Не дека не ми пречи објаснувањето на мандатарот на новата влада, Христијан Мицкоски дека владата ќе се рационализира и ќе стане поефикасна ако се додадат уште четири нови министерства и плус (веројатно) по некоја агенција и не дека сум премногу среќен дека реорганизацијата на владините кабинети помина без никаква дебата и расправа, така што поим немаме кој е резонот за овие зафати, но блаженото незнаење и отсуството на кое било објаснување што има некоја логика не ме спречува пост фестум да го искажам своето мислење по некои од понудените решенија.
Баби и жаби
Имам јас што да кажам и за новите министерства, но и за идејата прашањата на трудот да се преселат од секторот за социјална политика во секторот за економија, да се крене спортот на ниво на министерство или демографијата да сее спои со социјалната политика, но она што во овој момент најмногу ме интригира е логиката на секторот култура да му се додаде туризмот, токму како некаков туристички приврзок, да не кажам магнет за фрижидери.
Мене, ете, мешањето на културата со туризмот ми личи на мешање баби и жаби. Само што не знам кој во случајов е жабата, а кој бабата.
За жал или за среќа, долго помнам, ама, ете, не можам да се сетам дека во кој било владин кабинет од осумдесеттите години на минатиот век, па наваму, туризмот бил ставен во исто министерство со културата. Културата била заедно и со образованието и науката, во некои формации дури и со спортот, ама туризмот, логично, секогаш бил во економскиот ресор. Ако веќе е проценето дека туризмот треба да се крене на ниво на министерство, зошто тогаш не е одвоен како посебен ресор, туку е споен со културата?
Она што во овој момент најмногу ме интригира е логиката на секторот култура да му се додаде туризмот, токму како некаков туристички приврзок, да не кажам магнет за фрижидери
Што воопшто значи тоа? Јас навистина не знам кој е најмалиот заеднички содржател на културата и туризмот. Каква врска има творештвото со туризмот? Каква врска имаат литературата, филмот, визуелните уметности, театарот… со туристичката понуда на земјата? На кој начин, на пример, некој роман на Петре М. Андреевски ќе привлече туристи во Македонија? Или предлагачот на законот не смета на таканаречената жива култура, туку само на културното недвижно наследство?
Да, културниот туризам е релативно важно подрачје во туристичката индустрија, односно понуда на една земја. Но, која е понудата на Македонија? Проектот „Скопје 2014“? Значи ли тоа дека приоритет ќе биде изградба, доградба и надградба на вакви проекти? Или е Охрид приоритетот? Градот што успеавме да го уништиме токму под развиореното знаме на туризмот.
Ајде да не се самозалажуваме, нема тука да се слеат туристи за да ја видат поставката на Националната галерија, како што тоа го прават во Лувр, во Париз или во Мома, во Њујорк. На крајот на краиштата, ако има потреба од соработка меѓу културниот и туристичкиот сектор што ги спречува да соработуваат. Токму како и досега.
Колку што знам ваков пример нема ниту во регионот. На пример, во Хрватска и во Србија, министерствата за култура се задолжени и за медиумската регулатива (решение кое неретко е критикувано во нивната јавност), но не и за туризам. Иако, на пример, само Дубровник има повеќекратно поголема и поквалитетна културна понуда од цела Македонија.
Или можеби како културен туризам се зема гостувањето на германскиот бенд „Рамштајн“ во Белград, кога буквално немаше ниту едно слободно легло по белградските хотели и по приватните соби. Кај нас, како што сега стојат работите, за најголема музичка атракција се сметаат Цеца Ражњатовиќ, Аца Лукас и Харис Џиновиќ. Можеби Министерството за култура и туризам ќе ги исфорсира овие и ваквите гостувања како врв на „креативните индустрии“.
Случајот Грожњан
Има, се разбира, добри, би рекле и одлични примери за практикување на културниот туризам. Примери што можевме да ги следиме ако имавме стратегија, ама ја немавме! А не сум убеден дека и сега ја имаме.
Еден таков пример е истарското гратче Грожњан. Станува збор за еден од најмалите градови во Европа (според пописот од 2021 година, општината има 656 жители, а самото гратче 142) и се наоѓа во централна Истра, односно во нејзиниот континентален дел.
За да се разбере приказната, треба да се тргне малку подалеку во историјата. Во 1910 година, Грожњан има 1.600 жители (целата општина околу 4.000) со мнозинско италијанско население. По Втората светска војна, Грожњан припаѓа во таканаречената Зона Б (под југословенска управа).
Во тој период, некаде до 1956 година, речиси две третини од италијанското население мигрираат во матичната земја. Дури во 1975 година, со Осимските спогодби, Грожњан и официјално станува дел на Хрватска, односно на некогашната СФРЈ.
ЈНА, на пример, напушти низа касарни и други објекти, ама тие не беа пренаменети, уште помалку дадени на уметниците, туку (најчесто) урнати и на нивно место изградени енормен број згради
Како и да е, во 1965 година, Грожњан е прогласен за Град на уметноста, а напуштените куќи под поволни услови им се отстапувани на уметници, главно од Хрватска и од Словенија, но и од други краишта на Југославија. Во 1969 година, дел од тие куќи се отстапени на Меѓународната федерација на музичката младина (Jeunesses Musicales International), која тука формира свој центар.
Оттогаш таму се одржуваат низа летни школи, мастер-класови, концерти, креативни кампови… кои привлекуваат млади буквално од целиот свет. Хрватската политика на субвенции овозможува во Грожњан денес да има околу дваесет галерии и ликовни ателјеа. Во него се одржува официјално најдобриот мал џез-фестивал „Jazz is Back BP“, потоа Меѓународна летна филмска школа, како и ликовниот фестивал „Екс темпора“ што собира повеќе од 300 уметници од целиот свет. Грожњан, на годишно ниво го посетуваат десетици илјади луѓе.
Хрватскиот режисер Рајко Грлиќ вели дека имал идеја во Грожњан да формира филмски фестивал, но, едноставно, немало слободни термини, па морал идејата да ја пренесе во соседниот Мотовун. И така настанал Мотовунскиот филмски фестивал.
Можеше ли вакво нешто да се направи во Македонија? Се разбира дека можеше. ЈНА, на пример, напушти низа касарни и други објекти, ама тие не беа пренаменети, уште помалку дадени на уметниците, туку (најчесто) урнати и на нивно место изградени енормен број згради. Иако во новата поделба на власта не е предвидено министерство за урбанизам. Или токму поради овој урбанистички хаос, тоа не постои.
Има, се разбира, и напуштени села и други празни простори во Македонија. Ете, на памет ми паѓа некогашниот камп на „Треска“ кај струшкото село Радожда, кој е оставен да пропаѓа со децении. Сѐ додека не се појави некој „инвеститор“ и не изгради некаков „рисорт“. Бидејќи, нели, културен туризам. Или можеби посоодветно звучи: туристичка култура.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија