Живеењето во Македонија, по многу нешта, суштински не се разликува од голем дел од останатиот свет. Можеби една дистинктивна црта што го прави тоа еден вид специфично искуство е колективниот презир кон животот и средината, кој ретко го наоѓаме толку раширен во другите контексти.
Еден пријател, чија сопруга доаѓа од друга земја на нашиот континент, ми сподели дека нејзиниот прв впечаток за Македонија и Македонците бил дека луѓето се премногу цинични, песимистични и со длабока омраза кон својата земја. Додека заеднички се насмеавме на таа констатација, тој бргу се дополни дека неговиот одговор бил краток и визионерски – за брзо и ти ќе се претвориш во тоа. И не згрешил. Презирот и дефетизмот се вируси, чиј третман досега се покажал, или како нецелисходен, или како нередовно приман.
Да се верува дека нема полоша средина за живеење, значи да се помириш со идејата за живеење на најлошиот можен живот, што, пак, е живеење на смртта, лична и колективна
За мене отсекогаш бил чуден тој факт да живеам во земја со премногу „патриоти“, а со толкаво отсуство на патриотизам. Кога велам патриотизам, не мислам на интонирање химни во основни училишта, политички реторики на драматичен национализам, градење цркви и поставување споменици, веење знамиња и негување омраза кон етничките Други.
Мислам на едно чувство на припадност, кое е конструктивно, на споделување визии и идеи за колективното добро, на заедничка грижа за луѓето, живиот свет и сè друго што ја дава смислата на заедничкото живеење во еден простор што е споделуван.
Токму лажниот патриотизам, сместен во манипулативните обиди за јакнење на една погубна национална свест, води кон спротивното. Колку и да сметам дека е глупав и опасен концептот на национална гордост, не можам, а да не забележам дека дури и оваа рудиментирана национална свест на Македонецот претставува жртвенички наратив, една приказна дека сме „утепани“ и постојано на нишан од останатиот свет, кој длабоко го мразиме додека ревносно му завидуваме.
Затворени во ова паланечко искуство, остануваме лишени од можноста да градиме поинакви основи на заедничкото живеење во средината што ја споделуваме, но и од можноста да се поврземе и да градиме релации со другите земји и општества. Сè што имаме сега како репертоар на врски со себе и со другите е страв, недоверба, омраза и еден надмен цинизам надополнет со колективна апатија и дефетизам.
Бадијала се сите знамиња, химни и хиперпродукција на историски митологии. Бадијала ви е раскошното минато, кога сегашноста ви е тегобна, а иднината црна. Пропишаните милион и пол рецепти за „дијазепам“ минатата година во Македонија доволно кажуваат за состојбата на клиничка смрт, во која колективно сме втурнати.
Ова искуство на „живеењето тука“ е сведено на „судбина“ од која не може да се избега. Некакво проклетство, кое е непобедливо. А вистината, која впрочем речиси никогаш не се наоѓа во крајните позиции, е дека Македонија не е најлошото, исто како што не е ни најдоброто место за живеење.
Имаме ние многу што да научиме од светот, ама и светот има нешто да научи од нас. Токму во таа можност за размена лежи потенцијалот на живеењето со смисла, или живеењето што има смисла. Изолацијата не е само геополитички феномен, туку и емоционално и ментално искуство. Кога доминира чувството на лажна надменост, односно идејата дека сме премногу вредни и затоа другите нè мразат или чувството на себепрезир, односно идејата дека сме најлоши, дебелото црево на светот, тогаш се задушуваат сите потенцијали на колективот.
Раширеното незадоволство не доаѓа од идеите за промени, кои наводно биле погрешни, туку повеќе од неуспехот на почнатите иницијативи за промени
Да се верува дека нема полоша средина за живеење, значи да се помириш со идејата за живеење на најлошиот можен живот, што, пак, е живеење на смртта, лична и колективна. Чувството што го заговарам не е ниту возгордеаност, ниту презир, туку доверба и мотив, кои ќе направат да биде возможно да се живее понатаму на подобар начин. Тој подобар начин не значи борба дали во Струга ќе поставиме македонско или албанско знаме, туку како ќе го заштитиме Охридско Езеро од сечењето на трската од струшкиот брег.
Не значи ниту дали ќе интонираме македонска или албанска химна во етнички разделените училишта, туку како да креираме образовни институции, кои ќе ги зближуваат етникумите токму преку чувството на припадност и грижа кон средината што ја споделуваме. Не значи ни колку деца ќе се родат и колку бракови ќе се склучат, туку колкави ќе бидат благосостојбата и задоволството од животот, кои ќе резултираат со здрави и плодни релации и врски меѓу луѓето тука.
Сознанието дека бројноста на патриотите не кореспондира со нивото на грижа кон колективот и земјата во која се живее, веќе треба да е доволен показател дека сме ја утнале работата. Тоа покажува само дека сме останале потчинети на нашата историја наместо да бидеме субјекти токму на таа историја.
Раширеното незадоволство не доаѓа од идеите за промени, кои наводно биле погрешни, туку повеќе од неуспехот на почнатите иницијативи за промени, неуспехот да постигнеме едно посакувано ниво на социјална, економска и еколошка правда. Тој неуспех, сепак, не мора да биде парализирачки.
Неуспехот носи голем потенцијал, ако се разбере така, како обид, експеримент, ризик, но и одговорност. Заедничкиот живот и заедничкиот простор се можеби најважната заедничка одговорност.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија