Што ни покажа прегласувањето во Теарце?
Првин дека нашите критериуми за мирни, слободни и фер избори се прилично еластични. Значи, дефекти на УВ ламбата, пријави за поткуп на гласачи, одземање лични документи, интервенција на полицијата, неподносливо долго чекање на официјалните резултати… сето тоа се проценува како фер и слободни избори.
Еве, да кажеме дека овие нерегуларности не влијаат на конечниот резултат, сепак останува горчливиот вкус во устата од фактот дека ако сега, кога се прегласува само на едно место и кога очите речиси на целокупната јавност се свртени натаму, се откриени вакви неправилности, тогаш што останува за оние илјадници изборни места каде што се гласаше на 11 декември и каде што јавноста не можеше на овој начин да го концентрира своето внимание?
Натаму, дека моралот, принципите, па и дадените зборови, заверени дури и со помпезни документи во овдешната политика не значат – ништо. Имено, токму на тој 11 декември, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пред премрзнатите несреќници пред зградата на Државната изборна комисија, со една, би рекле, непримерно борбена и агресивна реторика, го прочита Прогласот на неговата партија. И две недели подоцна оваа партија згази барем на половината од содржината на својот документ.
Политиката кај нас не се раководи со рационалност и промисленост туку со емоции. А емоциите, барем кога е во прашање политиката, не само што не се добар сојузник туку и не носат ништо добро
Пред сѐ, првата точка која во првиот дел гласеше дека Партијата нема да признае никакво прегласување и нема да учествува на него. Со оглед на резултатите од прегласувањето, каде што ВМРО-ДПМНЕ доби две третини повеќе гласови отколку на 11 декември, се чини дека и тука станува збор за премногу еластично толкување на поимот „бојкот“. Уште погротескно делува тврдењето дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од прегласувањето, особено од перспектива на нивното соопштение, објавено еден час по затворањето на избирачкото место во Теарце, а во кое се вели дека ВМРО-ДПМНЕ посветено работи на составувањето на Владата.
Не смееме да ја заборавиме ниту Државната изборна комисија, која токму благодарејќи на сопствената транспарентност, на целата јавност ѝ покажа како не треба да работи еден државен орган со ваков коефициент на важност. Се пречекорија сите рокови, се носеа чудни одлуки, со големо количество фантазија се толкуваа членовите на изборниот законик, за на крајот резултатите од оние 402 гласа од сега веќе фамозното избирачко место 2011 да бидат објавени цели пет часа по затворањето на гласањето.
И оправдувањето на претседателот на ДИК дека Општинската изборна комисија предолго пополнувала извесен записник број 21 не држи вода, затоа што и таа е дел од системот на ДИК, односно дека Државната изборна комисија никако не може да се амнестира од сопствената одговорност.
И што уште покажа Теарце?
Покажа дека политиката кај нас не се раководи со рационалност и промисленост туку со емоции. А емоциите, барем кога е во прашање политиката, не само што не се добар сојузник туку и не носат ништо добро. Ако сакаме да бидеме искрени, ова прегласување дури и да го променеше изборниот резултат, немаше да донесе некои посуштински промени во македонската политичка топографија. Освен емотивни, односно психолошки.
Од една страна, променетиот резултат ќе дадеше психолошки ветер во грбот на опозицискиот нагорен тренд, додека од друга страна ќе беше обратното – ќе го забетонираше слободниот пад на власта. И да, како резултат на таа зовриена емотивност веројатно ќе се продлабочеше јазот меѓу двете Македонии, ќе се продолжеше со жестоката антиалбанска реторика и со сеењето страв со двојазичноста, федерализацијата и кантонизацијата. А веројатно ќе имаше и по некој спорадичен инцидент. Но, тоа е веќе во сферата на шпекулации.
Она што не е шпекулација е дека и двата блока (повторно) прогласија победа. Да, де јуре на изборите победи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и да, на ова избирачко место победи коалицијата на СДСМ. Но, и двете опции најавија дека токму тие ќе формираат влада.
Први на потег да го фатат жешкиот костен се ВМРО-ДПМНЕ. А костенот не само што ќе биде жежок туку се заканува дека ќе им ги изгори рацете
Иако немаме обичај да се повикуваме на веселата математика, толку омилена дисциплина во пред и постизборните денови, тука сепак ќе ја повикаме на помош. Разликата од гласовите што сега ги доби ВМРО-ДПМНЕ во однос на оние од 11 декември отприлика одговара на гласовите што минатиот пат на ова избирачко место ги доби ДПА, додека разликата што ја доби СДСМ е слична на бројот на гласовите што останатите албански партии, вклучувајќи го и ДУИ, ги добија на 11 декември.
Ако ваквото сметање има некаква смисла, тогаш тоа може да се протолкува како најава за можните идни коалиции. Ако е тоа така, тогаш може да се најде објаснување за сигурноста на Шилегов кога тврди дека токму тие ќе формираат влада. Едноставно, ВМРО-ДПМНЕ и ДПА се далеку од можноста да состават какво било мнозинство во Собранието. Изјавата на претседателот на ДПА во оставка, Мендух Тачи, дека нивните два пратенички мандата ќе ги даде на располагање на Беса ќе ги ставиме во графата за моралот и политичките принципи.
Во секој случај, први на потег да го фатат жешкиот костен се ВМРО-ДПМНЕ. А костенот не само што ќе биде жежок туку се заканува дека ќе им ги изгори рацете. Особено ако се земе предвид жестоката антиалбанска реторика на коалицијата на ДПМНЕ и привилегираната позиција на албанските партии да поставуваат максималистички барања. Се разбира, тука е и неспорниот изборен дебакл што го доживеа ДУИ, токму затоа што си наметна имиџ на неприкосновен подопаш на ВМРО-ДПМНЕ. Веруваме дека оваа поука ја разбрале и останатите партии на етничките Албанци во Македонија. Еве, и локалните избори се, што би се рекло, уште утре.
Значи, Теарце ни покажа многу работи и ни откри многу дилеми и проблеми, иако ништо не реши. Ни остави нам да си ги решиме проблемите. Не постои никаква гаранција дека брзите нови парламентарни избори ќе променат нешто драстично во расположението на гласачите, но затоа постои гаранција дека оваа лимбо состојба само ќе ја продлабочи кризата.
Затоа, Среќна нова жешка 2017 година!