Да, знам дека овој наслов кај многумина од читателите ќе предизвика потсмев, кај некои неверица, а други ќе го протолкуваат како неумерено бодрење, тешење и дување ветер во едрата на опозицијата. Знам дека некои во најдолгото македонско деноноќие во македонската понова плуралистичка историја очекуваа вистински изборен дебакл на ВМРО-ДПМНЕ, а оние од другата страна мислеа дека СДСМ по овие избори ќе го снема од политичката топонимија на земјата и знам дека во изборната ноќ и едните и другите ту се радуваа, ту беа разочарани, па пак се радуваа итн.
Знам дека и Државната изборна комисија веќе не знаеше што да прави со резултатите на најважните повеќепартиски избори во Македонија, па реши да преспие – утрото е, нели, попаметно од ноќта. И да ја остави нацијата во прединфарктна состојба, односно на милост и немилост на разно-разните бројачи на мандати на несигурните изборни резултати. Дури ни традиционално прецизниот Мост не се осмели да даде проекција на освоените пратенички места.
И нема сега да се повикувам на таканаречената проста математика, која констатира дека опозициските партии од македонскиот блок заедно имаат освоено повеќе гласови од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ (мислам дека нешто слично се случува и во албанскиот партиски блок), како што нема да ламентирам ниту врз теориите од типот на „што би било кога би било“, иако и тука веројатно има место за дебати и анализи.
По десетгодишното режимско владеење, по окупирањето на сите системи на власта и општественото организирање: од куќните совети и ловечките друштва, преку културните институции, па сѐ до судството, овој резултат на опозициската коалиција може да се смета за апсолутна победа
И нема да се жалам на апсурдната поделеност на Македонија на шест изборни единици, ниту на Донтоновиот систем на броење гласови, зашто, конечно, условите за изборите беа претходно познати. За волја на вистината, можам само да констатирам дека излезе дека еден од најважните фактори што ги решија овие избори – неписменоста на избирачкото тело. Имено, излегува дека оние над 37.000 неважечки ливчиња би биле сериозна политичка сила, речиси колку целиот македонски опозициски блок, ако по некој случај би биле политичка партија.
Значи, без оглед на бојот на пратениците, без оглед на таканаречената пата-пата ситуација и без оглед на моменталната фактичка состојба, главниот резултат на овие избори е навистина историски – режимот заминува во историјата!
По десетгодишното режимско владеење, по окупирањето на сите системи на власта и општественото организирање: од куќните совети и ловечките друштва, преку културните институции, па сѐ до судството, овој резултат на опозициската коалиција може да се смета за апсолутна победа.
Навистина е преоптимистички да се тврди дека десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициони партнери, обележено по невиденото самоволие на власта во европската историја по Втората светска војна, каде што од една страна функционираат сите макијавелистички методи за задржување на власта (од закани со симболи како Ќосето па сѐ до политички апсења, па и неразјаснети убиства), како и мафијашките средства за уцени (понуда што не може да се одбие), а од друга страна клиентелистичкиот метод на работа, при што буквално егзистенции на цели семејства зависат од расположението на некој локален моќник, може да се урне со едни избори.
Искуството нѐ учи дека сите оние протодиктатори што се осмелиле да излезат на минимум фер избори, ги добивале или ги губеле изборите со минимална разлика. Ама следните ги губеле катастрофално
Прво , овие избори беа со минимум критериуми за она што се нарекува „фер и демократски“. Сѐ уште владее стравот, сѐ уште не е направен попис, сѐ уште има клиенти што си ги фотографираат гласачките ливчиња, сѐ уште постојат закани по живот од страна на високи државни функционери (Филип Петровски), медиумите се сѐ уште заробени, а пропагандната машинерија работи под полн погон.
И, второ, извесен контингент од гласовите се должат на партиите на малцинствата, кои се склони да се приклонуваат не кон идеологијата туку кон власта. Зошто, на пример, во некои други околности не би се очекувало тие да се приклонат кон опозицијата, ако почувствуваат дека така ќе учествуваат во власта и полесно ќе ги решаваат своите прашања.
Конечно, овие избори беа, во буквална смисла, избори по принципот „да се биде или не“, особено за високите функционери од власта, кои, ако има правда, ги очекуваат високи затворски казни. Значи, со сиот овој багаж врз севкупниот изборен процес се доби резултатска разлика од околу еден процент, што јасно укажува дека во малку порелаксирана атмосфера и со малку помалку федерализации и кантонизации во предизборниот вокабулар, резултатот можел да биде и поинаков.
Искуството нѐ учи дека сите оние протодиктатори што се осмелиле да излезат на минимум фер избори, ги добивале или ги губеле изборите со минимална разлика. Ама следните ги губеле катастрофално.
Но, она што во овој момент е поважно е прашањето: што нѐ очекува натаму? Едно е сигурно, каква било влада што ќе се формира ќе биде слаба влада. Дури и ако е концентрациона, односно составена од сите парламентарни партии. Искуството на техничката влада за подготовка на изборите, односно односите во Министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика јасно ни покажуваат дека ваквата влада не може долго, а особено не може нормално да функционира.
Тоа, во суштина, е најзначајниот и најдобриот резултат на овие избори – слаба влада. Слабата влада значи само едно – пад на режимот. Затоа режимот катастрофално ги изгуби овие избори.