Според последниот попис од 2011 година, малата српска Општина Тутин, претежно населена со луѓе од бошњачка националност, имала 31.155 жители. Според претходниот попис, одржан 2002 година, Тутин имал 34.000 жители. Според општинските матични книги, во Тутин за цел овој период имало позитивен природен пораст на населението, а миграцијата од општината била минимална.
Како е можно тогаш бројот на населението во овој период да се намали дури за нешто повеќе од десет проценти? Одговорот е во бојкотот на пописот од 2011 година, што тогаш го заговараа некои опозициски партии на малцинствата, пред сѐ на Албанците од Прешево и околината и на Бошњаците од Санџак.
Зошто беше повикот за бојкот на српскиот попис? Па, затоа што овие партии се сомневаа во фалсификување на резултатите и во политички манипулации со нив.
Единствен (полу)рационален мотив за бојкотирање на пописот е токму намалувањето на квалитетот на животот на овдешното население, а потоа таа ситуација да се користи како „аргумент“ во борбата за власт
По завршувањето на пописот и објавувањето на резултатите, овие партии славодобитно констатираа дека бојкотот целосно успеал, додека власта, како што можеше да се очекува, го констатираше токму спротивното – дека пописот во целост успеал. Бидејќи во вакви случаи се знае „чија е последна“, добиените пописни резултати се земени како веродостојни и врз нив се креирани натамошните локални политики.
Од друга страна, успеал пописот или не, политичките права и на Албанците и на Бошњаците во оваа соседна држава не се мрднаа ни милиметар. Ниту напред, ниту назад.
Денес челниците на Тутин, повикувајќи се токму на пресметките базирани врз матичните книги, тврдат дека во време на пописот 2011 во Тутин имало 38.000 жители. Ако веќе политичките и колективните права не претрпеле никакви промени, што тогаш менува разликата од седум илјади луѓе од претпоставената реална цифра до онаа што е запишана во пописните тефтери?
Одговорот на ова прашање минатата година врз свој грб, и тоа прилично драстично, го почувствуваа токму жителите на Тутин, и тоа без оглед на нивната националност.
Имено, според некои нормативи на српските здравствени власти, овие 7.000 „бојкотирачи“ го чинат Здравствениот дом во Тутин околу 30 работни места помалку. Неприлагодениот број на медицинскиот персонал спрема реалниот број жители направи Тутин кон средината на минатата година да биде едно од главните жаришта на корона-вирусот. Здравствениот дом во Тутин мораше да бара на испомош лекари и друг медицински персонал од другите српски градови, но и да ги праќа своите пациенти во други здравствени центри, што во еден момент го доведе до неславното прво место по смртност во Србија и некаде при врвот во Европа.
Некој ќе каже дека овој пример е предрастичен, дека во Европа и во светот од ковид 19 жестоко настрадаа и земји и градови каде што имаше реален попис и каде што се воделе вистински реал-политики, иако последиците од бојкотот на пописот, особено за помалите општини никако не смеат да бидат занемарени.
Кој ќе ги казнува „бојкотирачите“? Попишувачите? Или со секоја пописна комисија ќе следи и еден придружен полицаец со спремен блок мандатни казни?
Примерот со здравството секако е најкарактеристичен за ова време на пандемија, но во однос на бројот на вработени, ист е случајот и со другите јавни служби: полицијата, образованието, правосудството, шумарство…, па и „шалтерската“ администрација.
Челниците на Тутин пресметале дека на овој начин практично се изгубени околу сто работни места „на државна каса“, а како нус-производ на ова се наведува намалувањето на квалитетот на живот, што, пак, води до зголемена миграција на младите кон поголемите градови, но и кон европските земји. Овој маѓепсан круг продолжува со намалување буџетски средства во општинската каса и потоа сѐ одново.
Се разбира, списокот на последиците од бојкотирањето на пописот е многу подолг и опфаќа низа други важни сегменти во животот на луѓето. На пример, еден од критериумите на евентуалните странски инвеститори е токму бројот на населението во одредена општина, односно проценката на квантитетот и можноста за избор на работна сила.
Голем број институционални и вонинституционални грантови исто така се базираат на бројот на населението во одредена област. И инвестирањето во градинки, училишта и средни училишта исто така во голема мера се базира врз проекциите добиени врз база на пописните резултати. Другите инфраструктурни проекти (локални патишта, зеленило, депонии…) не треба ниту да ги споменуваме.
Како што тоа обично се случува, денес во Република Северна Македонија на сила се две пропагандни кампањи. Онаа на актуелната влада за непречено попишување на населението и онаа на опозицијата за бојкот на пописот. Се чини дека и во двете кампањи сосема погрешно се оди на политизација на оваа статистичка операција.
Власта, на пример, најчесто го потегнува аргументот дека пописот е задолжителен и дека следат парични казни за оние што ќе одбијат да се попишат. Тоа деновиве дури го кажа и директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски што е уште еден пример за погрешна комуникација со јавноста за важноста на овој за нас, за жал, историски чин.
Имено, мотивот на присила, поткрепен со казна, колку и да ни звучи ефикасен, во овој случај предизвикува контраефект. Кој ќе ги казнува „бојкотирачите“? Попишувачите? Или со секоја пописна комисија ќе следи и еден придружен полицаец со спремен блок мандатни казни? Зошто власта во оваа своја кампања не го стави фокусот токму на реалните придобивки од пописот за „обичниот“ граѓанин, останува нејасно.
Нејасни се и мотивите на опозицијата за бојкотирање на пописот, освен ако не станува збор за „чисто инаетење“ кон власта. Приказната за фалсификувани резултати никако „не пие вода“, затоа што белки на секој здраворазумски човек во државата му е јасно дека одземање на веќе дадени (политички или колективни) права не можат да се одземат по мирен пат. На крајот на краиштата, пописот не е инструмент за давање или одземање нечии права. Тој евентуално може да биде алиби за некакви непромислени одлуки, а политичката волја е таа што го создава општественото милје. Со попис или без него.
Единствен (полу)рационален мотив за бојкотирање на пописот е токму намалувањето на квалитетот на животот на овдешното население, а потоа таа ситуација да се користи како „аргумент“ во борбата за власт. А борбата за власт секогаш оди на штета на „обичните“ луѓе.
Власта е власт, што би рекол неодамна починатиот Ѓорѓе Балашевиќ, ама пописот е многу поважна статистика.