Ракопис

Чекајќи го Ќосето

Едночинки: Животот е фарса / A tribute to Woody Allen

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

kokalanov_crtez

I дел

 

Завесата се крева и го гледаме БОГДАН како спие во својот кревет. Се слуша силно тропање на вратата. Конечно, безволно и правејќи натчовечки напори, БОГДАН се буди.

 

БОГДАН: Еве, доаѓам. Спиев како топ… Почекај! (Се движи несмасно низ собата. Погледнува во часовникот.) Боже, па сега е два и триесет наутро… Доаѓам, почекајте една минута!

 

(Петре ја отвора вратата и во собата влегуваат тројца мажи.)

 

ИЛЕ: Што чекаше до сега Боби, да не си глув?

БОГДАН: Спиев. Што да правам во два часот наутро? Што се случува?

ИЛЕ: Треба да дојдеш со нас. Облекувај се.

БОГДАН: Молам? Каде? На протест?

ДИМЕ: Ајде Боби, побрзо. Немаме време.

БОГДАН: Каде одиме? Фичо, зарем не гледаш колку е часот?

ФИЛИП: Гледам, време е да се разбудиш.

БОГДАН: Зошто?

ИЛЕ: Еј, ај немој да се правиш будала.

БОГДАН: Зошто да се правам будала? Спиев како заклан.

ФИЛИП: Потребни ни се сите луѓе што можеме да ги најдеме.

БОГДАН: За што?

ДИМЕ: Што ти е тебе Боби, како можеш да не знаеш што се случува? Каде беше последниве неколку дена?

БОГДАН: А бе, за што зборувате вие?

ИЛЕ: За самозаштита.

БОГДАН: Што?

ИЛЕ: Сакаме да ја земеме правдата во свои раце.

ДИМЕ: Имаме добар план.

ФИЛИП: Одличен план.

БОГДАН: Ќе ми објасни ли некој што сакате од мене? Гледате дека сум по гаќи и смрзнувам од студ.

ИЛЕ: Потребен ни е секој во оваа битка. Ајде, облекувај се.

ФИЛИП (нестрпливо): И побрзај.

БОГДАН: Добро, еве , се облекувам… Може ли сега да ми кажете за што станува збор? (Нервозно се обидува да ги навлече панталоните со едната рака, додека со другата го проверува смартфонот.)

ФИЛИП: Силвана и Валентина го забележаа убиецот. Го виделе како влегува во паркот.

БОГДАН: Кој убиец?

ИЛЕ: Боби, немаме време за празни муабети.

БОГДАН: Какви празни муабети? Кој убиец? Ми влегувате дома среде ноќ, јас спијам како заклан…

ФИЛИП: Убиецот на… многу наши луѓе.

ДИМЕ: Наши браќа.

ИЛЕ: Серискиот….

ФИЛИП: Кољачот.

БОГДАН: Каков кољач бе?

ДИМЕ: И чуварот го средил.

БОГДАН: Оној крупниот?

ДИМЕ: Да, му пришол од зад грб.

ИЛЕ: Тој е. Тој што мислиш…

БОГДАН: Тој што мислам… (Сите кимнуваат со главата.) И сега е дојден по нас? (Сите кимнуваат со главата.) Ама, не можам, јас сум на работа утре изутрина…

ФИЛИП: Ајде, Боби, мораме да го запреме пред да среди уште некого.

БОГДАН: Ние? Мислите вие и јас?

ДИМЕ: Полицијата не може да се справи со него.

БОГДАН: Тогаш треба да им напишеме писмо со поплаки. Или колумна. Или статус на Фејсбук… Можам да почнам веднаш да го пишувам…

ИЛЕ: Нашите во полицијата прават сѐ што можат, Боби. Ама премногу се збунети.

ДИМЕ: Сите се збунети.

ФИЛИП: Немој да кажеш дека не си чул ништо за оваа работа?

ДИМЕ: Тоа е тешко да се поверува, брат.

БОГДАН: Па, знаете, премногу сум зафатен на работа деновиве… Сега е шпицот на сезоната… (Тие не веруваат во неговата наивност.) Немавме време ниту за пауза за ручек, а знаете колку сакам ѓеврек со сланина. Еве Иле, кажи им колку сакам ѓеврек со сланина.

ИЛЕ: Сакаш, ама оваа ужасна работа трае веќе подолго време. Зарем не слушаш вести?

БОГДАН: Немам време… Деновиве.

ДИМЕ: Сите се преплашени. Луѓето се плашат да излезат од дома навечер.

ФИЛИП: Ама какво излегување. Двајца наши се убиени во нивниот дом, зашто заборавиле да ја заклучат вратата. Грлата им беа ресечени од уво до уво.

БОГДАН: Нели рековте од зад грб приоѓа?

ДИМЕ: Боби, немој да си наивен.

БОГДАН: Кога веќе го спомнавте тоа, мислам дека треба да си купам нова брава за вратата.

ИЛЕ: Ужас е, брат, никој не знае кога ќе нападне повторно.

БОГДАН: А кога почна сето ова? Не знам зошто никој не ми кажа ништо.

ФИЛИП: Ај, не се прави наивен. Целиот град е во паника. Сите освен тебе.

БОГДАН: Видете, јас не се разбирам многу во овие работи. Што знам јас за организирање потера? Само ќе ви пречам. Може ли да ви помогнам со парична донација? Или да пишам нешто по социјалниве…

ДИМЕ: Што е ова?

БОГДАН: Кое?

ДИМЕ: Ова. Неколку влакна на твојот чешел.

БОГДАН: Па, на чешелот има влакна, затоа што со него си ја чешлам косата.

ДИМЕ: Бојата на косата е иста со онаа на влакната што ги пронајде полицијата.

БОГДАН: Што? Па ова е црна коса. Има милиони влакна од црна коса. Зошто ги ставаш во тој коверт? Но, ова е само случајност. Еве (покажува на Филип)! И тој има црна коса.

ФИЛИП (Го зграпчува Богдан): Што сакаѓш да кажеш со тоа!?

БОГДАН: Ништо. Тој ги стави моите влакна во ковертот. Врати ми ги моите влакна!

ФИЛИП: Тргни се!

ДИМЕ: Само ја помагам истрагата.

ИЛЕ: Нема лутење, Боби, полицијата поба помош од сите граѓани. Ајде, оставете сега тоа. Да се однесуваме како херои, како нашите предци. Смисливме план?

БОГДАН: Каков план?

ДИМЕ: Можеме да сметаме на тебе, Боби, така?

ФИЛИП: Се разбира дека можеме да сметаме на Боби. И тој има своја улога во планот.

БОГДАН: И јас имам улога во планот? А за што се работи?

ФИЛИП: Не грижи се, ќе бидеш известен.

БОГДАН: Добро, ама зарем сериозно ви требаат моите влакна?

ДИМЕ: Ти не грижи се за тоа. Облечи се и слези долу. И побрзај. Изгубивме премногу време.

БОГДАН: Добро, ама може ли барем на кратко да ми кажете што е планот?

ИЛЕ: Побрзај, Боби, жити Бога. Се работи за живот или смрт. И подобро облечи некои потопли алишта. Надвор е студено.

БОГДАН: Добро, добро… само кажете ми го планот. Ака знам за што се работи, тогаш ќе можам да размислам за тоа додека се облекувам.

 

(Но тројцата излегуваат, а БОГДАН останува сам и несмасно се обидува да се облече. Затемнување.)

 

II дел

 

Ноќ. Празна улица. На неа лежи труп. Богдан му се приближува. Го проверува дали е готов. Готов е. Од некаде доаѓа уште еден ЧОВЕК.

 

БОГДАН: Јас не сакам да умрам. Сѐ уште не. Не сега. Не сакам да ми се случи тоа што му се случи нему. Да бидам начекан во мрачна уличка… прободен… или задавен… дури и Иле го убиле… каков лудак…

ЧОВЕКОТ: Убиецот не го среди Иле.

БОГДАН: Не?

ЧОВЕКОТ: Иле го убија бунтовниците.

БОГДАН: Бунтовници?

ЧОВЕКОТ: Да, другата фракција.

БОГДАН: Каква друга фракција?

ЧОВЕКОТ: Зарем ти не знаеш дека има и друга фракција во спроведувањето на планот?

БОГДАН: Јас не знам ништо! Ме оставија тука и ми рекоа ќе дојде некој да ми го објасни планот. И налетав на трупов. Јас немам некоја конкретна задача во планов. Јас сум тука за секој случај.

ЧОВЕКОТ: Се разбира дека има и друга фракција. Влатко и Тони. Тие уште од почетокот беа сомничави кон идеите на Иле.

 

(На сцената доаѓа и ПОЛИЦАЕЦ. Не го забележуваат.)

 

БОГДАН: Зошто?

ЧОВЕКОТ: Па, за жал, планот на Иле не даде никакви вистински резултати.

БОГДАН: Не даде ни полицијата.

ПОЛИЦАЕЦОТ (ги штрекнува): Ќе дадеме, наскоро. Само овие проклети цивили да не ни се мешаат во работата.

БОГДАН: Јас, пак, си мислев ви треба помош.

ПОЛИЦАЕЦОТ: Да, ни треба помош. А не конфузија и паника. Но, не грижете се. Имаме неколку добри траги и ги пребаруваме податоците во нашите компјутери. Тие машини се чудо. Мозоци. Нема можност за грешка. Да видиме дали тој копук ќе се спаси од нив. Еден граѓанин ни достави коверт со влакна?

БОГДАН: Коверт со влакна!? Тие може да се сечии.

ПОЛИЦАЕЦОТ: Компјутерот не греши.

БОГДАН: И кој го уби Иле?

ПОЛИЦАЕЦОТ: Се појави една фракција која му се спротивстави на Иле.

БОГДАН: Кој? Влатко и Тони?

ПОЛИЦАЕЦОТ: Не се знае. Многумина поминаа на нивна страна. верувај ми, хаос е. Дури се зборува дека и од нивната група се одвоила фракција.

БОГДАН: Уште една фракција?

ПОЛИЦАЕЦОТ: Со неколку нови идеи како да го уловат нашето мало пријателче. Тоа ни беше потребно, зарем не? Нови идеи. Свежа крв. Ако еден план не даде резултати, тогаш треба да се направи нов. Просто е ко грав. Ти, да не се противиш на новите идеи?

БОГДАН: Јас? Не… но тие го убија Иле…

ЧОВЕКОТ: Затоа што Иле не сакаше да попушти. Затоа што тој цело време инсистираше дека неговиот глупав план е најдобар. И покрај тоа што не даваше никакви резултати.

БОГДАН: А каде е главниот?

ПОЛИЦАЕЦОТ И ЧОВЕКОТ: Тој е на сигурно!

БОГДАН: Добро, барем некој е на сигурно. Иако, лошо е што тоа не сум јас. Не требаше да отворам…

ПОЛИЦАЕЦОТ: Како?

БОГДАН: Ништо.

ЧОВЕКОТ: Се надевам дека ти не се држиш до планот на Иле, иако многумина сѐ уште сакаат да го спроведат.

БОГДАН: Јас не ни знам каков е планот на Иле. Не стигнаа да ми го раскажат.

ЧОВЕКОТ: Добро, тогаш можеби би можел да ни помогнеш нас.

БОГДАН: Кои сте вие?

ЧОВЕКОТ: Немој да се правиш будала.

БОГДАН: Кој се прави будала?

ЧОВЕКОТ: Дојди со мене.

БОГДАН: Не ни знам што се случува.

ЧОВЕКОТ (вади нож и му се заканува на БОГДАН): Нашите животи се во прашање, ти глупава гнидо. Подобро ти е да избереш на чија страна си.

БОГДАН: Аааа… полицаецу… Помош!

ПОЛИЦАЕЦОТ: Аха, сега ти треба помош, а минатата недела ние бевме неспособни будали, затоа што не можевме да го фатиме убиецот.

БОГДАН: Јас немав никакви критики за вашата работа.

ЧОВЕКОТ: Избери, црву!

ПОЛИЦАЕЦОТ: Никој не се прашува зошто ние работиме прекувремено. Пренатрупани сме со признанија од ненормални. Еден по еден, сите лудаци во градов почнаа да тврдат дека се убијци и да молат за казна.

ЧОВЕКОТ: Ако продолжиш да се мислиш, ќе ти го пресечам гркланот без око да ми трепне.

БОГДАН: Добро, ај, ќе ви помогнам. Само кажи ми што треба да правам.

ЧОВЕКОТ: Значи, веќе не си со Иле, со нас си?

БОГДАН: Па, Иле е мртов, така?

ЧОВЕКОТ: Така, ама има сѐ уште следбеници. Или можеби би сакал да ѝ се придружиш на некоја нова, помала група, а?

БОГДАН: Би сакал некој да ми објасни кои се разликите меѓу групите. Ме разбирате ли што ве прашувам? Јас никогаш не дознав каков беше планот на Иле… Не го знам ни вашиот план. Не ги знам ни плановите на помалите групи.

ЧОВЕКОТ: Ау, па овој ништо не знае, нели Оли?

ПОЛИЦАЕЦОТ: Море, тој знае сѐ, само се прави будала за да ја избегне одговорноста. Ми се гади од него. Ајде, си одиме. Остави го.

 

(Човекот со тешко срце го враќа ножот во појасот. Тој и Полицаецот заминуваат. Затемнување.)

 

III дел

 

Богдан седи до трупот среде улицата. Му зборува.

 

БОГДАН: Ти треба да си направиш операција на носот, крив ти е некако. Ама пријателите не ти кажале. Добро е човек да знае кои му се пријателите. (Станува.) Си одам дома! Ова не е мој проблем… Уморен сум, му студи… каква ноќ… Еј, каде сум? Отсекогаш сум бил дезориентиран ко мува без глава… Не, сигурен сум дека не треба да одам наваму… Мора да се одморам малку – да се приберам… Премногу се возбудив од страв… (Се слуша врева.) Ох, Боже… што е сега?

УБИЕЦОТ: Богдан?

БОГДАН: Кој си ти?

УБИЕЦОТ (по малку наликува на Богдан): Јас сум серискиот убиец. Може ли да седнам малку? Преморен сум.

БОГДАН: Молам?

УБИЕЦОТ: Сите ме бркаат… Цела ноќ трчам по улици и се кријам по влезовите. Го претрчав целиот град, а тие мислат дека се шегувам.

БОГДАН: Ти… ти си убиецот? Кољачот?

УБИЕЦОТ: Се разбира.

БОГДАН: Сега се сетив дека имам една важна работа, мора да си одам!

УБИЕЦОТ: Немој да се возбудуваш. Вооружен сум.

БОГДАН: Сакаш… сакаш да ме убиеш?

УБИЕЦОТ: Се разбира. Па, тоа е мојата професија.

БОГДАН: Ти… ти си луд.

УБИЕЦОТ: Нормално дека сум луд. Мислиш ли дека некој нормален човек ќе се шета наоколу и ќе убива луѓе? И тоа без да ги ограби. Вистина е. Никогаш не сум зел ни паричка од жртвите. Дури ни џебен чешел.

БОГДАН: Тогаш, зошто ги убиваш?

УБИЕЦ: Зошто? Затоа што сум луд. И затоа што тоа ми е работа.

БОГДАН: Но, мене ми изгледаш сосем нормален.

УБИЕЦОТ: Не можеш да процениш според надворешниот изглед. Јас сум кољач.

БОГДАН: Да, но јас очекував висока, црна, застрашувачка фигура…

УБИЕЦОТ: Ова не е документарец на државната, Боби. И јас сум човек како тебе. Треба ли да имам канџи за да бидам убиец?

БОГДАН: Но, ти имаш убиено толку многу крупни, силни луѓе… двојно поголеми од тебе…

УБИЕЦОТ: Да, затоа што ги напаѓам од зад грб. Имаш ли некоја последна желба?

БОГДАН: Ти мора да се шегуваш!

УБИЕЦОТ: Не, ти си по шегувањето. Јас сум по смеењето. Сакаш да го слушнеш моето лудачко смеење?

БОГДАН: Не. Не можеш ли барем за еден момент да бидеш разумен? (Убиецот драматично го отвора склопениот нож.) Ако не можеш да добиеш никакво задоволство од тоа што ќе ме убиеш, тогаш зошто да го сториш тоа? Тоа нема никаква логика. Би можел да направиш нешто покорисно… Почни да играш пинг-понг, можеш да бидеш луд играч на пинг-понг!

УБИЕЦОТ: Збогум, Богдан!

БОГДАН: Помош! Помош! Убиство! (Убиецот го прободува со нож и бега.)

 

Доаѓаат истите тројца од првата сцена.

 

ДИМЕ: Донесете му малку вода.

БОГДАН: Не сум жеден, прободен сум.

ФИЛИП: Порано или подоцна сите нѐ чека истото.

БОГДАН: Да, ама не е сеедно дали порано или подоцна.

ИЛЕ: Кутриот Боби, паѓа веќе во делириум.

БОГДАН: Иле!? Ти си жив!?

ИЛЕ: Да, кој вели дека треба да сум мртов. Немој да ми кажеш дека си преминал во фракција што посакува да сум мртов?

БОГДАН (за момент станува): И уште нешто. Ако постои задгробен живот и ако сите ние завршиме на исто место – ве молам, немојте да ме барате, јас ќе ве најдам вас. (Умира.)

ДИМЕ: Значи убиецот бил овде.

ФИЛИП: Не мора да значи, можеби е некоја од фракциите.

 

Крај

Целиот текст е преземен од едночинката „Смрт“ на Вуди Ален. Секоја сличност со некои наши состојби и ликови е случајна.