавничките“ дресови себеси се идентификуваат како фанатични навивачи на клубови што се именуваат како Манчестер јунајтед, Баерн, Наполи, Челзи, Јувентус…, односно на клубови за кои тешко може да се каже дека имаат што било со „македонскиот национален идентитет“, освен ако во нив не игра некој фудбалер од овдешните краишта.
Значи, да се разбереме, во фудбалот, колку и да е тој „повеќе од игра“ и „најважна споредна работа на светот“ – нема ништо свето! Па, дури ни национално, барем не на оној начин на кој ние го сфаќаме тој поим. Тој, на крајот на краиштата, сепак е само игра и сепак е само споредна работа.
Македонските фудбалери не ја работат својата работа од некакви патриотски или духовни причини. Напротив. Тие ја удираат топката по теренот од прилично овоземски мотиви – за пари! А ќе признаете, во парите нема ама баш ништо – ниту сакрално, ниту возвишено. Тоа се професионалци што се обидуваат што подобро да ја завршат својата работа и, се разбира, да го заработат својот леб.
Во таа смисла, нема ништо свето ниту во нивните дресови. Дресот на македонската фудбалска репрезентација не е ништо друго, туку евтин сувенир со кој можете да израдувате некое дете или некој не баш премногу умен пријател. Тоа е и облека во која се игра фудбал, поточно службена униформа на македонската фудбалска репрезентација.
Тој дрес е подеднакво свет или патриотски колку што се тоа белите мантили на здравствените работници, работните униформи на портирите или полицајците, келнерите, железничарите или чистачите на улици. Без оглед на важноста и квалитетот на наброените професии, сепак би било малку налудничаво нивната облека да се смета за национален симбол.
Дресот на македонската фудбалска репрезентација не е ништо друго, туку евтин сувенир со кој можете да израдувате некое дете или некој не баш премногу умен пријател.
И од каде тоа (поточно: од кога) црвената и жолтата боја се национални бои на Македонија. За Блаже Конески тоа се црвената и црната („Везилка“), за народниот пејач тоа се црвената и зелената, кои се спомнуваат во Зборникот на Браќата Миладиновци, но и во „По пат одам, за пат прашам“ (Таму седи леле чучук Митра, чучук Митра бојаџивката, да ми вапца два бајрака, еден зелен, другиот црвен. Зелениот за на свадба, а црвениот за на војна). Претпоставувам дека жолтата боја произлегува од ѕвездата на Кутлеш, која многумина (уште) ја сметаат за македонски национален симбол. Тука само за потсетување: ѕвездата од Кутлеш е откриена 1977 година од страна на грчкиот археолог Манолис Андроникос (1919 – 1992), што значи дека за овој релативно кус временски период тешко нешто може да се квалификува како национална боја. Истата логика, се разбира, важи и за сонцето од македонското знаме, кое е уште поново.
Со други зборови, колку што е жолтата боја света и национална македонска боја, толку е и бордото. Македонското традиционално име за бордо бојата, поточно за бургундската боја, е винова боја. Впрочем, оваа боја не го носи своето име по истоимениот француски град, односно по француската област, туку според бојата на вината од Бордо и Бургундија. Ако сакаме да бидеме искрени, виното има многу поголем национален набој на оваа територија отколку што е тоа сонцето.
Маркетиншки гледано, добар потег беше и аплицирањето на рисот (тоа автентично македонско „домашно“ животно) на националниот дрес што имплицира дека македонската фудбалска репрезентација, налик на другите национални селекции, може да добие свој автентичен прекар („македонски рисови“, на пример).
Се разбира дека сега е беспредметно да се расправа за естетско-симболичките вредности на несудените нови дресови. Конечно, има нешто добро во враќањето на старите дресови. Имено, навивачите не мораат да ја менуваат својата сценографија и своите песни (Црвена боја ми е најмила).
А што мислам јас за дресовите? Апсолутно ништо. Нека играат момците најдобро што умеат, па нека носат и „темно бордо“ дресови или какви веќе им се по ќеф.