Ракопис

„Салвадор Аљенде“

Раскази: Улиците што ги нема

 

nebeska-skopjanovna1

Таа беше докторка, Тој пациент. Во суштинска смисла, нивната релација беше токму обратна: Тој беше доктор, а Таа пациентка, ама, сепак, да се потпреме на измислените факти. Таа беше познат специјалист пред докторирање на специфична област од гастроентерохепатологијата, Тој се разболел, го шуткале наваму-натаму, без конкретна дијагноза,.. некој ја пофалил, Тој ја побарал и од нигде-никаде речиси влета во нејзината ординација во ден кога Таа немаше закажани прегледи… И така… „добар ден-добар ден“, „ќе може ли-повелете“, Таа не само што го прими и го прегледа највнимателно на свет, туку го прифати како свој скапоцен пациент, го хоспитализираше дури, пресреќна што во докторатот, буквално од небо, ѝ падна конкретен, невообичаен случај. Дотука сѐ е во ред, но оттука почнуваат компликациите. Не медицински, туку емотивни.

Тој беше многу згоден и привлечен, Таа изгледаше просечно, ама се тешеше дека секогаш е средена и облечена со вкус, дека е интересна, умна и релативно забавна и духовита, барем во однос на докторите и целиот медицински персонал со кој беше опкружена на Универзитетската клиника. Тој беше по малку замаен од целата болничка атмосфера, ѝ беше бескрајно благодарен што го спаси од операцијата со која сите му се закануваа, дури почна да ѝ обрнува повеќе внимание отколку што смееше со таков надворешен изглед, со тие пропорции, со таа висина, со темните очи и совршените дланки… Таа исто така по малку замаена од блискоста со неговите внатрешни органи, особено со неговата кожа, му обрнуваше повеќе внимание отколку што смееше на таква дијагноза и на такво брзо и школско закрепнување. Не можејќи да ги тргне рацете, ни погледот, ни знаењето, ни незнаењето,.. ни мислите од пациентот, докторката се вљуби во него. Го прегледуваше неколкупати дневно, не одолевајќи му на нагонот за постојано опсервирање, перкусирање, палпирање на неговиот стомак, првин површно, потоа и длабоко, дури прибегнуваше и кон балотман на сосем малку подопуштените стомачни мускули што ѝ ги возбудуваа прстите, та тие забораваа медицински да детектираат, туку само женски трепереа,.. нежно ја положуваше раката на неговото салце на половината, таман толкаво ластикот на пижамите да му го спушти само малку пониско од вообичаеното (цела дланка, плус еден прст под папокот), за сметка на задната страна и затегањето кое речиси злобно го истакнуваше неговиот навидум плоскат, а всушност извајан задник. Аускултацијата што беше најнепотребна за неговиот медицински и најопасна за нејзиниот љубовен случај, стана нејзиното еротско искушение украсено со лажна професионална панделка. Потседнуваше покрај него, на самиот раб од креветот, му ја поткреваше маицата и токму тогаш едната кломпа ќе ѝ се лизнеше од ногата и Таа, обидувајќи се да ја задржи со врвот на ножните прсти за да не падне наземи – да тресне и да ја разбуди од мечтата!, нежно ќе го поднаместеше увото на неговиот стомак и… Земјата можеше да престане да се врти! Совршен мир, совршена тишина,.. доволни да ги прекријат со заборав сите машко-женски кавги кои ги беше слушала како дете и сите машко-женски кавги кои ги беше водела како возрасна сѐ до тој миг… Единствено нејзиниот љубовен повтеж биеше како глува камбана, а шумовите и тоновите од органите за варење кои требаше да се пробијат низ ткивата, низ воздушните и течните простори на организмот и да се пренесат на површината, наместо во нејзиното уво, во најсвечена тишина завршуваа директно во нејзиното срце. Го држеше уште неколку дена откако сосем оздраве (без операција!), потоа мораше да го отпушти. Се испотпиша набрзина и побегна, не можејќи да гледа како Тој си заминува… И дотука донекаде е во ред, но оттука продолжуваат компликациите. Не емотивни, туку опсесивни.

aljende-aleksandrov-22a

По неколкунеделната моќна емотивна плима, надојде осека на пустош врз нејзиниот среден и устроен животен брег. Како некој да се беше отселил од нејзиното спокојно и контролирано секојдневие и тоа сега зјаеше празно и обезличено како напуштен дом. Ѝ ги беше испразнил сите кревети и дома и во болницата, на нејзиното одделение, ама и на одделенијата каде што често ја викаа за најразлични гастро-консултации, та секаде можеше да ја легне, да ја хоспитализира својата страст премалена од воздржување. Колку повеќе тонеше во него – толку повеќе го проколнуваше повторно да се разболи и повторно да дојде кај неа, да влета во нејзината ординација со каишот на фармерките спуштен толку малку пониско… Да го боли, да се витка, а Таа да го оздрави само со своите тенки прсти и пламнати, лечебни очи.

Набрзо докторката почна да ја наболува стомак. Си трпеше молкум, зашто сметаше дека тоа е казна поради привикувањето болки кај друг! Кај него! Ќе се напиеше чај од нане и си се убедуваше дека ѝ поминало. Ќе излезеше на пијачка со другарките и по само неколку чаши текила стануваше наполно сигурна дека ѝ поминало и другото…

Едно утро кога не ѝ помогнаа ни ноќешните текили, ни третиот чај од нане на бирото, и кога конечно сфати дека ни стомакот ни пациентот немаат никаква намера да ѝ поминат, ѝ влета главната медицинска сестра во кабинетот, без да чукне на вратата, и ја затече потсвиткана, со рацете на стомакот…

vodnjanskaa

– Докторке? Добро ви е?
– Не. Да. Повели, што е работата?
– Во ургентниот центар донеле еден ваш пациент во лоша состојба! Не дава никој друг да го чепне, ве бара вас!

Таа не праша ништо повеќе, Таа знаеше дека е Тој. Лицето ѝ се озари (сестрата се зачуди од реакцијата!), скокна од бирото заборавајќи ги и стомачната болка и мамурлакот и речиси потскокнувајќи како девојче низ кабинетот, ја тресна вратата зад себе… и исчезна низ ходникот…

Се разбира дека не беше Тој.

Потоа љубовта, целосно преземајќи ѝ го стомакот, почна да ѝ го зафаќа и умот. Скришно и во огромни дози почна да си пие „ентерофурил“; исто толку скришно му напиша и официјално писмо, на меморандум од Универзитетската клиника, да дојде на гастроентерехепатолошкото одделение 24 часа на некое многу важно испитување, 12 часа требало да го набљудува како спие, а 12 како… јаде. Тој уредно одговори, но не дојде. Набрзо Таа вклучи и 3 пати по 4 таблети „карбо анималис“ и „линекс дуо“ за својот збудален стомак и му напиша уште едно збудалено писмо, на меморандум од Универзитетската клиника, да дојде на само 2, 3 часа,.. на половина час,.. на десетина минути… да поминe кога било само да си земе некои заборавени листови, сестрите ѝ ги дале и Таа ги сочувала во фиоката… Тој презриво, ама сепак одговори, но не дојде… Иако живееше само неколку улици над болницата, на „Салвадор Аљенде“ и Таа и нејзината љубов буквално му беа патема…

aljende-aleksandrov-17

Бескрајниот синџир од неговите лаконски и изнудени, куртоазни одговори и ниту една единствена алка со негово прашање или најобичен интерес, почна да ѝ се обвиткува околу вратот на докторката, стегајќи ја сѐ повеќе. Друг не можеше да го забележи тоа, ама Таа, кога и да влезеше во бањата, на големото огледало проследуваше вистинско сражение помеѓу нејзиниот ум и нејзиното срце, помеѓу нејзините стотици опширни и залудни прашања, пораки, објаснувања и дообјаснувања (бљак!) и неговите куси и бегли одговори или обични граѓански коректни „учества“ во преписката… Сражение во кое едното мораше да умре: умот или срцето…

Го еутаназираше срцето. Стомакот, за атер на љубовта, се жртвуваше самиот. Болките енормно и неконтролирано ѝ се зголемуваа и Таа знаеше дека сево ова нема да помине туку-така… Завладеа умот и неговата прва наредба беше љубовта под итно да стане омраза. Колку што го сакаше – исто толку да го мрази!

aljende-aleksandrov-5a

Додека итно ја носеа на операција, на количка покрај која вознемирена поттрчнуваше главната медицинска сестра („Докторке, добро ви е?“), во долгиот ходник пред операционите сали, Таа, во огромни болки и виткајќи се, го здогледа него како стои потпрен на ѕидот со каишот на фармерките спуштен толку малку пониско… Очигледно него ништо не го болеше, не се виткаше и воопшто не му требаа нејзините тенки прсти и лечебни очи. („Ама сепак дошол во клиникава!“) Кога количката се најде паралелно со него, очите им се сретнаа и двајцата во истиот миг сфатија дека во една суштинска смисла, Тој беше Доктор, а Таа пациентка.

Секој нареден ден оттогаш, за време на постоперативниот, но и постнадежен љубовен период, Таа одеше на улицата „Салвадор Аљенде“, со години, дури и сега кога улицата се вика „Тодор Александров“. Ќе поседеше (напати и во својот бел, докторски мантил) на еден затскриен трупец спроти неговата куќа со кружни тераси, ќе го проколнеше да биде вечно здрав, никогаш повеќе да не дојде кај неа и… земјата почнуваше повторно да се врти.

aljende-aleksandrov-13ab

Фотоилустрација: З.Р.