Морам да кажам дека бев благопријатно изненаден од ненадејната загриженост на дел од овдешната јавност поради ширењето „говор на омраза“ и „навреди“ во јавниот простор. „Говорот на омраза“ и „навредите“ се намерно напишани во наводници затоа што се наводни.
Имено, еден од нус-производите на оваа хајка што, за мои поими, сосема ненадејно се урна врз грбот на колегата Сашо Ордановски е тоа што дури и јас ја побарав емисијата на Канал 5 „Само интервју“ за да ја изгледам и да видам што тоа точно ги разбесни разни именувани и неименувани медиумски, политички и ини субјекти „та пискотници се слушаат од Галичник до Река“.
Разбудена ментална хигиена
Велам дека станува збор за нус-производ, затоа што веќе со години немам нерви да гледам радиски емисии и радиски формати на телевизија, без оглед за која телевизиска програма се работи и без оглед дали се двајца, тројца или повеќе соговорници.
Добро, има и полошо: седи или стои некој водител и слуша што му зборуваат по телефон.
Сакам да кажам дека немам никаква идеја да ги омаловажам колегите Гоце Михајловски (водител) и Сашо Орданоски (гостин). Напротив. Не се тие виновни што македонскиот телевизиски медиумски простор, особено оној во кој јас имам увид, значи оној со национална фреквенција, ги разбира политичките емисии само како „ток-шоуа“. На крајот на краиштата, и јас ја изгледав емисијата, па на некој начин го кренав алгоритмот на овој тип програми.
Но, да се вратиме на суштината. Сашо Орданоски го навредил американскиот претседател Доналд Трамп! И користел непримерен говор на омраза кон лидер на нашиот стратешки партнер! Па, дури и се бара Јавното обвинителство да покрене истрага по допрен глас (!).
Оној што го гледал интервјуто со Орданоски и кој, како и јас, има минимален увид во реакциите на нашите медиуми, владејачката партија и низа други познати и непознати индивидуи, лесно може да заклучи дека навредите, лагите и говорот на омраза кон Орданоски се многу посериозен предмет за кривична истрага, отколку што се тоа неговите констатации за Трамп.
Нема тука да ги набројувам констатациите на Орданоски за хазардската политика на Трамп, со кои патем речено, во голем дел се сложувам, како што нема да ги набројувам ниту навредите упатени кон колегата, затоа што, едноставно, не сакам и јас да го валкам јавниот простор. Кој сака да има увид, може да го направи тоа со едноставен клик на интернет или со влез на некоја од социјалните мрежи.
Она што мене најмногу ме фасцинира во овој случај е нагло разбудената ментална хигиена за употребени зборови во јавната комуникација. На пример, ако по некој случај Сашо Орданоски кажеше дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун е „недоволно образован“ или дека политиката на неговата влада му наликува на „неонацизам“, дали и тогаш ќе предизвикаше вакви реакции?
Ама, ајде да не одиме до Северна Кореја, може да застанеме и на Европската Унија. Што ќе се случеше ако Орданоски го искритикуваше претседателот на Летонија, Едгарс Ринкевичс, инаку првиот деклариран геј претседател, односно шеф на држава во Европа? Дали тогаш би се барала истрага од Јавното обвинителство „по допрен глас“? Знаете што би се случило? Ништо! Напротив. Трамп вели дека признавањето на ЛГБТ правата не е веќе во мода, па тие луѓе можат да бидат на отстрел.
Или, ајде да не одиме по светот (иако и тука има илјадници примери, особено за државниците од соседните земји). Од Никола Кљусев, па сѐ до Христијан Мицкоски, јас не помнам премиер што не е навредуван во јавниот простор. Па, дури ни претседател на државата. И не помнам дека некој кривично одговарал поради тоа. Башка, во интервјуто Орданоски никого не нарекува „црпнат“ или „фикус“, туку ги искажува своите перцепции и ставови.
Македонија до Њујорк
Фасциниран сум, ете, дека се „вчудоневиделе“ од „говорот на омраза“ во Канал 5, телевизијата каде што беше емитувано интервјуто. Да не кажам дека и јас сум вчудовиден од нивната реакција. Очекувано би било токму спротивното, да ја бранат сопствената уредувачка политика и можноста да се слушне некој дисонантен тон од аријата што ни ја пеат овдешните носители на политичката моќ.
И, да не кажам, дека според логиката на слободата на мислата, наместо да ги осудуваат „искажаните навреди, клевети и шпекулации од страна на Сашо Орданоски“, можеби би требало да ги осудат „искажаните навреди, клевети и шпекулации“ во реакциите против него.
Владејачката партија, значи ВМРО-ДПМНЕ побара од СДСМ да се огради од ставовите на Орданоски (?). Зошто? Колку што мене ми е познато, Орданоски не е функционер на таа партија, а колку што знам, не е ниту нивни член. Во таа смисла, можеа слободно да побараат од ставовите на Орданоски да се оградат и ЗНАМ, Левица, ДУИ, ВЛЕН… всушност сите партии каде што не е член. Во спротивно, како што велат во ВМРО-ДПМНЕ, ќе се добие перцепција дека ги поддржуваат неговите ставови. А тоа е, како што сега се чини, кривично дело.
Но, се разбира, проблемот не е во Сашо Орданоски и неговите ставови, не е дури ни во извиканата слобода на говорот (наводно токму Трамп е еден од нејзините најголеми промотори), проблемот е во нашето неснаоѓање во новата поделба на светот.
Да се разбереме и да биде јасно, онаа Европа кон која ние се стремиме е веќе непријателски расположена кон администрацијата на Трамп, дури и неговите најголеми сојузници. Кон Трамп не се пријателски расположени ниту Франција, ниту Германија, па ни традиционалниот сојузник Велика Британија.
Неговите политики ги поздравуваат Виктор Орбан во Унгарија, италијанската премиерка Џорџа Мелони (и тоа прилично воздржано) и Мицкоски во Македонија. Веројатно би ги поздравил и Вучиќ во Србија, ама изгледа има побитни работи.
И, да, шефот на Република Српска, Миле Додик, човекот од „црната листа“ на САД, инаку запомнет по еден впечатлив антиевропски говор, одржан токму во Скопје, и тоа пред очите и ушите на нашиот премиер, е отворен поддржувач на Трамп. Дури ни Мицотакис во Грција не се изјаснува премногу околу овие прашања. Од навистина важните европски земји, практично само Русија ја поддржува политиката на Трамп. И, евентуално, Белорусија.
И за Европа не се во прашање само најавените царини кон ЕУ или тоа што ЕУ е исфрлена во таканаречените мировни преговори за Украина, не се дури ни не знам какви геополитички интереси. Европа, едноставно, има искуство и препознава каде води политиката на насилство. На крајот на краиштата, познато е што се случи со договорот Рибентроп – Молотов за поделба на Полска. Тој договор, јасно, се направи без Европа, а богами и без Полска. И се случи Втората светска војна.
Конечно, како што сега изгледаат работите, основата на политичкото дејствување на Трамп, како што вели хрватскиот филозоф Среќко Хорват, е бизнис со недвижнини. Изградба на рисорти од Газа до разурнатиот Генералштаб во Белград. И по некој рудник на ретки метали во Украина.
Но, има кој да ги решава светските проблеми. Прашањето е како ние ќе ги решаваме нашите? Кокетирањето со Хунзите, па Индијците, па БРИКС, па Трамп, односно со континенти каде што не припаѓаме ниту географски, а богами ниту културолошки во еден момент може скапо да нѐ чини. Како што, впрочем, и нѐ чинело.
Нема, белки, да ја покажеме истата трампавост, како во реакциите на критиките на Орданоски на Трамп. Или…?
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонијa