Основачот на европската социологија, Емил Диркем живеел во вистинско транзициско време. Тоа е период е тоа на француската Трета република и аферата Драјфус, на вистинската модернизација на Франција, на одвојувањето на црквата од државата и на дефинитивното заборавање на сите царства. Бурно време, во секој случај.
Се разбира дека во тој период конзервативците од сите бои, клериканците, монархистите го креваат својот глас против промените, загрижени поради наводната загуба на идентитетот, јавниот морал и слични будалаштини. Меѓу другото, една од потенцираните закани е онаа за распадот на единството на таканаречениот народ во тој нов, отуѓен свет.
Тогаш се појавува Диркем со својата теорија за два типа на општествена солидарност – онаа на предмодерното, феудално општество и онаа на модерното капиталистичко општество. Првата (феудалната), според Диркем, е „механичка“ солидарност и таа се остварува според сличностите, односно се реализира меѓу сличните (истите) во групата, додека другата (капиталистичката) за Диркем е „органска“ и таа се остварува токму според – различностите.
Со други зборови, во новото општество луѓето ќе работат различни работи, ќе имаат различни интереси, но и натаму ќе бидат свртени едни кон други, затоа што уште повеќе ќе зависат едните од другите и ќе бидат солидарни токму поради своите разлики. И од тие разлики не треба да се плашат.
Ако денес се погледне македонското општество, загрижувачкото отсуство на емпатија, комплетната недоверба, поделбата по сите основи, стравот и омразата кон сѐ што е поинакво и ако, по некои основи, него го класифицираме, според поделбата на Диркем, во модерно општество, тогаш ќе излезе дека Македонија, односно тоа модерно општество, навистина живее по принципите на Дивиот Запад, и тоа не оној историскиот, туку оној претставен во шпагети-вестерните на Серџо Леоне.
Тимјаник е само малку поизострена слика за нашето искривоколчено сфаќање на солидарноста и на демократијата – класично македонско поимање на фамозната теза „свој на своето“, ете овојпат изразена врз покажување сила на најранливите и најнежните, врз децата со посебни потреби
Стотина жители од ова приградско неготинско село веќе два дена протестираат против одлуката на Министерството за труд и социјална политика, а главните протести се закажани за денес (понеделник, 11 јуни), кога е најавена и посета на министерката Мила Царовска на ова село. Во моментов кога е пишуван овој текст, не знаеме дали оваа посета ќе се оствари и дали одлуката на Министерството ќе се реализира, но со оглед на текстот на повикот за протест можеби е најумно Министерството да се откаже од својата намера.
Имено, таму каде што живее некој што во повикот за протест напишал: „…иднината на тимјаничките деца ќе ја донесете вие со вашето излегување…“, тоа не може да биде хумана средина за децата со попреченост. Врвот на хипокризијата секако е симболот, ставен на плакатот на повикот, во форма на срце, во кое пишува: „Тимјаник за нас“, а околу срцето се нацртани најразлични дечиња.
Тимјаник, се разбира, не е преседан во нашата ксенофобија и омраза на поинаквите, без оглед дали станува збор за мигранти, други етнички групи, други конфесии, други сексуални или политички определби. Повеќе би рекле дека тој е само малку поизострена слика за нашето искривоколчено сфаќање на солидарноста и на демократијата – класично македонско поимање на фамозната теза „свој на своето“, ете овојпат изразена врз покажување сила на најранливите и најнежните, врз децата со посебни потреби.
Во таа смисла, нашето феудално предмодерно општество, она југословенското, делува како вистинска идила во однос на она што ни се случува сега. Без оглед дали е идеализиран, митологизиран или вистинит, кај многумина овој период е време кога можевте без проблем да го оставите автомобилот отклучан, клучот од станот под чергичето пред вратата, а денес нервозно ја криете маската од ЦД-плеерот од автомобилот во џебот и се трудите да не оставите чанта на предното седиште, затоа што некој ќе ви го искрши прозорецот. Опустошениот систем на вредности, особено воспитанието и образованието, разгорувањето на најниските страсти, неконтролираниот популизам, сето тоа на крајот доведува токму до – Тимјаник!
Но, не го споменавме Диркем бадијала на почетокот на овој текст. Сепак би требало да се препрочита. Пишува тој и за нас. Пишува дека напукнатата солидарност, барем што се однесува до модерните општества, не е редовна состојба, туку аномалија. Поради распадот на општествените врски, емпатијата и довербата меѓу индивидуите многумина ќе бидат склони да поверуваат дека модерното општество е свет на незаинтересирани, себични, егоцентрични поединци. А не е така. Модерната општествена интеграција или солидарност, базирана на меѓусебните разлики, и натаму е – солидарност, само што неа ја чинат значително послободни индивидуи.
Затоа ако солидарноста сериозно попука, како во нашиот случај, тогаш најмалку што е потребно е да се откажеме од неа. Она што е потребно е – да ја поправиме.