Да замислиме, велам само да замислиме, судиите и обвинителите да добијат целосна независност и потполна слобода во своите одлуки, дали ќе можеме да очекуваме дека ќе се променат и ќе станат свесни за нивната независност, дури и оние што имаат сомнителна професионална кариера? Дали реформите на институциите, законите, системските решенија… ги реформираат и луѓето што работат или се носители на тие институции?
Лично мислам дека денес судството и обвинителството се прилично понезависни од времето на тефтерите на моќниците и таканаречените сваровски-варијанти. На крајот на краиштата, блиску сум до убедувањето дека случај, каков што е „Рекет“, во времето на Никола Груевски и Михајло Маневски немаше ни воопшто да се случи и јавноста секако немаше да дознае ништо од овие „бизнис ориентед“ скаламуции.
Но, што од тоа? И Специјалното јавно обвинителство беше (и сѐ уште е?) слободно и независно. Конечно, и оваа институција, без оглед на фактот дека е формирана со политичка волја, беше една од перјаниците на реформите во судството, па гледаме како евтино се искомпромитира и ја загуби својата позиција.
По успешното дезавуирање на Специјалното јавно обвинителство, сега гледаме како се (само)минира и Основното јавно обвинителство за борба против корупцијата и организиран криминал
Денес, ете, гонетите од СЈО се главни преговарачи за новиот закон за јавно обвинителство. Речиси никој не е правосилно осуден, а уште помалку отиден на отслужување на затворска казна. Еден од главните осомничени за најголемата финансиска афера во државата, таканаречениот случај „Империја“, Јордан Камчев наводно се одмора во Банско, Бугарија. И, да, она што е сигурно е дека шефицата на СЈО е во притвор.
По успешното дезавуирање на Специјалното јавно обвинителство, сега гледаме како се (само)минира и Основното јавно обвинителство за борба против корупцијата и организиран криминал. Доказите му течат низ ногавици, што би рекол еден поранешен премиер. На крајот, не само што нема да остане институција во која граѓаните ќе имаат доверба, туку нема да остане никаква институција.
Постапка соодветна на старото македонско правило – ако нешто тргне наопаку, тогаш новинарите се виновни! Јас ја разбирам оваа логика. Тоа е постапување по линијата на помал отпор. Имено, ако новинарството (какво и да е: суетно, злонамерно, конструктивно, пропагандистичко…) е навистина виновно за протекувањето на доверливите судски документи (како и за сѐ останато), тогаш навистина нема проблеми – ќе ги тужиме сите новинари и повеќе нема да истекуваат документи.
Ќе ги тужиме новинарите и сигурно повеќе нема онака слободно да се шетаат милион евра во чанта „Луј Витон“ низ Скопје, а не низ платниот промет на земјата. Патем речено, како е можно во правната држава Северна Република Македонија да се шетаат толкави пари без знаење на ниту една државна институција?
Не знам зошто, ама сѐ некако мислам дека веројатно ќе беше поефективно ако премиерот своите критики ги насочеше кон порозното обвинителство, отколку кон опскурните портали и анонимни новинари (на кои, патем речено, на овој начин им се дава незаслужено и предимензионирано значење).
Да, можеме да се сложиме дека порталот каде што е првично објавен исказот на Камчев е крајно сомнителен. Во таа смисла, крајно сомнителен е и начинот на добивањето на овој судски спис, додека произволните заклучоци и конструкции се токму тоа – произволни. А реакцијата на премиерот е – несоодветна. Барем не е во согласност со неговите прокламации за медиумски реформи.
Всушност, и не знам точно што власта подразбира под „медиумски реформи“. Демек „ние не се мешаме во уредувачката политика на медиумите“ е нешто што би требало да се нарече „реформа“!
Она прашање од почетокот на текстот, наменето за позицијата на судиите и обвинителите не е бадијала поставено, ама сега ќе се обидеме да го преформулираме: Дали Владата (Заев) мисли дека, ако не се меша директно во работата на медиумите, новинарите и, уште поважно, газдите, сами од себе ќе се сменат?
Дали Владата (Заев) мисли дека ако ги остави новинарите и медиумите на (не)милоста на неолибералниот пазар, тие ќе станат етички коректни професионалци? Затоа, веројатно, ете, цел мандат не се менува ништо во Јавниот сервис, на пример. Чуден некој начин на разбирање на реформите. Најблаго речено.
Всушност, и не знам точно што власта подразбира под „медиумски реформи“. Демек „ние не се мешаме во уредувачката политика на медиумите“ е нешто што би требало да се нарече „реформа“!
Но, да се вратиме на најавените тужби. Јас го разбирам премиерот Заев, иако не ја разбирам неговата реакција. Да, можеме да се согласиме дека објавувањето непоткрепени (произволни) пропагандистички заклучоци и конструкции може да се подведе под фамозната синтагма „ширење лажни вести“, но дали премиерот знае во кои држави во моментов се судат или се осудени новинари за овој „криминал“. Во САД? Во Германија? Во Франција? Во Шведска? Во Белгија? Или во Турција, Русија, Кина, африканските земји…?
Лажните вести се глобален и опасен феномен. Ниту во најразвиените земји сите новинари и сите медиуми не се етички најбеспрекорни. Напротив. И таму има и жолт печат, и сензационализам и шунд, можеби уште повеќе и сите цивилизирани земји преземаат мерки за нивно спречување, но секако не со „реформски зафати“ од типот „не се мешаме во работата на медиумите и новинарите, ама ќе ги тужиме“.
Можеби би било поцелисходно Владата и премиерот да се позанимаваат малку со начините на отворање медиум, со сопственичката структура, со потеклото на парите со кои се отвора некој медиум), со критериумите што треба да се исполнат за да се води еден медиум итн. Можеби „рекетот“ одамна ќе беше појасен ако државните органи, наместо да прават селфија со наводниот газда, правовремено ги испитаа овие работи во 1ТВ.
Тужибабите никаде и никогаш не биле популарни. Особено не во вака реформираниот судски систем и уште повеќе во вака реформираната медиумска индустрија. Ама, ние ќе им оставиме целосна слобода и потполна независност во нивните одлуки. Дека реформирани!