Тероризам на мојот паркинг

Еве една сосема мала приказна за еден не баш толку мал паркинг во Скопје. Пред многу години, едно утро станарите на околу 300-те стана на големата зграда и вработените во локалниот трговски центар за кои е наменет паркингот забележуваат дека на паркинг-местата на отприлика една четвртина од паркинг-местата се ставени столпчиња и е оневозможено паркирањето.

Соседите, вртејќи во круг со автомобилите, очекуваат да се случи некое чудо преку ноќ, токму како што преку ноќ никнаа и столпчињата, па одеднаш да се создаде доволно паркинг-место. Но, чудо – нема, бидејќи, како што набргу се разбра, во некој (и не толку голем) деловен простор во трговскиот се вселило нешто како Биро за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија или нешто слично. И, ете, тие имале право по Уставот и законите да узурпираат четвртина од паркинг-просторот.

Коментарите се бројни, ама унисони: „заробена држава“, „ароганција на власта“, „урбан геноцид“, „легални дивоградби“, „режим“… Се коментира, ама рамениците се креваат. И граѓаните продолжуваат да се вртат во круг. Со автомобилите или без нив.

Поминуваат години. Веќе ни најстариот жител на големата зграда не се сеќава на времето кога паркингот бил целосно слободен, а преданијата дека некогаш сите биле еднакви и никој поеднаков во своето право да паркира им се раскажуваат на децата како бајки пред спиење. Но, еден ден на власт доаѓа нова Влада и вели дека ќе ја ослободи заробената држава и ќе донесе живот за сите. И како што вели, така и прави. Исто онака како што беа поставени, столпчињата ги снема од паркингот. Бирото се иселило.

Примерот со „Скопјанка“ е мал, ситен, незабележлив, ама доволно илустративен за политиката позната под името „сила Бога не моли“. Под овој пример може да се класифицира речиси сѐ: патните трошоци, тендерите, телешките кожи по фотелјите, случајот „Мира Дизел“ и воопшто непотизмот, спиновите, градежната мафија, партиските вработувања, произволната културна политика… Заеднички именител на сето ова е – страдаат цивилите!

По неколку месеци нормализација, просториите се реновираат и внатре се вселува нешто како Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Изгорените граѓани се распрашуваат, гуглаат и издишуваат. Агенцијата има само три службени возила, така што не постои страв од узурпација на паркингот.

Или постои?

Едно утро, повторно сосема неочекувано четвртина паркинг (онаа иста четвртина) осамнува не со столпчиња, туку окована со синџири. На синџирите е ставена табличка „службен паркинг“. Каков, по ѓаволите, службен паркинг за 15 автомобили, кога имаат само три службени автомобили? А каде ќе им паркираат вработените? А каде ќе паркираат вработените од другите компании и жителите на зградата? Со ова прашање, се разбира, не се заморуваат луѓето што го користат „службениот паркинг“. Пластично опишано тоа изгледа вака – во работно време, значи од 8.30 до 16.30, паркингот е полн со автомобили. По 16.30 до идното утро, паркингот е празен, ама заробен со синџири.

Да, паркингот е кај ТЦ „Скопјанка“ во населба Аеродром. Лесно ќе го препознаете, ако по ништо друго, тогаш по автомобилите што нон стоп се вртат во круг.

Веќе слушам дека во ова време на големи теми – сообраќајна безбедност, непотизам, претседателски избори, НАТО, ИСИС… јас сум се фатил на најбезначајната тема во моментот – место за паркинг! И склон сум да се сложам со оваа констатација, освен ако не се сетев на приказната за паркингот кај „Скопјанка“, слушајќи ги сите оние соопштенија за можни терористички напади во земјата и во нејзиниот главен град.

Не, немам никаква намера да ги иронизирам или да се потсмевам со предупредувањата за можната опасност, ниту да споредувам баби и жаби, ама не можам да се оттргнам од впечатокот дека ние сме под константен тероризам. Примерот со „Скопјанка“ е мал, ситен, незабележлив, ама доволно илустративен за политиката позната под името „сила Бога не моли“. Под овој пример може да се класифицира речиси сѐ: патните трошоци, тендерите, телешките кожи по фотелјите, случајот „Мира Дизел“ и воопшто непотизмот, спиновите, градежната мафија, партиските вработувања, произволната културна политика… Заеднички именител на сето ова е – страдаат цивилите!

Ако (со право) ја обвинувавме владата на Груевски за ароганција, за режим, за заробување на граѓаните, за сеење страв…, што треба сега да кажеме? И точно е дека работите се менуваат од главата, ама почнуваат од опашката. Имено, токму овие „мали“ примери на „поеднакви од еднаквите“, на крајот на краиштата, ќе ја сменат „главата“.

Има една стара приказна, која нема никаква врска ниту со власта, ниту со тероризмот, ама имам потреба да ја раскажам. Во некој калифат некогаш владеел некој калиф-тиранин. Немајќи повеќе како да ги казни своите поданици, тој наредил да се заѕидаат сите врати и луѓето да влегуваат дома низ прозорци. Луѓето ги заѕидале вратите и влегувале дома низ прозорци. Арно, ама, калифот умрел и син му го наследил. Немајќи како да биде посуров од татко си, синот наредил да се заѕидаат прозорците и луѓето да влегуваат дома низ оџаци. Луѓето ги заѕидале прозорците и влегувале дома низ оџаци. И коментирале: „Ах, колку беше убаво додека влегувавме низ прозорци.“

Веќе ги слушам соседите од „Скопјанка“ како велат: „Ах, колку беше убаво кога имаше столпчиња на паркингот.“ Додека се вртат во круг.