Интервјуа

Царовска: Стратегијата за мали групни домови ќе го носи името „Тимјаник“

Со Царовска разговаравме за сите предизвици пред кои е исправено Министерството за труд и социјална политика

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Последното интервју со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, го правевме пред една година, кога сѐ уште беше тазе на функцијата, а и сега, по една година, останува впечатокот дека кај неа воопшто не се спласнати жарот и страста за работата. Со неа разговаравме за решавањето на недоразбирањата во Тимјаник, место кое стана симбол за неприфаќањето на различностите поради страв и недоволна информираност, а со тоа го објаснува и целиот процес на деинституционализација, кој значи ставање клуч на врата на сите големи институции, а наместо тоа, отворање мали групни домови каде што со децата и луѓето ќе се работи индивидуално, а не колективно.  

Повод за разговорот ни беа и измените на Законот за заштита од дискриминација, како и двата случаи кои ја потресоа јавноста и беа причина за барање нејзина оставка – случајот со Домот „25 Мај“ и малолетната штитеничка која мораше да абортира откако беше сексуално злоставувана, како и последниот случај во Велес, кога во пожар загинаа три дечиња, кои живееја во супстандардни услови, заборавени од системот.

Уште пред да го почнеме разговорот, во очи ни паѓа големиот планер закачен на ѕидот во кабинетот на министерката. Таму се запишани сите поголеми проекти, со крајни рокови кога мора да се завршат.

Минималната плата, деинституционализацијата и решавањето на проблемот со стечајците се најголема гордост за Царовска | Фото: Роберт Атанасовски

Сепак, првата тема која ја отворивме со Царовска не беа најголемите проекти, туку документите кои протекоа на социјалните мрежи, а и прес-конференцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на кои се гледа дека Агенцијата за планирање на просторот почнала постапка за изработка на урбанистичко-планска документација за прифатен центар за странци во Бардовци, по што во јавноста се крена паника и се рашири тезата дека „Македонија ќе стане прибежиште за бегалците“.

„МТСП не гради, ниту некоја институција од Министерството досега побарала да се гради камп за бегалци. Единственото нешто кое ќе се гради е контејнерската населба во Визбегово каде што ќе се сместат бездомните лица кои живееја под Кале. Документите кои ги објави ВМРО-ДПМНЕ, се издадени од други институции и нивната релевантност треба да се провери од таму од каде што се издадени“, одговара кратко Царовска. 

Ја прашуваме и што најмногу ја шокирало последнава година, откако стапи на функцијата, а таа без двоумење одговара дека тоа било „инерцијата на правење исти работи кои не даваат резултати“.

„Сега сум задоволна од администрацијата што ја водам, затоа што немаме повеќе инерција. Разбраа дека ’не’ не постои, не може. Тоа беше на почетокот – ‘ова не може’. Ги прашувам, како не може? Тоа се менува? Од нас ли зависи, ако зависи од нас, ајде да го смениме. Таа инерција ме ужаснуваше, најмногу успеваше да ме изнервира. Сега тоа е променето, самите вработени даваат предлози, зaшто видоа дека сите заедно одиме во подобра насока, и тие чувствуваат задоволство, затоа што се тим“.  

Луѓето во Македонија лесно се дезинформираат

Поделбата меѓу граѓаните по различни основи, негативната енергија, омразата едни кон други, нè донесе до овде | Фото: Роберт Атанасовски

„Тимјаник“ предизвика големи реакции во јавноста, а сè почна во моментот кога жителите на неготинското село Тимјаник почнаа да негодуваат откако од Министерството соопштија дека таму ќе има мал групен дом за четири деца со попреченост. Царовска разговараше со жителите, кои остро се противеа на идејата во нивното село да има таков дом.

„Очекував тоа да се случи во Тимјаник, затоа и отидов таму. Мислам дека нашето население многу лесно се дезинформира, преку неколку луѓе кои ќе пробаат да пуштат различна информација од вистинската и се прави балон, па така луѓето лесно се подигнуваат против нешто што не го знаат. Со самото тоа што отидов лично да се видам, објаснив дека немам намера да го уништам селото, цела Демир Капија да ја населам во Тимјаник, дека бегалците ќе ги носам во Демир Капија, дека психијатриски болни лица ќе носам во селото, сè тоа беше невистина. И кога ги соопштив вистинските информации, уште веднаш, спласна енергијата на собирот.“

Таа вели дека веднаш по средбата со жителите, уште вториот ден почнале да ѝ се јавуваат жители на Тимјаник да ѝ кажат дека се согласни во селото да има мал групен дом.

„Центар за мигранти во Демир Капија нема да има, како што се шират информации во јавноста“, вели Царовска.

„Ние како општество загубивме некои вредности последниов период, заборавивме на тоа дека треба да сме солидарни, да се поддржуваме едни со други, во училишта и градинки сè уште имате петиции против лица и деца со пречки, но поделбата меѓу граѓаните по различни основи, негативната енергија, омразата едни кон други, нè донесе до овде. И тоа мора да се смени“, вели Царовска.

Токму затоа што Тимјаник се реши преку дијалог, Царовска решила дека Стратегијата за  деинституционализација која треба да помине на седница на Влада, ќе го носи името „Тимјаник“.

„Жителите на Тимјаник станаа симбол на хуманоста и доказ како нашите граѓани од радикално против стануваат поддржувачи на еден хуман процес.“

Инаку, процесот на деинституционализација за некого можеби звучи премногу стручно и далечно, но всушност, станува збор за процес кој е еден од најголемите достигнувања на ова Министерство, доколку се изоди докрај.

Со овој процес, кој ќе трае етапно во период од 10 години, институциите како „11 Октомври“, „25 Мај“, „Ранка Милановиќ“, Бања Банско, Домот за доенчиња во Битола, Специјалниот завод „Демир Капија“ веќе нема да постојат. Наместо тоа, луѓето и децата кои се сместени внатре, ќе бидат распределени во мали групни домови, односно во станови и куќи низ цела Македонија. Причината за тоа е едноставна.

„Ако ги видите сите дечиња кои биле сместени по семејства, пред да отидат во институција, имаат еден лик, еден начин на функционирање, додека кога ќе се сместат во институција, по неколку години, вие гледате празен поглед, регрес во сите движења и знаења, немаат осет како самостојно да се грижат за себе, затоа што сè е колективно. Едноставно, колективно јадете, колективно се бањате, сите сте во иста облека, сите сте исто шишани, нема тука лични интереси. Е сега ние тоа го враќаме – ги прилагодуваме нашите услови согласно потребите на оние за кои треба да се грижиме, наместо да ги прилагодуваме луѓето на системот. Зашто тоа се институциите, имате ред како во војска и сите тие лица што ќе ги сместите, не се грижите за нивните потреби и можности, туку велите вие мора да се прилагодите на овој систем. Тоа создава една траума и долгорочно нарушување на индивидуите коишто се внатре.“

Веќе во првата половина на јули, сите 25 штитеници од Домот „25 мај“ ќе почнат да се селат во куќи со дворови на територијата на Скопје. Во секоја куќа ќе бидат сместени 5-7 деца, а ќе има и надворешен видео надзор. Министерството ги најмило куќите на подолг период, а најголемото изненадување за Царовска било тоа што луѓето кои ги изнајмувале куќите, не дале никаков отпор дека во нивните објекти ќе бидат сместени деца со воспитно социјални проблеми.

„Ние како општество загубивме некои вредности последниов период, заборавивме на тоа дека треба да сме солидарни, да се поддржуваме едни со други, во училишта и градинки сè уште имате петиции против лица и деца со пречки, но поделбата меѓу граѓаните по различни основи, негативната енергија, омразата едни кон други, нè донесе до овде. И тоа мора да се смени“

„Подготвена е нова програма, нови вработувања се во тек, обуката на кадарот е при крај, така што во јули сите штитеници наеднаш ќе излезат. Оние кои ги изнајмуваа куќите веднаш нè поддржаа, дури требаше и некои кревети да се земат, да се изреновира нешто, рекоа нема проблем, во таа истата цена, ќе завршиме сѐ. А јас очекував дека најтешкиот дел ќе биде граѓаните да дадат куќи за изнајмување, но еве сега ќе бидеме сведоци на една убава приказна.“

Процесот ќе тече етапно, во повеќе фази, бидејќи станува збор за над 650 лица, од кои 200 се наоѓаат во Специјалниот завод „Демир Капија“.

Овој процес требало да почне уште пред 10-15 години од претходната Влада, но од непознати причини, тој тапкал во место. Царовска вели дека тој е за нијанса поскап, бидејќи ќе има повеќе вработени, но дека е далеку поквалитетен од досегашниот систем што сме го имале. 

План постои и за постојните објекти на Домот „25 Мај“ и Заводот „Демир Капија“. Во објектот на „25 Мај“ ќе се формираат две нови одделенија, во нова, здравствено–социјална установа, направена од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство.

„Едното одделение ќе биде за деца, малолетни корисници на дрога кои не смеат да се во метадонски третман, а такви деца има многу, кои користат хероин, лепак, а не се третираат никако и системот со години ги третира како да не постојат. Второто одделение е за кривично неодговорни со високо ризично однесување и тука ни треба и медицински и социјален третман.“

Демир Капија, пак, треба да прерасне во центар во кој граѓаните кои се грижат за лица со попреченост или имаат деца со попреченост, во одреден период од годината ќе можат да ги остават на една до две недели, за да можат и тие да имаат свој одмор и време за себе.

„Центар за мигранти таму нема да има, како што се шират информации во јавноста“, вели Царовска.

Ако дадев оставка за „25 Мај“, ќе признаев немоќ – а јас не сум немоќна

Случајот со домот „25 Мај“ јас лично го доживеав, вели Царовска | Фото: Роберт Атанасовски

Еден од најголемите скандали што ја потресе јавноста за време на досегашниот мандат на Царовска е обелоденувањето на информацијата дека 13-годишно девојче, штитеничка на домот абортирала, откако забременила како последица од сексуално злоставување. По ова, почнаа да се трупаат информации дека и други малолетни девојчиња, штитенички на домот, забременуваат или абортираат.

„Тој случај јас лично го доживеав, бидејќи во ‘25 Мај’ како студент имплементирав многу успешна програма и сега сите вработени ме памeтат по тоа. Но, кога се случи ова, јас реков да, ова се случува сето време, ама сега Мила кај тебе е редот. Можев да си дадам оставка, најлесно е за министер да си даде оставка, но кога ќе го направиш тоа, признаваш немоќ. Но, јас не бев немоќна во тој момент – и да покренам истражни постапки и да поднесам кривична пријава до ОЈО и да го сменам директорот. И си ветив дека за помалку од 6 месеци ќе ја трансформирам ‘25 Мај’ во мали групни домови, создадов добар тим, со одделенија, дисперзирани секаде по Скопје. Начинот на грижа ќе се смени, ги обучивме вработените, вклучивме нова сила на многу квалитетни луѓе.“

Таа отворено признава дека и со трансформацијата на „25 Мај“, нема да се превенираат бегства, бидејќи станува збор за отворени институции.

„Ние ќе имаме видео надзор да видиме кога детето влегло, кога излегло, дали некој го зел, но мора да сме свесни дека тоа се отворени домови. Деца и од дома ни бегаат, од семејни средини, но затоа тимовите се важни и работата ‘еден на еден’ за да превенираме вакви работи.“

Таа вели дека одговорност за овој и за сличните случаи носат и другите институции, како што е Основното јавно обвинителство, кое мора да биде поттурнато за да си ја заврши работата.

„За девојчето од ‘25 Мај’ ние и претходно го известивме обвинителството и ја сместивме во шелтер центар уште пред да се случи овој скандал. Но, институциите не изреагираа и по скандалот до ден денес ние ги буткаме инститицуциите. Еве имаме и друго девојче кое е сместено во шелтер центар каде што постои ризик, но повеќе од 5 месеци нема сослушување, а девојчето не сака да седи во затворен простор. Ги носиме и нa лекар, ги носиме и на психијатрија, ама чекаме 5 месеци изјава да се земе. Не може Министерството само да ги заврши тие постапки, потребно е сите институции да се комплетно посветени.“

Потребен ни е вистински систем на социјална заштита

Платите во центрите се под сите можни нивоа и сега тие лица се на раб на сиромаштија, а работат со други сиромашни | Фото: Роберт Атанасовски

На многу грозоморен начин во Македонија беше отворено уште едно горливо прашање за системот, кога во пожар во Велес изгореа три дечиња, откако нивните родители, кои живееле во супстандардни услови, излегле до продавница, а дечињата ги оставиле заклучени во импровизираниот дом. Ја прашавме Царовска како и дали се решава проблемот со лицата кои живеат во супстандардни услови, дали го следат развојот на децата и имаат ли доволно луѓе на терен?

„На семејството уште претходно му бил понуден стан или куќа под кирија, но тие одбиле. Претходно аплицирале на огласот за социјални станови од претходната Влада, биле одбиени и затоа кај нив се појавил револт дека не сакаат под кирија туку сакаат државен стан и од тогаш тула по тула си го прават своето куќиче, веројатно сакајќи да имаат нешто свое. Затоа јас и се видов со родителите, и ги убедив еден месец ќе бидат под кирија и од наредниот месец ќе најдеме државен стан, куќа или барака каде што ќе имаат договор со државата“, вели Царовска.

Таа смета дека е потребно да се воведе „управување со случај“, ако сакаме да кажеме дека имаме вистински систем на социјална заштита.

„Но, ако ви кажам дека во Македонија еден социјален работник работи на 350 до 500 случаи, тоа кажува дека нема шанса да имаме ваков систем на управување. Ова не е од вчера, вака е 27 години. Платите во центрите се под сите можни нивоа и сега тие лица се на раб на сиромаштија, а работат со други сиромашни. Токму затоа сега имаме 136 нови вработувања, а до крајот на годината очекуваме уште вработувања во центрите за социјална работа и тие почнуваат со интензивни обуки за управување на случај.“

Во меѓувреме, Министерството преку ЕУ програмите зема обврска да отвори повик за проценка на сите супстандардни населби во Македонија.

„Тоа се 14 општини кои имаат супстандардни населби. За сите треба да се направи проценка и потоа план за урбанизирање, од супстандардни да станат стандардни. Од проектот ИПА 2 ќе инвестираме во две такви населби и ќе го подобриме стандардот, за тие деца полесно да одат во училиште, градинка, полесно да излезат од сиромаштија.“

Добри вести за ЛГБТ заедницата

Со Законот за спречување и заштита од дискриминација воведуваме сексуална ориентација, родов идентитет, нешто што беше избегнувано од претходната власт | Фото: Роберт Атанасовски

Законот за спречување и заштита од дискриминација е уште една од новините што излегувa од министерството на Царовска. Според неа, овој закон води кон подобра правна заштита за сите граѓани и конечно нуди една професионална комисија којашто ќе се грижи за секој предмет и нема да решава под партиски или каков било друг притисок.

„Она што е најважно е дека за првпат во Македонија воведуваме сексуална ориентација, родов идентитет, нешто што беше избегнувано од претходната власт и за мене е многу праведно, бидејќи имавме толку многу дискриминација по оваа основа, а беше оставено на толкување на членовите на комисијата од кои слободно можам да кажам дека голем дел од нив беа дискриминатори, јавни дискриминатори, а не заштници на човековите права. И така беше оставено на нивно слободно толкување, дали ќе ги земат сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи или не.“

Овој закон, според Царовска, значи многу и за ЛГБТ заедницата.

„Како прво, тие ќе бидат препознаени и нема да смеат да бидат дискриминирани, бидејќи до сега не беа вметнати во закон. Од друга страна, сите организации и фондации кои застапуваат еднакви права и третман, ќе можат да поднесуваат тужби и да ги добиваат, а со тоа ќе јакне јавната свест, а се создава и судска практика. А кога се создава судска практика, добива на тежина фактот дека дискриминација по таа основа не смее да ни се случува.“

Миминалната плата, решавањето на судбината на 6-те илјади стечајци, како и проектот „Младинска гаранција“ во кој за 3 месеци биле вработени 420 млади лица до 29 години, се само дел од останатите проекти за кои Царовска вели дека особено се гордее. Таа сето ова го припишува и на својот тим, но искрено тврди дека не сите работат добро, па во наредниов период ќе следува систематизација.

„Јас им дадов можност за една година секој да си го најде местото. Секој што си го нашол местото ќе остане, за другите ќе видиме, дали ќе бидат распределени, каде би прифатиле и сл. Оваа динамика не може еден човек да ја издржи и затоа се трудам вработените да ги мотивирам секој ден.“